Бељот – игра со карти популарна во некои делови на Македонија (особено во Битола), Србија, Хрватска, Бугарија и Босна и Херцеговина, а се игра ширум светот.

Бељот
Бељот ромбељот на спати
ПотеклоФранција
Видадутска игра
Играчи4
Потребни вештиниБроење карти, стратегија
Возраст8-80
Карти32
Играобратно од стрелките на часовникот
Чинослед на картитеJ 9 A 10 K Q 8 7 (адути)
A 10 K Q J 9 8 7 (неадути)
Траење30 min - 45 min.

Бељотот може да се игра со двајца, тројца или четворица, но најдобро е да се игра со четворица, додека со двајца или тројца се игра во случај да недостасуваат играчи.

Правила

уреди

Правилата на бељотот се многу слични на француската игра со карти белот, и еврејската игра клобјош, но со одредени разлики.

Секоја партија бељот (без разлика на бројот на играчи) се состои од делење, одредување адути, пријавување, играње и броење на бодовите. Овде се опишани правилата според кои бељотот се игра во Битола.[1],[2]

Делење и одредување адути

уреди

Оваа игра се игра со 32 карти (ас, крал, дама, џандар, X, IX, VIII, VII) кога се игра со четворица, а со 24 карти (седумките и осумките отпаѓаат) кога се игра со двајца и тројца играчи. По мешањето, делачот му го нуди шпилот на играчот од лева страна на сечење (истиот може да сече или со удар на раката на шпилот да даде знак дека може да дели без сечење). Картите се делат во обратна насока од насоката на стрелките на часовникот.

Игра со двајца

уреди

Секој играч добива по три карти со лице завртени надолу, потоа во следниот круг уште три карти (вкупно шест карти). Потоа делачот отвора една карта, односно ја врти со лицето нагоре.

Се подигаат првите шест карти и се пристапува на одредување адути. Предност има оној играч кој не делел. Откога добро ќе ги погледа своите карти, играчот одлучува дали ќе ја земе таа карта, односно одредува адут да биде онаа боја на карти која е на картата што е свртена нагоре, или ќе рече „понатаму“.

Во случај да каже „понатаму“, играчот кој делел добива иста можност која може да ја прифати или одбие. Доколку двата играчи одбијат адут да биде бојата која е на понудената карта (не е земена на прво), право за одредување адут повторно добива играчот кој не делел (можност за земање на второ). Тогаш тој може да избере која друга боја ќе биде адут, или може по вторпат да рече „понатаму“. Во случај да каже „понатаму“, играчот кој делел ја добива истата можност да избере друга боја која ќе биде адут или да одбие. Доколку и тој не се одлучи да избере друга боја за адут, делењето се растура и се преминува на ново делење. Нов делач е другиот играч.

Доколку за адут се одреди бојата која е понудена (картата што е свртена нагоре), делачот дели трета рака карти – две за оној што ја зел, а по три за другите двајца.

Доколку за адут се одреди друга боја (не понудената), тој што ја дефинирал бојата на адутите, ја зема понудената карта може да се земе или да се остави. Делачот дели трета рака, така што играчите имаат вкупно по 9 карти. Преостанатите карти од шпилот не играат.

Игра со тројца

уреди

Секој играч добива по три карти со лице завртени надолу, потоа во следниот круг уште две карти (вкупно пет карти). Потоа делачот отвора една карта, односно ја врти со лицето нагоре.

Се подигаат првите пет карти и се пристапува на одредување адути. Предност има играчот десно од делачот. Откога добро ќе ги погледа своите карти, играчот одлучува дали ќе ја земе таа карта, односно одредува адут да биде онаа боја на карти која е на картата што е свртена нагоре, или ќе рече „понатаму“ и препушта на следниот играч да може да ја прифати или одбие понудената боја за адут. Доколку и вториот играч ја одбие понудената карта за адут, шанса да ја прифати или одбие понудената боја за адут добива делачот. Доколку и тој одбие да ја земе, следува втор круг при што по наведениот редослед, играчите може да изберат друга боја за адут. Доколку ниеден од играчите не ја земе и „на второ“, делењето се растура и следи ново делење од следниот играч.

Доколку некој од играчите ја земе понудената карта „на прво“ или „на второ“, делачот дели трет круг карти, при што на тој што ја зел му дели две, а на останатите по три карти.

Игра со четворица

уреди

Главно обележје на играта со четворица е дека се игра во парови. Двата спротивставени карташки парови имаат за цел да соберат што повеќе бодови, со тоа што парот кој го одредил адутот (го зел делењето) мора да извади најмалку половина плус еден бод од вкупната игра.

Секој играч добива по три карти со лице завртени надолу, потоа во следниот круг уште две карти (вкупно пет карти). Потоа делачот отвора една карта, односно ја врти со лицето нагоре.

Се подигаат првите пет карти и се пристапува на одредување адути. Предност има играчот десно од делачот. Откога добро ќе ги погледа своите карти, играчот одлучува дали ќе ја земе таа карта, односно одредува адут да биде онаа боја на карти која е на картата што е свртена нагоре, или ќе рече „понатаму“ и препушта на следниот играч да може да ја прифати или одбие понудената боја за адут. Доколку и вториот играч ја одбие понудената карта за адут, шанса да ја прифати или одбие понудената боја за адут добива третиот играч и на крајот делачот. Доколку и тој одбие да ја земе, следува втор круг при што по наведениот редослед, играчите може да изберат друга боја за адут. Доколку ниеден од играчите не ја земе и „на второ“, делењето се растура и следи ново делење од следниот играч.

Доколку некој од играчите ја земе понудената карта „на прво“ или „на второ“, делачот дели трет круг карти, при што на тој што ја зел му дели две, а на останатите по три карти.

Пријавување и вадење

уреди

Под „пријавување“ се подразбира низа карти кои играчот ги има в раце, а кои му носат дополнителни бодови. Постојат четири вида комбинации за пријавување:

1. Четири исти карти:

  • 4 џандари: 200 бода
  • 4 деветки: 150 бода
  • 4 аса, крала, дами и десетки (десетките се појаки од кралевите и дамите): 100 бода

Четири осумки и четири седумки не вредат ништо.

2. Низа карти во иста боја (од 3 до 5 карти). Комбинацијата за подредување на низата е следната: ас, крал, дама, џандар, десетка, деветка, осумка и седумка.

  • 3 карти во низа во иста боја вредат: 20 бода
  • 4 карти: 50 бода
  • 5 карти: 100 бода
  • Шест или седум карти во низа во иста боја се вреднуваат исто како и низа од пет карти, 100 бода.

4. Бељот-ромбељот, се нарекува случајот кога играчот в раце ги има кралот и дамата адути. Бељотот вреди уште додатни 20 бода.

Пријавувањето како и вадењето (да им се покаже на другите играчи) мора да се изврши најдоцна пред затворање на третата рака. Играчот е должен да праша дали некој има поголема пријава (на пр. Оди ли 50?). Пријавувањето му се признава само на оној кој има најголема пријава, дури и во случај ако друг играч има вкупно повеќе пријави. Во игра во парови (четворица играчи) доколку едниот партнер има највисока пријава, се признаваат и помалите вадења од другиот партнер.

Низа од пет карти е појака од четири исти карти (освен седумките и осумките). Меѓу две низи кои содржат ист број карти, предност има онаа низа која содржи повисока карта. Подредувањето на низите оди по следниот редослед: седум, осум, девет, десет, џандар, дама, крал и ас. Ако двете низи со ист број карти имаат и иста највисока карта, предност има играчот кој е поблиску до делачот според редоследот на делење.

Играчот кој ги има дамата и кралот адути, пријавува „бељот-ромбељот“ кога првпат ќе фрли една од овие две карти при што мора да рече „бељот“. При фрлањето на другата карта се вели „ромбељот“. Ова не е задолжително.

Играње

уреди

Играта ја започнува првиот играч десно од делителот. Го следи следниот играч до него кој не само што мора да ја почитува бојата која е фрлена (да одговори со истата боја), туку „треба да фрли карта која е поголем од претходно фрлената карта“. На пример, ако првиот играч фрли осумка пик, а следниот играч в раце држи седумка и десетка пик, тој на осумката мора да ја фрли десетката, а не седумката. Тоа е таканаречено правило на „качување“ (секој следен играч мора да се наткачи на претходно фрлената најголема карта). Раката ја зема оној кој има најјака карта и тој е на ред за играње за следната рака.

Доколку некој играч нема карта да одговори на бојата, тогаш фрла адут (се вели „цака“ или „сече“). Ако нема ни адут, дури тогаш може да фрли која било карта. После „цакање“ повеќе не важи правилото за „качување“, односно следните играчи треба да одговорат на првично бараната боја, но не мора да фрлаат повисоки карти од неа. На пример: адут е срце (купа), првиот играч фрла осумка пик, следниот играч нема пик за одговор, па фрла некое срце (цака). Следниот играч во рацете има ас и седумка пик. Слободно ја фрла седумката пик, бидејќи правилото за фрлање појака карта (качување) не важи кога некоја боја се цакне со адут. Раката ја зема тој што цакнал.

Ако се прекрши кое било од наведените правила, на противникот/противниците им се пишуваат 162 бода (збир на вредностите на сите карти), плус сите пријави во текот на тоа делење. Делењето завршува и се оди на ново делење.

Броење

уреди

Броење со четворица играчи

уреди

Секој пар ги собира рацете кои ги зел. Парот кој ја зел последната рака добива дополнителни 10 бода („сон“). Доколку еден пар не зел ниедна рака, тој е „чаљо“ и на противникот му се пишуваат плус 100 бода, но не се смета „сонот“. На пример во чиста игра, игра во која нема „извадено“ ништо, парот кој не зел ниедна рака добива нула, а противникот добива 152 бода и дополнителни 100 бода за чаљото.

Парот кој ја зел играта, мора да собере најмалку половина плус еден бод од вкупниот број бодови за да му се пишат бодовите. Во „чиста игра“ (игра во која немало вадење) вкупниот број на бодови изнесува 162 бода. Во овој случај парот кој ја зел играта треба да собере 82 бода за да помине, во спротивното партијата е „продадена“ и сите бодови им се пишуваат на противниците (162 бода).

Збирот на бодовите во играта расте доколку во делењето имало „вадење“. Сите вадења се придодаваат на 162. Ако имало вадење 20, играта изнесува 182 и парот мора да собере 92 бода за да ја извади играта. Ако имало вадење 50, играта изнесува 212 и парот мора да собере 107 бода за да ја извади играта, итн.

Доколку двата пара имаат еднаков број бодови (на пр. 81 со 81) играта „виси“. На оној што ја зел играта не му се пишуваат бодови, а на противникот му се пишуваат. Наредната игра одлучува дали оној што ја зел играта ќе си ги добие тие бодови или истите ќе му се пишат на противникот. За таа цел тој пар треба во следното делење да ја земе играта и да ја извади.

Броење со двајца играчи

уреди

Со оглед дека не играат сите карти, играчот кој го зел делењето треба да собере повеќе од противникот. Доколку противникот собере повеќе, бодовите од двајцата се пишуваат кај него.

Броење со тројца играчи

уреди

Во игра со тројца играчи, играчот кој ја зел партијата треба да освои повеќе поединечно од секој од останатите двајца играчи.

Вреднување на картите (бодови)

уреди

Вредност на картата
Адути Неадути
Џандар 20 Ас 11
Деветка 14 Десетка 10
Ас 11 Крал 4
Десетка 10 Дама 3
Крал 4 Џандар 2
Дама 3 Деветка 0
Осумка 0 Осумка 0
Седумка 0 Седумка 0

Победа

уреди

Победува оној кој прв собере 1001 бод. Доколку партијата е тесна и во едно делење двата пара или играчи ја поминат бодовната граница од 1001 бод, победува оној кој собрал повеќе бодови.

Бељотот во уметноста

уреди

Наводи

уреди
  1. Бељот симбол на битолчани на семрежната страница на Бабам Битола
  2. „Како се игра бељот“. Архивирано од изворникот на 2022-04-14. Посетено на 2019-09-14.
  3. Бељот, ромбељот, адут и чаљо