Афера Драјфус

(Пренасочено од Аферата Драјфус)


Аферата Драјфус била политички скандал кој го поделил француското општество во периодот од раните 1890-ти до раните 1900-ти. Во центарот на аферата бил младиот артилериски капетан од еврејско потекло Алфред Драјфус, кој во 1894. бил осуден на доживотен затвор за предавство иако немало доволно докази за тоа. Тој бил испратен на отслужување на казната на Ѓаволскиот остров во Француска Гвајана. Претходно, Драјфус бил амбициозен и успешен офицер кој бил на тренинг во генерал-штабот на армијата.

Драјфус бил деградиран на официјална церемонија пред Военото училиште (École Militaire) во Париз.
Обвинувам! - написот од Емил Зола предизвикал жестоки дебати во франција и во светот.

Две години подоцна, во 1896., вистинскиот виновник бил откриен - тоа бил мајорот Фердинанд Валсин Естерхази. И покрај тоа, високите воени власти на Франција ги отфрлиле или ги игнорирале новите докази кои го ослободувале Драјфус од вината. Така, воениот суд во 1898. година едногласно го ослободил Естерхази од вината уште пред судењето да започне. Уште полошо, француски контра-разузнавачи фалсификувале документи кои требало да ја потврдат вината на Драјфус за шпионажа во корист на Германија.

Благодарение на интервенцијата на писателот Емил Зола, со објавувањето на писмото Обвинувам! во кое ги изложил сите овие настани, аферата излегла во јавноста. Писмото било во форма на отворено писмо до претседателот на Франција Феликс Форе. Емил Зола бил осуден за клевета поради писмото во јуни истата година, но наместо да оди во затвор пребегнал во Лондон каде што останал до падот на владата во октомври 1899. Покрај тоа, му било одземено и одликувањето „Легија на честа“. Написот предизвикал жестоки реакции и дебати во Франција, но и во цела Европа: на едната страна биле луѓето кои претпочитале општествена еднаквост, а на другата оние кои сметале дека на Драјфус не може да му се верува бидејќи е евреин.

Случајот морал да биде преиспитан, и Драјфус бил вратен од Гвајана за повторно судење во 1899. Му било понудено и помилување, но тој претпочитал да биде целосно рехабилитиран. На повтореното судење се покажало дека обвинувањата против Драјфус се без основа и тој бил ослободен и во 1906. вратен во армијата и унапреден во чин мајор. Подоцна служел во француската армија во текот на целата Прва светска војна и ја завршил службата со чин потполковник.

Ефектите од аферата Драјфус се двојни:

  1. На виделина се изнел антисемитизмот кој бил присутен во Франција, но и во другите земји во Европа. Тој кулминирал со холокаустот во Втората светска војна. Како реакција, се појавил ционизмот - единственото трајно решение за евреите да се ослободат од дискриминацијата го гледале во формирањето на сопствена држава.
  2. Преку интервенцијата на Емил Зола, се покажала силата на влијанието на интелектуалците во општеството - тој успеал да покрене јавна дебата за човековите права и да помогне во ослободувањето на невино осудениот офицер.

Извори

уреди