Алеф (дело на Борхес)
„Алеф“ (шпански: El Aleph) — збирка раскази на аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес од 1949 година, а дополнета во 1952 година.
Содржина
уредиЗбирката содржи 18 раскази и епилог:[1]
- „Бесмртниот“
- „Мртовец“
- „Теолозите“
- „Приказна за воинот и за заробената“
- „Биографија на Тадео Исидоро Крус (1829-1874)“
- „Ема Сунс“
- „Куќата на Астерион“
- „Другата смрт“
- Deutsches requiem“
- Потрагата на Авероес“
- „Захир“
- „Ракописот на богот“
- „Абенхакан Бохари, умрен во својот лавиринт“
- „Двајцата кралеви и двата лавиринта“
- „Чекање“
- „Човекот на прагот“
- „Алеф“
Осврт кон книгата
уредиВо епилогот на збирката, напишан во Буенос Аирес, на 3 мај 1949 година, Борхес дал куси забелешки во однос на расказите: темата за „Ема Сунс“ му ја дала Сесилија Инхениерос; дека „Бесмртниот“ претставува нацрт на етика за бесмртни; дека главниот лик во „Умрениот“ претставува дива верзија на Sunday од Честертон; дека расказот „Теолозите“ е меланхоличен сон за личниот идентитет; дека „Другата смрт“ е фантазија за времето; дека „Deutsches requiem“ е посветен на трагичноста на германската судбина; а во „Захир“ и „Алеф“ се забележува влијание од расказот „Кристалното јајце“ на Велс. Подоцна, во 1952 година, Борхес ја дополнил збирката со четири нови раскази: „Абенхакан Бохари, умрен во својот лавиринт“, „Двајцата кралеви и двата лавиринта“, „Чекање“ и „Човекот на прагот“.[2] Инаку, некои од расказите во збирката Борхес им ги посветил на своите пријатели: расказот „Бесмртниот“ е посветен на Сесилија Инхениерос, „Приказна за воинот и за заробената“ на Урлике фон Килман, „Куќата на Астерион“ на Марта Москера Истман, „Потрагата на Авероес“ на Вали Зенер, „Ракописот на богот“ на Ема Рисо Платеро, а „Алеф“ на Естела Канто.[3]
Изданија на македонски јазик
уредиВо 2015 година, збирката била објавена на македонски јазик, во издание на „Бегемот“, во рамки на едицијата „Ars magna“, а во тираж од 300 примероци. Преводот од шпански јазик го направил Ненад Велковски; ликовното уредување на книгата е дело на Бојан Димитриевиќ; а јазичната редакција ја направил Филип Димевски. Книгата била преведена со финансиска помош на програмата за преводи „Сур“, на Министерството за надворешни работи и култура на Република Аргентина, а била испечатена во „Печатницата Наумовски“ од Скопје. Книгата, со димензии од 18 сантиметри и со обем од 161 страница, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-23-9.[4]