Аз, буки, веди...
„Аз, буки, веди...“повест за животот на солунските браќа Кирил и Методиј — роман за деца од македонскиот писател Видое Подгорец. За првпат, книгата била издадена во 1969 година.
Автор | Видое Подгорец |
---|---|
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | повест |
Издадена | 1969 |
Медиум | печатено издание |
Содржинa
уредиРоманот се состои од 11 глави, а дејствието го раскажува омнисцентен раскажувач. „Аз, буки, веди... е романизирана биографија на солунските браќа Кирил и Методиј, апостолите на културниот развој на Словените, мисионери на христијанството и создавачи на глаголицата, најстарата словенска азбука. Видое Подгорец со ова свое дело, насловено со првите три букви од азбуката, дава исклучителен придонес кон приближувањето на десеттиот век, како и осветлувањето на вистинските заслуги на Кирил и Методиј пред денешните деца. На едноставен и лирски начин се оживеани ликовите на светите браќа, на нивните (не)пријатели и ученици, а целиот поширок културен и временски контекст е предаден на многу разбирлив и приемлив начин. Историските факти се проткаени низ текстот со широко познавање што не ја оптоварува романизираната биографија, туку само ја поткрепува и ја збогатува. Со оваа книга на Подгорец, Кирил и Методиј, како и создавањето на глаголицата, а потоа и нејзиното развивање во кирилица, им се приближуваат на децата од најубавата страна: од страната на книжевноста.“ - напишано е во изданието на Арс Ламина од 2021 година.[1] Секоја од главите има свој стихуван пролог. Првата глава е наречена Малиот роб Ангелариј го дава воведот и средбата на Константин со Ангелариј и почетокот на нивното пријателство. Втората глава се вика Мудроста на вековите каде се раскажува за изборот на школувањето на Константин во Цариград. Третата глава - Љубовни искушенија, раскажува за великодушната понуда која Константин ја одбива за да може да се посвети на науката. Четвртата глава Од Херсон до Кавказ ги раскажува мисиите на кои Константин Филозоф бил испратен кај Хазарите и Сарацените. Петтата глава насловена Во манастирот Полихрон раскажува за барањето на кнезот Ростислав да бидат испратени словенски учители во неговото кнежество Моравија. Шестата глава Аз, буки, веди... раскажува за создавањето на глаголицата и преведувањето на важните списи за описменување на Словените. Седмата глава Пиратски брод е за патувањето кон Моравија и препреките кои браќата и нивните следбеници мораат да ги поминат. Осмата глава Во Моравија -недоверба, е за тешкиот пат да се освои срцето на напатениот словенски народ. Деветтата глава Магијата на писмото е за мисионерската задача на браќата да се описменат што повеќе Словени. Десеттата глава Смрт во Рим е борбата на браќата за одбрана на својот труд и борбата против тријазичната ерес, но и за крајот на животот на Константин, кој го зел монашкото име Кирил. Единаесеттата глава Крајот на мисијата раскажува за поразот кој го претрпува мисијата, смртта на Методиј и прогонството на следбениците на браќата. Тука се дава и судбината на учениците Ангелариј, Климент и Наум. Климент и Наум преживуваат и го фрлаат семето на буквите на тлото на Македонија ја каде создаваат својата охридска книжевна школа.
Изданија на книгата
уредиПовеста „Аз, буки, веди...“ има доживеано голем број изданија, како:
- Прво издание од 1969 година
- Издание од 1990 година: Во 1990 година, книгата била објавена како издание на издавачката куќа: „Наша книга“. [3]
- Издание од 2021 година: Во 2021 година, книгата била објавена како издание на издавачката куќа: „Арс Ламина- публикации Либи“ со употреба на посебен фонт за лесна читливост и е препорачано од Здружението за дислексија Ајнштајн и Филозофскиот факултет- Скопје. Во изданието има вклучено и биографија на авторот и речник на помалку познати зборови. [4]
Наводи
уреди- ↑ Видое Подгорец, Аз, буки, веди, Арс Ламина- публикации Либи, Скопје, 2021.
- ↑ Видое Подгорец, Аз, буки, веди, Арс Ламина- публикации Либи, Скопје, 2021.
- ↑ Видое Подгорец, Аз, буки, веди: Повест за животот на солунските браќа, Наша книга, Скопје, 1990.
- ↑ Видое Подгорец, Аз, буки, веди: Повест за животот на солунските браќа, Арс Ламина, Скопје, 2021.