Јоже Улчар е роден во 1915 година на Блед, Словенија. Гимназија завршил во Крањ во 1934 година, а во 1938 година дипломирал со одличен успех на Филозофскиот факултет во Љубљана на групата математика. По завршените студии, работел како суплент, а потоа како гимназиски професор, во гимназиите во Мурска Собота, Струмица, Призрен, Битола и Скопје. По ослободувањето бил директор на гимназијата во Битола. При основањето на Филозофскиот факултет во Скопје во 1946 година, станал еден од првите универзитетски предавачи. Во 1954 година е избран за доцент, во 1959 за вонреден професор, а во 1964 година за редовен професор. Хабилитирал во звањето универзитетски наставник со трудот За неинцидентните страни на некои политопи. Во учебните 1963 до 1965 година бил проректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Починал во 1967 година.

Д-р Јоже Улчар потекнува од љубљанската математичка школа на професорот Јосип Племел и професорот Антон Жупанчич. По доаѓањето на Филозофскиот факултет во Скопје, тој ја презема наставата по предметите од геометриските дисциплини: аналитичка геометрија, проективна и дескриптивна (нацртна) геометрија, диференцијална геометрија, како и основи на геометријата, а го водел и курсот елементарна геометрија. Во почетокот, според укажаната потреба, држи курсеви по алгебра и диференцијално и интегрално сметање. тој е автор на поголем број стручни и научни трудови, меѓу кои: Елементарно-геометриски пресликувања и групен принцип во геометријата, За еднодимензионалните комплекси, во кои доаѓа до израз неговата математичка култура, јасност и прецизност на излагањето, особини кои им ги пренесува и на своите студенти. Посебно добар е неговиот учебник Аналитичка геометрија со векторска алгебра, кој е прв од таков вид со векторско излагање и кое поради својот квалитет излезе во второ, непроменето издание. Поради своето големо искуство во средношколската настава, д-р Јоже Улчар помагал многу и во стручната проблематика на средните училишта, па бил многу често ангажиран од тогашното Министерство за просвета[1].

Совршен и педантен стилист, наставник од највисока класа, тој ја донесе математиката од светските простори во нашата средина и ги облагороди нашите умови и срца. Досега е ненадминат предавач, дидактичар, методичар и организатор на наставата.

Литература

уреди
  • ПМФ 1946-1996, монографија.

Наводи

уреди
  1. „Ulčar, Jože“. slovenska-biografija (словенечки). Посетено на 23.01.2021. Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)