Ауфхебунг (германски: Aufhebung) е германски збор со неколку, само навидум, противречни значења. Според професорот Љубомир Цуцуловски тие зборови можат да значат: „укинување, задржување и подигнување“.[1]

Поимот ауфхебунг кај Г.В.Ф. Хегел

уреди

Воопштено, зборот означува надминување, односно остварување. Изразот, во филозофијата, првенствено го употребува Георг Вилхелм Фридрих Хегел, означувајќи надминување со зачувување, односно, преминувањето на членовите во дијалектичката тријада (теза-антитеза-синтеза) од еден во друг, со зачувување или задржување на позитивната содржина од претходниот член на дијалектичкиот процес кај духот. Хегеловата филозофија на историјата ја потенцира важноста на негативното (антитезата) во историјата — тука спаѓаат војните, и сл, но не само тоа. Неговата замисла за историскиот напредок следи дијалектичка спирала, каде тезата ѝ е спротивставена на антитезата, која пак самата е сублирана од синтезата. Синтезата ги укинува, меѓутоа и ги зачувува тезата и антитезата, па се чини дека е очевидно противречие. Токму овој момент од Хегеловото разбирање на поимот ауфхебунг ја илустрира тешкотијата при неговото толкување и презицно преведување.

Марксовото преземање на поимот ауфхебунг

уреди

Подоцна, овој поим го презема Карл Маркс и го применува, пред сè, на планот на историјата, во рамките на неговото материјалистичко толкување на историјата. На конкретен план тоа значи дека повисоките општествено-историски формации не претставуваат апстрактна/гола/празна негација на претходните општествено-историски формации, туку, задржувајќи го во себе сето што во нив има(ло) право на натамошно историско постоење, го подигаат на повисоко ниво. Така, на пример, капитализмот не претставува гола, апстрактна негација на федуализмот, туку негово задржување/надминување на повисоко ниво. Особено е интересна Маркосвата анализа за односот помеѓу пролетаријатот и филозфијата, во неговиот текст Прилог кон критиката на Хегеловата филозофоија на правото. Во него тој тврди: “Филозофијата не може да се оствари без укинување на пролетаријатот, пролетаријатот не може да се укине без остварување на филозофијата.“ Значи, станува збор за дијалектичко укинување/остварување на филозофијата и пролетаријатот. Наедно, тоа значи дека укинувањето (негацијата) не значи смрт, туку раѓање/подигање на нешто ново од старото. Нешто слично може да се забележи и во живиот, биолошки свет: повисоките животински форми во себе ги задржуваат сите елементи од претходната форми на живот. Тоа значи дека во нив не се укинати пониските форми на живот од кои настанале, туку само нивно продолжување/усовршување. На пример, човекот не е проста негација на приматите од кои настанал, туку во него се вклучени сите нивни позитивни елементи, кои имале биолошко оправдување за своето понатамошно постоење. Меѓутоа, сега подигнати на повисоко ниво, онака како што и кај возрасниот е вклучено некогашното дете, кое се развило во возрасен човек во кого, во вистинската смисла, може да се сознане она што кај него некогаш било дадено само во форма на зародиш. Тоа значи дека претходното, дека пониските форми на постоење до својата вистина - Хегел би рекол до својот поим - доаѓаат дури преку својата негација. Во оваа смисла треба да се разбере Марксовата забелешка дека анатомијата на човекот е клучот за разбирањето на анатомијата на мајмунот, бидејќи тој (мајмунот) до своето остварување, што значи и подигање, доаѓа дури кај човекот, сеедно што токму тој е неговата негација.

Списанието Aufheben

уреди

По овој поим е именувано британското либертаријанско марксистичко списание Аufheben[1], кое почнува со излегување есента 1992 година. Него го сочинуваат и со него соработуваат бројни левоорентирани поединци и групи, антивоено ориентирани и критичари на многу потези, кои водат кон општа дестабилизација. Една од основните цели на списанието е борба против секој вид догматизирање на Марксовата мисла.

Наводи

уреди
  1. „Замајувања - Љубомир Цуцуловски“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2008-05-16. Посетено на 2008-06-02.