Клермонскиот собор претставува црковен собир кој се одржал во градот Клермон во 1095 година.

Папата Урбан II повикува на поход кон Светата земја

Во 1095 година папата Урбан II свикал црковен собор во францускиот град Клермон. По завршувањето на соборот тој истапил со свечен говор пред огромната маса прост народ, рицари и духовништво повикувајќи ги на оружје за да го отргнат од рацете на „неверниците“ „гробот господов“. На сите учесници во походот им било ветено потполно простување на гревовите, а на оние кои ќе загинат - рај на небото. Папата укажал и на материјалните придобивки што ги очекуваат војниците на исток: „оние што се тука кутри и бедни таму ќе бидат радосни и богати“ изјавил Папата. Повикот на Урбан II нашол жив одзив меѓу насобраното население. Неговиот говор бил прекинуван со извиците: „Господ така сака“. Многумина од насобраниот народ веднаш дале заклетва дека ќе одат во поход во знак на што пришиваат крст на своите алишта.

Идејата за поход на Исток била поддржана од страна на феудалците: војната им ветувала нови земји и богата добивка. Црквата им дава на крстоносците значајни привилегии. Тие се ослободуваат од плаќањето на долговите, а нивниот имот и семејствата преминуваат под заштита на црковните институции. Ситните рицари веднаш „примаат крст“ само за да не ги плаќаат долговите. Сепак значаен дел од рицарите не е рамнодушен и кон религиозните цели на акцијата. Во тоа време религијата владее со умовите и ослободувањето на „христијанските светилишта“ во Палестина симболизира во претставите на феудалецот подвиг, во којшто неговите религиозни побуди се сливаат со освојувачките стремежи.

Говорот на Урбан II ги дигнал на нозе и закрепостените селани. Повикот на папата којшто споменува за фантастично плодородие на земјата на Исток, за тоа дека бедните таму ќе станат богати, ги покренува во селските маси надежите за подобар живот и слобода од омразениот гнет. По Клермонскиот собор по порака на Урбан II агитацијата за војна со „неверните“ насекаде водат епископите, свештениците и монасите. Со најголема популарност меѓу простиот народ се здобива монахот Петар Пустиник, којшто го повикува простиот народ од Северна и Средна Франција, а исто така и од Германија околу реката Рајна да учествува во походот. Така, во 1096 година бил одржан првиот поход кон Светата земја, наречен Прва крстоносна војна.

Наводи уреди

Скаскин Д. и други. (1970). Историја на средниот век, том 1, Скопје (стр. 252)


 
Крстоносни војни
 
Портал:Крстоносни војни