Ѕвезда пред главната низа

Ѕвезда пред главната низа (ПГН или PMS, од анг. pre-main sequence star) — ѕвезда во развојна фаза пред да ја достигне главната низа. Во претходната етапа, телото било протоѕвезда која примила повеќе маса од обвивката сочинета од околуѕвездена прашина и гас. Откако ќе ја оддува оваа обвивка, ѕвездата станува оптички видлива и се јавува на родната линија во Херцшпрунг-Раселовиот дијаграм. Сега ѕвездата ја насобрала речиси сета нејзина маса, но сè уште не почнала со согорување на водородот (т.е. негово јадрено соединување). Потоа таа се стега, внатрешната температура ѝ расте сè додека не почне да го согорува водородот на главната низа од нулта старост. Овој период на стегање е имено предглавнонизната фаза.[1][2][3][4] ПГН-телата можат да бидат T Tau-ѕвезди ако имаат помалку од 2 сончеви маси (M), или Хербигови Ae/Be-ѕвезди, ако имаат 2 до 8 M. Ѕвездите со уште поголема маса немаат предглавнонизна фаза бидејќи се стегаат пребргу како протоѕвезди. Кога ќе станат видливи, водородот во нивните средишта веќе се соединува и со тоа се главнонизни тела.

Изворот на енергија кај ПГН-телата е гравитациско стегање, наспроти согорувањето на водородот кај главнонизните ѕвезди. На Херцшпрунг-Раселовиот дијаграм, предглавнонизните ѕвезди со преку 0,5 M прво одат вертикално надолу долж Хајашиевите патеки, а потоа налево и горизонтално долж Хењиевите патеки, за на крај да запрат во главната низа. Оние со помалку од 0,5 M се стегаат вертикално по Хајашиевата патека во текот на целиот развој.

ПГН-ѕвездите можат емпириски да се распознаат и различат од главнонизните со мерење на нивната површинска гравитација според спектарот. ПГН-телото има поголем полупречник од главнонизна ѕвезда со иста маса и затоа има и помала површинска гравитација. Иако се оптички видливи, ПГН-телата се ретки во споредба со главнонизните, бидејќи нивното стегање трае само 1 отсто од времето потребно за соединување на водородот. Во раниот дел на ПГН-фазата, највеќето ѕвезди имаат околуѕвездени дискови во кои се одвива планетообразба.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Richard B. Larson (10 септември 2003). „The physics of star formation“ (PDF). Reports on Progress in Physics. 66 (10): 1669–1673. arXiv:astro-ph/0306595. Bibcode:2003RPPh...66.1651L. doi:10.1088/0034-4885/66/10/r03. S2CID 18104309.
  2. Neil F. Comins; William J. Kaufmann III (2011). Discovering the Universe. стр. 350. ISBN 978-1-4292-5520-2.
  3. Derek Ward-Thompson; Anthony P. Whitworth (2011). An Introduction to Star Formation. Cambridge University PressХњ. стр. 119. ISBN 978-1-107-62746-8.
  4. Stahler, S. W.; Palla, F. (2004). The Formation of Stars. Weinheim: Wiley-VCH. ISBN 978-3-527-40559-6.