Атентат врз Тодор Паница

Атентатот врз Тодор Паница бил извршен на 8 мај 1925 година во Бургтеатарот во Виена. Убиството било спроведено од страна на Менча Карничева по налог на раководството на ВМРО.

Предисторија

уреди

Уште во текот на 1918 година, на пат за Минхен, Карничева се запознала со Магдалена Измирлиева, сестра на жената на Тодор Паница. Подоцна, во 1920 година, при нејзиното бањско лекување од ревматизам, се запознала и со семејството Паница.

Раководството на ВМРО, пред сè Иван Михајлов, сакало да го искористи нејзиното пријателство со семејството Паница, за извршување на атентат врз Тодор Паница, кој од страна на ВМРО бил обвинет за убиството на Иван Гарванов и Борис Сарафов во 1907 година, за комунистичка дејност и обвинение дека како федералист се ставил во српска служба.

Менча Карничева започнала да прави планови за неговото убиство уште во текот на 1923 година, но поради честите заболувања била спречена во тоа. Но веќе во летото 1924 година, атентаторката купила револвер за таа цел и планирала да го изврши убиството по свадбата на Магдалена Измирлиева за извесниот Бумбаров. Вистинската можност и се укажала во месец мај 1925 година.

Атентатот

уреди
 
Тодор Паница
 
Менча Карничева

На 7 мај 1925 година Менча Карничева ги поканила брачниот пар Бумбарови и Паница наредниот ден да отидат во Бургтеатарот, на претставата Пер Гинт, што од нивна страна било со задоволство прифатено. Заговорничката ја презела обврската за купување на билетите сè со цел да се осигури дека во критичниот момент Тодор Паница ќе биде со неа во истата ложа. Така на 8 мај, вечерта двата брачни парови, Карничева и Јане Богатинов за време на претставата се сместиле во ложата број 2, од десната страна близу до сцената.

По почетокот на претставата, Менча Карничева и го дала резервниот билет задруга ложа на Магдалена Бумбарова што специјално го купила за да ги отстрани Бумбарови од нивната ложа и откако и сопругот на Магдалена по извесно време заминал од таму, Карничева се нашла точно зад столицата на Тодор Паница. Од левата страна седела неговата жена, а десно Богатинов. Во моментот кога на сцената се одвивал делот кога Пер Гинт се враќал дома со коработ, се создала голема врева од музиката што го следела дејствието и тоа бил погодниот момент за атентаторката.

Часот бил некаде околу 10, кога користејќи ја темнината во салата, Менча Карничева го извадила револверот од чантата и истрелала два куршуми кон Паница. На излегување од ложата, истрелала уште пет куршуми, со кои покрај убиениот Тодор Паница, ги ранила и жена му и Богатинов [1].

Истрага и судски процес

уреди

На излегување од ложата Карничева била фатена од еден прислужник, без давање на отпор, додека лекар ја констатирал смртта на Тодор Паница. При увидот направен од страна на официјалните австриски полициски власти, кај Тодор Паница биле пронајдени, револвер, извесна сума на пари и српски пасош со лажно име Димитар Арнаудовиќ. Атентаторката Карничева веднаш била затворена, но поради влошеното здравје до судењето била префрлена во еден санаториум.

Процесот против Менча Карничева започнал на 30 септември 1925 година, а за нејзини бранители од страна на ВМРО биле ангажирани едни од најдобрите адвокати во Австрија, д-р Рихард Пресбургер и д-р Игнац Курт Розенфелд.

По судскиот процес на 2 октомври 1925 година била донесена пресудата, според која Менча Карничева за стореното дело се осудувала на осум години затвор. Меѓутоа од Врховниот суд во Виена таа била прогласена за неспособна да ја одлежи казната и по сила на тоа решение била ослободена и според пресудата и тамошните законски прописи, веднаш била екстернирана од границите на Австрија.

По враќањето во Софија во 1926 година, Менча Карничева се венчала со водачот на ВМРО, Иван Михајлов, со кого лично се познавала уште од порано.

Извори

уреди
  1. Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год