Блек-метал — екстремен поджанр на хеви-метал музиката. Вообичаено се одликува со брзи темпа, врескави вокали, доста дисторзирани гитари, свирено со тремоло трзање, брзо тропање на тапани, суров звук и невообичаена структура на песните. Во текот на 80-тите години на XX век, повеќе треш метал групи создадоа прототип за блек-метал. Овој таканаречен „прв бран“ вклучува групи како Веном, Батори, Хелхамер и Селтик Фрост. „Вториот бран“ се појави во раните 1990-ти, предводени од норвешките групи како Мејхем, Бурзум, Дарктрон, Имортал и Емперор. Музиката од раната норвешка блек-метал сцена е прерасната во одделен жанр. Првично сметан за синоним за “сатанистички метал”, блек-металот често бил дочекуван со одбивност од преовладувачката култура, во главно заради мизантропските и антихристијанските гледишта на многу од изведувачите. Уште повеќе со тоа што некои од пионерите на жанрот биле поврзани со палежи на цркви и убиства. Поради овие и други причини, блек-металот обично се смета за форма на музика надвор од преовладувачките текови. Освен тоа, некои биле поврзувани со нео-нацизам, но сепак повеќето љубители на блек-металот и најистакнатите блек-метал музичари ја отфрлаат нацистичката идеологија и се противат на нејзиното влијание врз блек-метал субкултура.[1]

Инструментација

уреди
 
Дистројер на Металфест, 2007 г.

Гитаристите од жанрот блек-метал обично се благонаклонети кон остри гитарски тонови и тешка дисторзија. На гитарата обично се свири со многу брзо и непригушено тремоло трзање. Гитаристите често дисонанца – заедно со специфични скали, интервали и акордски прогресии – за да се доловат вознемирувачки и застрашувачки звуци. На пример, интервалот од цели три тона (тритон) е често употребуван. Гитарските сола и ниските гитарски штимови се ретки во блек-металот. Бас гитарата ретко се употребува за самостојни мелодии. Не е реткост присуството на бас гитарата да биде минимално или тешко да се чуе, или хомофонски да се следи бас линијата, одделно од онаа на гитарата. Вообичаено, тропањето на тапаните е брзо и со удари на два бас тапани и со т.н. “blast” удари. Песните од овој жанр во својата структура обично отстапуваат од стандардното структурирање на една песна и во нив често се изоставени рефрените. Наместо тоа, многу блек-метал песни содржат долги и повторувачки инструментални делници.[2]

Вокали и текстови

уреди
 
Настап на Анцестор во Куба, 2010 г.

Традиционалните или „пуристичките“ блек-метал групи обично употребуваат остри и груби вокали кои вклучуваат крештење, врескање и црекање. Овој стил на вокали е влијание од Квортон од групата Батори, и е една од особините кои ги разграничуваат традиционалните блек-метал вокали од оние во дет металот (death metal), коишто обично се одликуваат со подлабоки вресоци. “Блек-метал” (Black metal), првично бил употребуван како израз за екстремни метал групи со сатанистички текстови. Денес, најчестата и основна тема на текстовите е противење на христијанството и другите организирани религии. Како дел од тоа, многу изведувачи пишуваат текстови кои можат да бидат сфатени како промовирање на атеизам, антитеизам, паганство или сатанизам. Одбивноста на многуте секуларни или паганистички изведувачи на некој начин е сврзана со христијанизацијата на нивните земји. Други често истражувани теми се депресијата, нихилизмот, мизантропијата, смртта и други мрачни теми. Сепак, со текот на времето, многу изведувачи почнаа да се фокусираат повеќе на теми како годишните времиња (особено зимата), природата, митологијата, фолклорот, филозофијата и фантазијата. За повеќе информација за текстовите во блек-металот, погледни подолу во делот “идеологија”.

Продукција

уреди

Нискобуџетниот квалитет на звукот беше типичен за раните блек-метал изведувачи со ниски буџети, чиишто записи често се снимале во домовите или подрумите на изведувачите. Сепак, дури и кога биле во можност да го подобрат квалитетот на продукцијата, многу од изведувачите избираа да го задржат нискиот квалитет на записите. Причината за тоа беше да се остане верен на жанрот и неговите “подземни” корени и музиката на биде „посурова“ и „постудена“. Еден од попознатите вакви примери е албумот „Трансилваниски глад“ (Transilvanian Hunger) од Дарктрон – група која е сметана како претставителна на тој аспект од блек-металот, како што е речено од Џонатан Селзер од списанието “Терорајзер”. Многу тврделе дека првично блек-металот не бил замислен да привлече многубројна публика. Вокалистот Гаал во раните години има речено „блек-металот никогаш не бил замислен да стигне до некаква публика, беше само за наше сопствено задоволство“.

Изглед и изведба

уреди
 
Карактеристичен сценски изглед на блек-метал музичарите
 
Германскиот бенд АЕБА
 
Музејот во Рокхејм, посветен исклучиво на блек метал субкултурата

За разлика од изведувачите од другите жанрови, многу блек-метал изведувачи не одржуваат концерти. Групите кои избираат да настапуваат често употребуваат сценски и театарски реквизити. Мејхем и Горгорот, меѓу разни други групи, се запаметени по нивните контроверзни изведби коишто вклучуваат прободени животински глави, исмевачки распнувања, средовековни оружја, како и членовите на овие групи облиени со животинска крв. Блек-метал изведувачите често настапуваат облечени во црно, со борбени чизми, појаси со муниција, шилести стегачи на рацете, обратно свртени крстови, пентаграми, за да се стави нагласок на нивниот антихристијански или антирелигиски став. Меѓутоа, нивната највоочлива особина е нивната црно-бела шминка, наречена “корпс пејнт” (corpse paint, во буквален превод - мртовечка боја или боја за мртовци), често придружена со вистина или лажна крв, за да се долови мртовечкиот изглед. Во раните 1990-ти, најраните блек-метал изведувачи употребуваа едноставни слики во црно-бела техника за обвивките на нивните плочи. Ова можеби било замислено како реакција против групите од дет метал жанрот, кои во тоа време имаа почнато да употребуваат обоени слики и цртежи со светли бои на своите албуми. „Најтврдокорните“ изведувачи од жанрот блек-метал продолжија со тој обичај. Главните обвивки на блек-метал албумите обично се атмосферични или провокативни, некои содржат природни или фантастички пејзажи (на пример албумот “Filosofem” на Бурзум и “In The Nightside Eclipse” на Емперор, додека други се насилни, изопачени, светогрдни и иконокластични (на пример “Fuck Me Jesus” од групата Мардук и “In Sorte Diaboli” од Диму Боргир).

Првиот бран

уреди

Првиот бран блек-метал се однесува на оние групи од 1980-тите години од кои потекна идејата и кои го создадоа прототипот на овој жанр. Често тоа беа т.н. спид (speed) или треш (thrash) метал групи. Изразот „блек-метал“ (black metal) е скован од англиската група Веном (отров) со нивниот втор албум од 1982 година со истиот тој наслов. Иако повеќе сметан за треш, отколку за блек-метал според денешните мерила, текстовите и целокупната визуелна слика околу албумот се фокусирани на антихристијански и сатанистички теми повеќе од било кои пред тоа. Нивната музика беше брза, продукциски неиспеглана, со груби или дречливи вокали. Членовите на Веном исто така имаа прифатено псевдоними, пракса која станува широкоприфатена меѓу музичарите од жанрот. Мрсифул Фејт (Mercyful Fate – милостива судбина) од Данска беше мошне влијателна со своето прифаќање на сатанистичкиот изглед со своите епски композиции и напредно музицирање на нивното истоимено издание и класичните албуми “Melissa” и “Don’t Break The Oath”. Вокалистот Кинг Дајмонд (вистинското име му е Ким Бендикс Петерсен) на сцена настапуваше нашминкан, што е едно од нештата од кои е инспирирано носењето шминка кај групите од вториот бран. Друго поголемо влијание на блек-металот изврши шведската група Батори, водена од Томас Форсберг (под псевдонимот Квортон). Музиката на Батори не само што беше мрачна, брза, изобличена, со низок звучен квалитет и текстуално и визуелно антихристијанска, Квортон исто така беше прв со своите врескави вокали кои го оформија овој музички стил. Оваа група го свири овој стил на своите први четири албуми: Bathory (1984), The Return of Darkness and Evil (1985), Under the Sign of the Black Mark (1987) and Blood Fire Death (1988). Со последниот, како и со албумите што следуваа потоа (Hammerheart и Twilight of the Gods), Батори започна со жанрот кој подоцна станува познат под името “викинг метал”. Други групи кои се исто така сметани за дел од ова движење се Хелхамер и Селтик Фрост (од Швајцарија), творец, Содом и Дистракшн (од Германија), Булдоузер и Дет СС (од Италија), чијшто вокалист Стив Силвестер бил член на Ордо Темпли Ориентис.

Крај на првиот бран

уреди

Во времето на издавањето на албумот “Under the Sign of the Black Mark” на Батори, албумот бил сметан за дет метал плоча. Во петтото издание на своето љубителско списание Слејер (Slayer), Металион ќе напише дека „последната мода на блек/сатанистички групи како да завршила“, традицијата била продолжена од неколку групи како Инкубус и Морби Ејнџел (од САД), Сабат (од Велика Британија), Торментор (од Унгарија) и Саркофаго (од Бразил). Во годините пред издигнувањето на норвешката блек-метал сцена, важни плочи се издадени од Рут и Мастерс Хамер (Master’s Hammer од Чехословачка), Вон (од САД), Бласфеми (од Канада), Ротинг Крајст (од Грција) и Самаел (од Швајцарија). Во северноевропските земји, групите почнаа да ги нарекуваат тие групи како групи од првиот бран. Во Шведска тоа беа Мардук, Дисекшн, Нифелхајм и Абруптум. Во Финска се појавија групи кои го мешаа блек-метал стилот со елементи на дет метал и грајндкор (grindcore), тоа беа Бехерит, Аркгоут и Импејлд Назарен. Во тоа време во САД се појавија групи како Демонси и Профанатика. Во тој период американскиот и шведскиот дет метал беа попопуларни меѓу љубителите на екстремниот метал.

Вториот бран

уреди

Вториот бран на блек метал започна во раните 90-ти и беше предводен од норвешката блек-метал сцена. Во периодот меѓу 1990 и 1994 извесен број на изведувачи започнаа со нов вид на блек-метал музика; тука се вклучени Мејхем, Торнс, Бурзум, Дарктрон, Имортал, Сатирикон, Енслејвд, Емперор, Диму Боргир, Горгорот, Улвер и Карпариан Форест. Тие го развија стилот на нивните претходници од 80-тите како посебен жанр различен од треш металот; ова е делумно благодарение на новиот начин на свирење гитара, развиено од Сноре "Блекторн" Рух од Стигма Диаболикум/Торнс и Ејстајн "Еуронимус" Арсет од Мејхем. Фенриз од Дарктрон им ја припиша оваа иновација неколкупати во интервјуа. Ја опишува како потекло од Батори и потенцира дека "тие рифови станаа нов поредок за многу бендови во 90-те". Како што се гледа подолу, многу членови од Норвешките групи ќе станат одговорни за бранот од криминал и контроверзии, вклучувајќи палење на цркви и убиства. Во рамките на ова, ваква антихристијанска идеологија стана задолжителна за сите оние изведувачи кои сакаа да бидат класифицирани како блек-метал. Исан од Емперор тврди дека овој тренд веројатно преоизлегол просто од "отпорот кон опшеството, спротивставување кон сѐ нормално". Визуелно, мрачните теми од нивната музика беа проследени со специфична шминка со налик на трупови, којашто стана начин на препознавање и разликување на едни "блекметалци" од други во тоа време. За време на 90-тите, блек-метал сцени произлегоа и на Европскиот континент, инспирирани од Норвешката сцена со постари бендови. Во Полска, таа сцена беше предводена од Грејвленд и Бехемот. Во Франција се појави група музичари Ле Легионс Ноар, овде се вклучуваат и изведувачи како Мјутилејшн, Влад Тепеш, Белкетр и Торгајст. Блек Фјунерал, Гранд Билајал'с Киј и Џудас Искариот беа групи кои се појавија во САД.

 
Концерт на Селтик Фрост

Во почетокот на вториот бран, различните сцени развија свои сопствени стилови; Алан "А.А. Немтенга" Аверил вели "постоеја грчки звук, и фински, и норвешки звук, германски и швајцарски групи и слично". До средината на 90-тите стилот на норвешката сцена беше прифатен од бендови сирум светот. Поновите блек-метал групи исто така започнаа со подобрување на продукцискиот квалитет и воведуваа додатни инструменти како синтисајзери и дури цели симфониски оркестри. До доцните 90-ти, “подземната” сцена ја обележаа многу норвешки групи, како Емперор, Имортал, Диму Боргир, Еншент, Ковенант и Сатирикон, како искомерцијализирани и дел од популарната сцена.

Хелвете и Детхлајк Сајленс

уреди
 
Графитот во подрумот на Еуронимус

Во периодот мај-јуни 1991, Еуронимус од Мејхем отвори независна продавница за плочи, Хелвете (пекол на норвешки), во Осло. Музичари од Мејхем, Бурзум, Емперор и Торнс често се среќаваа таму и тоа стана главната продавница за блек-метал изданија. Во својот подрум, Еуронимус формира и своја независна издавачка куќа, Детлајк Сајленс Продакшанс. Заради зголемената популарност на неговата група и други како неа, овој “андерграунд” успех често се смета како заслужен за охрабрувањето на други издавачки куќи кои пред тоа го отфрлале блек-металот, да се согласат да издаваат таков материјал.

Самоубиството на Дед

уреди

На 8 април 1991, вокалистот на Мејхем Пер Ингве "Дед" Охлин изврши самоубиство додека беше сам во куќата што ја делеше со останатите од групата. За разлика од тоа што го опишуваа другите членови како чуден и затворен тип зад сцената, на сцена тој бил сосема поинаков. Се трудел максимално да личи на труп и дури си ги сечел рацете додека пеел.

Најден е со пресечени зглобови и прострелна рана од пушка во главата. Го пронашол гитаристот на Мејхем, Ејстајн 'Еуронимус' Аарсет. Во пораката што ја оставил Дед пред да се самоубие, тој се извинува што употребил огнено оружје внатре во куќата и завршува со "Извинете за крвта". Пред да повика полиција, Еуронимус наводно отишол до блиската продавница и купил фото-апарат за да го фотографира телото откако преместил некои предмети. Една од овие фотографии подоцна беше употребена за насловната обвивка на концертното издание Доун оф д’ блек-хартс (Dawn Of The Black Hearts).

Со текот на времето, се рашириле гласини дека Еуронимус направил чорба со делови од мозокот на Дед и дека направил ѓердан со парчиња од неговиот череп. Групата ја демантираше првата гласина, но ја потврди втората. Освен тоа, Еуронимус дури тврдеше дека ѓерданите ги дал на музичари кои ги сметал за достојни за тоа. Бас гитаристот на Мејхем, Јерн 'Некробучер' Стубберуд, изјавува дека "луѓето станаа посвесни за блек-метал сцената откако Дед се самоуби... Мислам дека самоубиството на Дед навистина ја смени сцената…"

Подоцна, двајца други членови од раната норвешка сцена се самоубија: Ерик 'Грим' Бредрескифт (од Имортал, Боркнагар и Горгорот) во 1999, и Еспен 'Сторм' Андерсен (од Стрид) во 2001.

Палења на цркви

уреди
 
Црковни свеќи и почитувач на блек-металот
 
Запалената црква во Финска, стара повеќе од 700 г.

Музичари и љубители на норвешката блек-метал сцена учествуваа во повеќе од 50 палежи на христијански цркви во Норвешка во периодот меѓу 1992 и 1996. Некои од градбите беа повеќе од стотици години стари и се сметаа за важни историски споменици. Една од поважните и попознати беше норвешката Фантофт дрвена црква. Полицијата сметала дека е запалена од Варг Викернес од едночлената група Бурзум. Насловната обвивка на албумот на Бурзум, Аске (норвешки за пепел), е фотографија од оваа црква после палењето. Во мај 1994 тој беше прогласен за виновен за палење на капелата Холменколен, црквите Скјолд и Асане. За да се совпадне со издавањето на албумот на Мејхем, Де Мустерис Дом Сатанас, Викернес и Еуронимус исто така наводно направиле заговор да ја вивнат во воздух катедралата Нидарос; таа се наоѓа на омотот на албумот. Убиството на Еуронимус што се случи во август 1993 стави крај на овој план и го одложи издавањето на албумот. Музичарите Самот, Фауст (од Емперор) и Јерн Инге Тунсберг (од Хадес Алмигтy) исто така беа осудени за палења на цркви.

Денес, мислењата за палењата на црквите се различни меѓу блек-метал заедницата. Гитаристот Инфернус и поранешниот вокалист Гаал од бендот Горгорот ги поддржуваа палењата на црквите во интервјуа; Гаал изјави "требаше да има уште повеќе, и ќе има уште повеќе". Сепак, Некробучер и Кјетил Манхајм од Мејхем ги осудија палењата; Кјетил Менхејм изјавува "Некои само сакаа да бидат прифатени од строга група блек-метал сцената... сакаа еден вид одобрение и статус".

Убиството на Еуронимус

уреди

На 10 август 1993, Варг Викернес од Бурзум го уби гитаристот на Мејхем, Ејстајн 'Еуронимус' Аарсет. Таа ноќ, Викернес и Сноре "Блекторн" Рух (од Торнс), патуваа од Берген до станот на Еуронимус во Осло. Викернес смртно го прободел Еуронимус. Телото му било пронајдено надвор од станот со 23 рани - две во главата, пет на вратот и 16 на грбот. Се шпекулирало дека убиството било резултат на борба за моќ, финансиски несогласувања во врска со албуми на Бурзум, или обид за надминување на избодувањето во Лилехамер, извршено една година порано од страна на друг блек-метал музичар, Борд 'Фауст' Ајтхун. Викернес тврди дека Аарсет подготвувал заговор да го мачи до смрт и да го сними настанот, искористувајќи состанок во врска со некаков непотпишан договор како изговор. На ноќта на убиството, Викернес тврди дека планирал да му го предаде потпишаниот договор на Еуронимус и "да му каже да се ‘откачи’ од него", но Еуронимус го нападнал прв. Викернес додава дека повеќето рани на Еуронимус биле предизвикани од скршено стакло на коешто тој паднал за време борбата. Фауст и останатите членови се сомневаат во веродостојноста на таа приказна. Кои и да беа околностите, Викернес беше уапсен по неколку дена и во мај 1994 беше осуден на 21 година затвор (максималната казна во Норвешка) за убиството и 4 палења на цркви. Викернес беше насмеан кога беше изречена пресудата и фотографијата беше широко распространета низ медиумите. Тој месец беше издаден албумот на Мејхем, Де Мистерис Дом Сатанас; Еуронимус свири на електрична гитара, а Викернес - на бас гитара. Пред издавањето, семејството на Еуронумус побарало од тапанарот на Мејхем, Хелхамер, да се отстрани бас линијата снимена од Викернес. Хелхамер вели „Мислев дека е соодветно убиецот и жртвата да се на истиот запис. Реков дека ќе ги преснимам бас делниците, но никогаш не го направив тоа“. Во 2003, Викернес не успеа да се врати во затворот Тøнсберг откако му било дозволено напуштање на краток период. Бил повторно уапсен додека возел украден автомобил со различни типови оружје. Викернес е ослободен условно во 2009.

Конфликт меѓу сцените

уреди

Се говорело дека имало силно соперништво меѓу норвешката блек-метал сцена и шведската дет метал сцена. Фенриз и Чорт одбележуваат дека на норвешките блек-метал музичари „им е преку глава од целата дет метал сцена“ и дека „дет металот бил многу непопуларен во Осло“ во тоа време. Бројни пати Еуронимус упатувал смртни закани на некои од попознатите дет метал групи во Европа. Наводно, група на љубители на норвешкиот блек-метал дури и кроеле план за грабнување и убивање на некои шведски музичари од дет метал жанрот. Имало и краткотрајно непријателство меѓу норвешката и финската сцена во 1992 и 1993. Тоа непријателство било делумно мотивирано од навидум безопасни закачки, на пример Нуклиар Холокауст од финската група Бехерит му се јавувал среде ноќ на Самот од Емперор (во Норвешка) и Мика Лутинен од Импејлд Назарен (во Финска), Повиците содржеле бесмислено дрдорење и пуштање на детски песни, иако Лутинен верувал дека тоа биле смртни закани од норвешки групи. Имено, на насловната обвивка на албумот “Tol Cormpt Norz Norz Norz“ на Импејлд Назарен е испишано „не се прифаќаат порачки од Норвешка“, а на задната страна е напишано „Смрт за норвешките копилиња“. Финската група Блек Крусификшн ги критикуваат Дарктрон за „трендовска“ заради тоа што Дарктрон првично започнала како дет метал група.

Стилска поделба

уреди
  • Симфоничен блек-метал – поджанр на блек-металот во којшто се употребуваат симфониски или оркестарски елементи. Тоа може да вклучува и инструменти кои се користат во симфониските оркестри (пијано, виолина, виолончело, флејта и клавијатури), “чисти” или оперски вокали и помалку дисторзирани гитарски звуци.
  • Викиншки метал е стил во којшто нордискиот блек-метал стил се комбинира со нордиска фолк музика и митологија. Викиншкиот метал често има суров метал звук кој може да биде „надополнет со тажни клавијатурски мелодии“. Вокалите обично се мешавина од високо врескање и „чисто“ хорско пеење. Сепак, терминот „викинг метал“ може исто така да се употреби за опис на било која блек-метал група кои употребуваат викиншки елементи или теми во својот стил, текстови, изглед или изведба. Изворната идеја за викиншкиот метал може да се препознае во албумите како “Blood Fire Death” (1988) и “Hammerheart” (1990) од шведската група Батори.
  • Паганскиот метал спојува влијанија од блек-металот или од фолклорниот метал со претхристијански традиции. Норвешките групи како Ин д’ вудс е една од првите групи кои се најчесто сметани за пагански метал. Во средината на 1990-тите, ирските групи како Круачан и Примордиал почнаа да комбинираат блек-метал со ирска фолк музика.
  • Блекенд дет метал (исцрнет дет метал) е стил кој претставува комбинација меѓу дет метал и блек-метал. Примери за ваквиот стил на музика се Белфегор, Бехемот, Акеркок и Сакраментум.
  • Блек-дум, исто така познат како блекенд дум, е стил којшто претставува комбинација меѓу дум метал (doom metal) и блек-метал. Вакви групи се Форготен Тум и Вудс оф Ајпрес.
  • Вор метал или воен метал, исто така познат како воен блек-метал, е агресивен и хаотичен блек-метал стил, опишан од новинарот на “Рок хард” (Rock Hard) Волк-Ридигер Милман како “свиреп” и “ударен”, инспириран од групи од првиот бран, како Батори, Веном, Позест и Содом, како и од стари грајнкор, блек- и дет-метал групи како Рипалшан, Аутопси, Саркофаго и првите две изданија на Сепултура. Вакви групи се Бласфеми, Аркгоут, Импајати, Ин батл и Зајклон-Бе

Идеологија

уреди

Првиот бран носел сатанистичка слика за себе, повеќето од бендовите биле идеолошки поврзани со сатанизмот; со вториот бран, сатанизмот како идеологија го дефинирал блек-металот. Бендовите што се поврзувале себеси со блек-метал се генерално против христијанството. Артисти кои се противат на христијанството имаат тенденција да промовираат атеизам, антитеизам, паганство или сатанизам.

Во норвешки документарец, Фенриз вели дека „блек-металот е индивидуализам пред се“, а артистите имаат тенденција да поддржуваат индивидуализам, иако следбениците на Еронимус имаат тенденција да поддржуваат анти-индивидуализам. Според главната теза на Бенџамин Хедге Олсон, „блек-металот се одликува со конфликт меѓу радикален индивидуализам и групен идентитет и преку обидот за прифаќање на двете спротивности во исто време“. Повремено артистите пишуваат текстови кои изгледаат нихилистички и мизантропски, иако се дебатира дали тоа го претставува нивниот менталитет. Во некои случаи блек-метал артистите поддржуваат и романтичен национализам. Како и да е, голем број блек-метал артисти трагаат по одразување на своите околности со својата музика. Документаристот Сем Дан забележал дека во норвешката сцена „како никоја друга метал сцена, културата и местото се дел од музиката и сликата“. ВО еден напис во Chronicles of Chaos се вели дека „главна одлика на речиси сиот блек-метал е фасцинацијата со минатото“. Со оглед на тоа, Арон Вивер од Wolves in the Throne Room рекол во едно интервју: „Мислам дека блек-металот е уметничко движење кое ја критикува моденроста на фундаментално ниво, велејќи дека на модерниот свет му недостига нешто“.

Што се однесува до звукот на блек-металот, постојат две конфликтни групи во жанрот: „тие што се верни на корењата на жанрот и тие што воведуваат прогресивни елементи“. Првите веруваат дека музиката секогаш треба да биде минималистичка – изведувана само со стандардна гитара, бас и тапани, и да е помалку квалитетно снимена. Еден поддржувач на ова е Блејк Џад од Nachtmystium, кој одбива да му го нарекуваат бендот блек-метал поради отстапувањето од типичниот звук на овој жанр. Сноре Рух од Thorns, пак, вели дека модерниот блек-метал е „премногу ограничен“ и верува дека тоа „не била идејата на почетокот“. Ерик Хорнер од бендот Throne of Malediction од Монтана, САД, вели „Јас лично сметам дека блек или екстремниот метал има нешто што може да се нарече „мода“ што го прави вистинска „уметност“. Иако голем број бендови го засноваат врз сатанистичко верување, јас не се согласувам дека е тоа единствениот начин да се прави „блек-метал“. Блек-металот за мене е чиста емоција и индивидуалност. Тоа е жанр каде убави пијано компоцизии може да се спојат со пискави ѕверски вокали и чисти гитари. Што се однесува до мене, нема граница“.

Некои проминентни музичари во таа сцена тврдат дека на блек-металот не му треба никаква идеологија. На пример, Јан Аксел Бломберг во едно интервју за Metal Library: „Според мене, блек-металот денес е само музика“. Слично, Сигурд Вонгравен рекол во документарецот Murder Music дека блек-металот „не мора да биде сатанистички, сè додека е мрачен“. Еден напис во списанието Slayer ги нападнал музичарите дека „повеќе се грижат за своите гитари отколку за суштината врз која целиот концепт е заснован“, и тврдел дека „самата музика не им е првиот приоритет“.

Сатанизам

уреди

Блек-металот првично бил употребен како термин за екстремни метал бендови со сатанистички текстови, иако повеќето бендови од „првиот бран“ употребували сатанизам само за да шокираат; еден од неколку те исклучоци е пејачот Кинг Дајмонд од Mercyful Fate, член на Сатанистичката црква, кого Мајкл Мојнихан го нарекол „еден од ретките изведувачи на сатанистички метал од 80-ти, кој е повеќе од само позер со ѓаволски изглед за да шокира“.

Гитаристот Еронимус на Mayhem бил централната фигура во утврдувањето на идеологијата за норвешката блек-метал сцена. Тој и неговите следбеници го одбиле Антон Лавеј и Сатанистичката црква, и наместо тоа промовирале мизантропско обожување на ѓаволот. Бенџамин Хедге Олсон напишал дека ја трансформирале квазисатанистичката театралност на Веном во форма на културно изразување уникатно за разлика од другите форми на метал или сатанизам“ и „го напуштиле обичните идентитети и амбиции на другите форми на метал во корист на религиозен и идеолошки фанатизам“. Бендовите кои не биле теистички сатанисти, не се сметале за „блек-метал“ според Еронимус и други битни членови на норвешката сцена. Во тоа време, бендовите со норвешки стил, но без сатанистички текстови, имале тенденција да употребуваат други термини за нивната музика. Дене сите се проминенти музичари, како Инфернус, Ариок и Ерик Даниелсон, кој инсистира дека сатанизмот треба да биде пред се. Некои бендови се префрлиле од сатанизам кон паганство; бидејќи блек-металот традиционално се дефинира со сатанизам, „за многу пуристи во блек-металот ова подоцнежно придвижување го дисквалификува еден бенд како „блек“, и наместо тоа го сместуваат под други варијанти, како паган, викинг, трол, форест и сл“.

Неблек-метал

уреди

Неблек-метал, или христијански блек-метал, се употребува како термин за опишување на музика која звучи музички слично на блек-металот но каде артистите, текстовите и изгледот промовираат христијанство. Првиот албум на австралискиот бенд Horde, наречен Hellig Usvart, издаден преку Nuclear Blast Records, честопати е нарекуван првиот христијански блек-метал албум, иако неговиот единствен член, познат како Анонимус, вели дека „имало и слични бендови како неговиот пред времето на Horde, дури и во Норвешка“, упатувајќи на бендови како што е Antestor, формиран ов 1990, иако пред 1993 биле дет/дум бенд со различно име, Crush Evil. Hellig Usvart предизвикал голема контроверза на блек-метал сцената, и водачите на Nucelar Blast Records почнале да добиваат смртни закани со барање да ги посочат имињата на членовите на бендовите. Името Анонимус подоцна се поврзало со Џејсон Шерлок, тапанар за бендовите Mortification и Paramaecium.

Многумина од блек метал сцената гледаат кон „христијанскиот блек-метал“ како оксиморон. Во британскиот документарец Murder Music: A History of Black Metal од 2007, сите интервјуирани музичари рекле дека блек-металот не може да биде христијански. Терминот „христијански блек-метал“ влече исмевања од блек метал музичарите, на пример, Мартин Валкиер од англискиот метал бенд Sabbat искоментирал: „Христијански блек-метал? И што прават тие? Градат цркви? Ги поправаат? (смеење)“. Сепак, голем број сегашни неблек-метал бендови како што е Crimson Moonlight сметаат дека блек-металот сега е променет од идеолошко движење во чисто музички жанр, и дека затоа својата музика ја нарекуваат блек-метал.

Национал-социјалистички блек-метал

уреди

Национал-социјалистичкиот блек-метал (НСБМ) е термин што се употребува за артисти кои промовираат наци верувања преку својата музика. НСБМ не се смета како посебен под-жанр, бидејќи не може да се свири блек-метал на национал-социјалистички начин. Некои блек-метал бендови упатуваат на Нацистичка Германија само за да шокираат, со што погрешно ги идентификуваат како НСБМ. Поради овие пишувања и десничарските погледи, Варг Викернес се смета како главната инспирација за таквите движења во сцената, НСБМ движења. Викернес, сепак, се обидел да се дистанцира од нацизмот и НСБМ сцената, претпочитајќи да се смета како „одалист“ наместо „социјалистички“, „материјалистички“ наци.

НСБМ артистите се малцинство во блек-металот, според Матијас Гардел и Бенџамин Хедге Олсон. Критикувани се од некои проминентни влијателни блек-метал музичари, вклучувајќи ги Јон Недтвеидт, Торментор, Кинг оф Хел, Инфернус, Лорд Ариман, Емперор Магус Калигула, Ричард Ледерер, Мајл В. Форд и членовите на Arkhon Infaustus. Нацизмот го карактеризираат како христијанството, како авторитарен, колективистички менталитет за „овци“.

Наводи

уреди
  1. Black Metal "Општо за блек металот"Black Metal Albums Архивирано на 30 декември 2008 г.
  2. Ehow "Инструменти кои ги користат блек метал бендовите"Instrument used in black metal