Бабин Заб
Бабин Заб | |
---|---|
Поглед на врвот Бабин Заб | |
Висина | 1.850 м |
Место | Македонија |
Венец | Баба Планина |
Прво освојување | непознато |
Бабин Заб – врв на Баба Планина. Висок е 1.850 метри и се наоѓа западно од Битола, над селото Брусник.
Теренската уникатност при искачувањето на Бабин Заб изобилува со природна раскошност и неповторлив поглед кој се отвора кон поголем дел од масивот Баба со нејзиниот главен врв Пелистер.
Се тргнува од Битола накај Брусничка населба, оттаму по асфалт до селото Брусник. Од селото се тргнува по прилично обрасната патека која е делумно маркирана на одредени места. Првиот дел од патот е најубав, искачувањето, по Брусничка Река, низ букова шума. На околу 30 минути над селото ја има една од најинтересните чешми која може да се сретне. Водата извира од под една голема карпа, и со тек на време има прокопано доволно колку да се влезе под карпата.
После околу еден час пешачење се прогледува Бабин Заб и почнува зимзелена шума. По петнаесетина минути одење се отвора поглед кон Пелистер, и за триесетина минути се стигнува на врвот. Тука се отвора поглед кон Неолица, Скрково и Муза. Искачувањето може да продолжи кон Неолица или кон Орлови Бари и Големо Езеро.
Наводи
уреди- ↑ Бабин Заб - тивкиот убавец на Баба Планина[мртва врска] на семрежното место на 10без10