Бисексуалност
Бисексуалноста е една од можните сексуални ориентации. Бисексуалноста е потенцијал личноста да почувствува сексуална привлечност и да се вклучи во емотивна и сексуална врска со луѓе од двата пола. Бисексуалната личност не мора да биде подеднакво привлечена од страна на давата пола, а степенот на привлечност може да варира со текот на времето.
Не постои општа согласност за разбирањето на бисексуалноста. Така, на пример, бисексуалноста значи поседување на одлики на обата пола; кај Фројд секој е потенцијален бисексуалец, додека Колеман бисексуалноста ја дели на неколку димензии: карактеристично однесување, содржина на сексуална фантазија и емоционална поврзаност. Поединците можат да ја доживеат бисексуалноста на различни начини: како деца или адолесценти, како ситуациско или транзиторно искуство (изолација на едниот пол од другиот) или при промена на сексуална ориентација; или пак оние кои едноставно се декларираат како бисексуалци, односно кои имаат потреба од секс со обата пола за да се чувствуваат исполнети.[1]
Перцепцијата на себеси е клуч на бисексуалниот идентитет. Многу луѓе имаат сексуални односи со луѓе од двата пола, но сепак не се идентификуваат себеси како бисексуални. Други луѓе, пак, се вклучуваат во сексуални односи само со луѓе од едниот пол или немаат воопшто сексуални односи а сепак себеси се сметаат за бисексуални. Не постои ниту еден "тест" кој може да одреди дали е некој бисексуален или не.
Бисексуален идентитет
уредиНекои луѓе веруваат дека една личност се раѓа како хетеросексуална, хомосексуална или бисексуална (на пример, благодарение на пренаталните хормонални влијанија) и дека тој нивни идентитет е наследен и непроменлив. Други веруваат дека сексуалната ориентација се должи на социјализацијата (на пример, имитирањето или одбивањето на родителските модели) или на свесниот избор (на пример, избирањето на лезбејството како дел од политичкиот феминистички идентитет). Трети, пак, веруваат дека сите овие фактори се во интеракција. Затоа што се биолошките, социјалните и културните фактори различни за секоја личност, затоа е и сечија сексуалност многу поединечна, било да се бисексуални, геј или лезбејки, хетеросексуални или асексуални луѓе во прашање.
Многу луѓе претпоставуваат дека бисексуалноста е само фаза низ која луѓето поминуваат. А всушност и секоја една сексуална ориентација може да биде само фаза. Луѓето се различни и поединечните сексуални чувства и однесување се менуваат со текот на времето. Создавањето и консолидацијата на сексуалниот идентитет е процес кој трае. Затоа што луѓето се генерално социјализирани како хетеросексуалци, бисексуалноста е состојба која многумина ја доживуваат како дел од процесот на откривање на сопствената хомосексуалност. Многумина почнуваат да се идентификуваат како бисексуалци после периодот на геј или лезбејска идентификација. Бисексуалноста, како и хомосексуалноста и хетеросексуалноста, може да биде преоден чекор во процесот на сексуално откривање или пак стабилен, долгогодишен идентитет.
Колку е честа бисексуалноста?
уредиНа ова прашање не е лесно да се одговори затоа што постојат само мал број истражувања на оваа тема. Повеќето студии на тема сексуалност се фокусирани на хомосексуалноста или хетеросексуалноста. Според Кинсиевите извештаи од 50-тите, од 15 до 25% од жените и 33 до 46% од мажите можат да бидат бисексуални, врз основа на нивните искуства или објектите на привлекување. Бисексуалците се на многу начини сокриена популација. Во западните култури генерално се претпоставува дека е личноста или хетеросексуална или хомосексуална. Затоа што бисексуалноста не се вклопува во овие стандардни категории, често е порекнувана или игнорирана. Кога ќе се препознае, бисексуалноста често се гледа како "дел хетеросексуален или дел хомосексуален", а не како посебен идентитет.
Бисексуални врски
уредиБисексуалците, како и сите луѓе, имаат различни видови на врски. Спротивно на општиот мит, бисексуалната личност нема потреба во исто време да биде во полов однос и со маж и со жена. Напротив, некои луѓе кои себеси се идентификуваат како бисексуалци, цело време имале односи само со едниот пол. Како и хетеросексуалните и хомосексуалните луѓе, така и многу бисексуалци бираат да бидат активни само со еден партнер и да имаат долги врски. Други бисексуалци можат да имаат отворени бракови кои дозволуваат врски со партнери од истиот пол, тричлени врски или повеќе партнери истовремено.
Важно е само да се има слободата на избор на сексуалните или емотивните врски, кои се правилни за луѓето кои се во нив вклучени, без обзир на нивната сексуална ориентација.
Белешки
уреди- ↑ „Водич во феминистичката и родовата терминологија“. Здружение на граѓани Акција Здруженска, Скопје. 2007-05-30. Архивирано од изворникот на 2007-10-08. Посетено на 2007-06-22.