Стадион Никола Мантов

фудбалски стадион во Кочани

Градски стадион „Никола Мантов“фудбалски стадион во Кочани со сместивост од околу 4.000 гледачи. На него играат екипите на Осогово и машката и женската екипа на Кочани.

Градски стадион „Никола Мантов“
Поглед кон источната трибина
Карта
Поранешни имињаГрадски стадион Кочани
АдресаКочани
Македонија
Координати41°54′30″N 22°24′23″E / 41.908356° СГШ; 22.406394° ИГД / 41.908356; 22.406394
СопственикОпштина Кочани
ОператорФК Осогово
ВидФудбалски стадион
СместивостОколу 4,000
Големина на теренот106 м × 70 м
ПовршинаТрева
Изградба
Отворен1952 (1952)
Проширен1980 (источна трибина)
1994 (западна трибина)
Корисници
ФК Осогово, ФК Кочани, ЖФК Кочани

Општи податоци уреди

Стадионот е сместен во јужниот дел на Кочани, има две трибини: источна со 2.750 места за седење (во употреба од 1980 година) и западна трибина со околу 1.250 места за седење. Од 1994 година, околу една третина од западната трибина е покриена.

 
Просториите под западната трибина.

Во подтрибинскиот простор на источната трибина е сместен ресторан со сместивост од 340 места, во чиј состав работи и мотел со 22 двокреветни соби. Во склоп на западната трибина се клупски простории, соблекувални, бањи, канцеларии, сала за состаноци, прес сала, сала за стрелиште и други помошни простории. Во продолжение на главниот терен за игра, на јужната страна, се протега и помошен терен за тренинзи. Стадионот има сала за вежбање од 60 м2.[1]

Историја уреди

Историја на стадионот уреди

 
Поглед кон западната трибина, 2006 година.

Стадионот бил отворен во 1952 година, односно за сезоната 1952/53. Тогаш била изградена старата западна трибина со сместивост од 800 седишта. Во 1962 година, фудбалскиот терен добил свој дренажен систем. Поради застареност на западната трибина, во 1980 година била изградена источната трибина со околу 2.750 места за седење. На крајот од 80-те години, западната трибина била срушена,[2] а во 1994 година, била изградена сосема нова западна трибина со околу 1,250 места.[3]

Во октомври 2016 година, започнале активностите за обновување на стадионот како соработка помеѓу Општина Кочани и ФФМ.[4] Во март 2017 година, започнало поставувањето на новиот систем за наводнување.[5]

Во април 2019 година, стадионот бил подновен со нови столчиња на западната трибина.[6] Следниот месец, ФК Осогово ги подарил старите столчиња, на ФК Брегалница Голак од Делчево.[7]

Во ноември 2022 година, стадионот ја добил својата просторија за фитнес и вежбалница. Уредувањето на просторот и опремата била обезбедена од Здружението „Никола Мантов“.[1]

Име на стадионот уреди

 
Никола Мантов.

Во 1973 година, ФК Осогово играл во тогашната Македонска републичка лига (трето ниво на натпреварување во поранешна Југославија). Таа сезона, во рамките на 34-то коло, на 1 јули 1973 година, Осоговци биле домаќини на средбата со ФК ФАС 11 Октомври од Скопје. Во 10-та минута од првото полувреме, при резултат 1:0 за домаќините, како последица од срцев удар, на теренот како покосен паднал 23-годишниот фудбалер на Осогово, Никола Мантов - Мендиз. Младиот играч, студент на втора година на Машинскиот факултет во Битола, веднаш бил префрлен во болницата во Кочани, но лекарите можеле само да ја заклучат смртта. Главниот судија Ратко Ѓорѓиоски од Прилеп веднаш го прекинал натпреварот, а присутните 2.000 гледачи по соопштувањето на жалната вест, со насолзени очи го напуштиле стадионот.[3]

Во својата кратка фудбалска кариера Мантов одиграл 59 првенствени и уште толку куп натпревари, играјќи на позициите лев бек и лево крило. Постигнал повеќе голови, а за целиот период на активно играње фудбал добил само еден жолт картон.[8]

Во знак на сеќавање на овој играч, стадионот го добил неговото име и тоа бил единствениот стадион во Македонија кој воопшто носи име на еден фудбалер, сè до промената на името Градскиот стадион Велес во Стадион Зоран Паунов во јуни 2019 година.

Службеното давање на името на стадионот било направено на седница на Советот на Општина Кочани.[9][10], одржана на 30 април 2014 година, на која советниците од сите политички партии гласаа едногласно за предлогот.[3]

Поважни натпревари уреди

Меѓународни натпревари уреди

Датум Натпреварување Домаќин Гостин Резултат Гледачи
7 септември 1994 Квалификации за европско првенство 2016 под 21 година Македонија Данска 5–3[11] 6,000

Домашни натпревари уреди

Датум Натпреварување Домаќин1 Гостин1 Резултат Гледачи
23 мај 2019 Женски куп на Македонија 2018/2019 - финале[12] Драгон 2014 Тиверија 3–1[13]

1 Номинален домаќин и гостин

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 „Навивачи на ГФК „Осогово" опремија сала за фитнес и теретана и ја подарија на нивните фудбалери“. faktor.mk. 6 ноември 2022. Архивирано од изворникот на 24 ноември 2022. Посетено на 20 септември 2023.
  2. Александра (18 јануари 2015). „Западна трибина - 60-ти год“. oldkocani.do.am. Архивирано од изворникот на 22 јули 2022. Посетено на 21 септември 2023.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Стадион“. ФК Осогово. Архивирано од изворникот на 9 април 2018. Посетено на 24 септември 2019.
  4. Симеончо Стоиков (4 октомври 2016). „Започна реконструкција на стадионот „Никола Мантов" во Кочани“. gol.mk. Архивирано од изворникот на 5 октомври 2016. Посетено на 20 септември 2023.
  5. „Почна монтирањето на системот за наводнување на градскиот стадион „Никола Мантов" во Кочани“. a1on.mk. 1 март 2017. Архивирано од изворникот на 20 септември 2023. Посетено на 20 септември 2023.
  6. „„НИКОЛА МАНТОВ" ВО НОВО РУВО: ПОСТАВЕНИ СТОЛЧИЊА НА ТРИБИНАТА НА СТАДИОНОТ ВО КОЧАНИ…“. sportmedia.mk. 21 април 2019. Посетено на 20 септември 2023.
  7. „ФК „Брегалница Делчево" доби донација столчиња од ФК „Осогово". vecer.press. 29 мај 2019. Архивирано од изворникот на 20 септември 2023. Посетено на 20 септември 2023.
  8. 80 години фудбал во Кочани“, м-р Методиј Хаџипаунов, 2005 година
  9. „Советот руши рекорди, усвои 50-тина точки за неполни два часа“. kanal8.mk. 30 април 2014. Архивирано од изворникот на 2019-09-24. Посетено на 24 септември 2019.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  10. Градскиот стадион се именува во „Никола Мантов“[мртва врска], портал Комарец
  11. Симеончо Стоиков (12 октомври 2016). „Од Данска во Кочани во 1994 до Шкотска во Скопје во 2016!“. gol.mk. Архивирано од изворникот на 17 октомври 2016. Посетено на 2 декември 2017.
  12. „„Никола Мантов" блесна – третолигашот Осогово има стадион за кој пола прволигаши може да му подзавидат“. sportclub.mk. 22 мај 2019. Архивирано од изворникот на 20 септември 2023. Посетено на 20 септември 2023.
  13. „ЖФК Драгон 2014 го освои Купот на Македонија за жени“. ekipa.mk. 23 мај 2019. Архивирано од изворникот на 23 мај 2019. Посетено на 20 септември 2023.

Надворешни врски уреди