Прво послание на апостол Петар

книга од Новиот завет во облик на послание

„Прво послание на апостол Петар“ — книга од Новиот завет во која авторот се претставува себеси како Апостол Петар. Во завршниот дел од посланието се вели дека е напишано од Вавилон, што можеби се однесува на Рим. Упатено е кон „избраните придојдени“ во Мала Азија кои страдаат од верски прогонства.

Авторство уреди

Авторството на ова послание традиционално му се припишува на апостолот Петар бидејќи така е претставен во текстот (1,1). Сепак, повеќето од стручњаците сметаат дека тоа е дело на некое друго лице, судејќи по јазикот, датирањето, стилот и структурата на посланието.[1][2][3] Многумина забележуваат дека авторот на делото е формално образован во реторика и филозофија, и напредно го владее грчкиот,[4] што е малку веројатно за еден галилејски рибар.

Новозаветниот библист Греем Стентон го отфрла Петар како автор бидејќи ова послание најверојатно е напишано во времето на Домицијан (81), кога прогонот на христијаните зел голем замав, долго по смртта на Петар.[5] Поскорешни библиски како Травил Вилијамс велат дека посланието не зборува за официјални прогони од римската држава, па така не мора да значи дека тоа не е напишано порано.[6]

Друг проблем со датирањето е чинот што текстот вели дека е напишан од „Вавилон“ (5,13), што во ранохристијанско време значело Рим. Меѓутоа, поистоветување се појавило дури по римската опсада на Ерусалим и уништувањето на храмот во 70 г. Некои стручњаци се убедени дека 1 Петар е неврзан со Павловите посланија, што значи дека е напишан дури по службата на Апостол Павле бидејќи дели многу теми со оние изложени во Ефесјаните, Колосјаните и Пастирските посланија.[7]

Трети велат дека има повеќе смисла посланието да му се припише на Павле.[6] Една теорија во прилог на Петар е т.н. „секретарска хипотеза“, според која посланието е диктирано од Петар, но напишано на добар грчки од неговиот секретар Силван (5,12). Џон Елиот смета дека 5,12 укажува на тоа дека Силван бил писмоносец, а не секретар во овој случај.[8] Сепак, Силвановата улога на секретар не е исклучена; Синодалниот православен македонски превод од 2006 г. вели: „По Силван, нашиот верен брат, како што мислам, ви го напишав ова кратко послание, за да ве утешам и уверам дека ова е вистинската Божја благодат. Останете цврсто во неа!“[9], но динамичната верзија на Баптистичката црква на Македонија од 1999 г. вели „Ова кратко писмо ви го пишувам со помош на Силван...“[10] Некои сметаат дека Марко бил секретар кој учествувал во срочувањето и пишувањето на делото.[11][12]

Од друга страна, некои библисти изложуваат аргументи дека постојат доволно докази за Петровото авторство на посланието. На пример, постојат сличности меѓу 1 Петар и Петровите говори во библиската книга „Дела на светите апостоли“,[13] алузии на неколку кажувања на Исус што подразбираат лично сведоштво (на пр. споредувајќи ги Лука 12,35 со 1 Петар 1,13, Матеј 5,16 со 1 Петар 2,12 и Матеј 5,10 со 1 Петар 3,14),[14] и раното сведоштво за Петар како автор кое може да се најде во 2 Петар (60–160 г.)[15] and Посланијата на Климент (70–140 г.)[6]. Како и да е, Петровото авторство на посланието и понатаму е спорна тема.

Примачи на посланието уреди

Посланието е упатено кон „избраните придојденици“ распрснати по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија. Петте области наведени во 1,1 се римските провинции во Мала Азија каде живееле верниците на кои им се обраќа авторот. Редоследот по кој се дадени можеби одговара на патот по кој одел писмоносецот. Примачите на писмото во 1,1 се нарекуваат „расеани придојденици“. Во 1,17, тие се поттикнувааат да го поминуваат времето на својот живот во страхопочит.[5] Општествениот состав на читателите на 1 Петар е спорен бидејќи некои стручњаци го толкуваат зборот „придојденци“ (1,1) како христијани кои копнеат за нивниот дом во рајот, а други го толкуваат како буквални туѓинци, или како старозаветна заемка применета врз христијаните.[5]

Иако новите христијани се соочуваат со прогон и непријателство од мештаните, Петар ги советува да бидат верни како на нивната вера, така и на римската држава (1 Петар 2,17).[16]

Авторот советува (1) непоклоебливост и истрајност и покрај прогоните (1–2,10); (2) за практичните должности на праведниот живот (2,11–3,13); (3) го приложува како пример Христос и другите причини за трпеливост и благочестивост (3,14–4,19); и (4) завршува со совети за пастирите и народот (гл. 5).

Оодржина уреди

Иако Посланието нема прецизна структура, неговата содржина може да се групира во следниве делови:

  • Поздрав (1,1-2)
  • Благодарност на Бога за спасението (1,3-12)
  • Повик на свет живот (1,13-25)
  • Верност кон Христа (2,1-8)
  • За избраниот народ (2,9-12)
  • Покорување на властите (2,13-17)
  • Должноста на слугите (2,18-20)
  • Примерот на Христос (2,21-25; 3,18-22)
  • Должности на сопружниците (3,1-7)
  • За мирољубивста и правдата (3,8-17)
  • Поуки за верниците (4,1-11)
  • За страдањата (4,12-19)
  • Поуки за пастирите (5,1-4)
  • Различни напомени (5,5-11)
  • Завршни поздрави (5,12-14)

На почетокот, апостолот Петар ги поздравува доселениците од Мала Азија, кои до скоро биле незнабошци, односно верувале во други божества. Притоа, тој ги советува да живеат исполнети со верата во Бога и да го очекуваат спасувањето кое ќе им го донесе Исус Христос. Во таа смисла, тој повикува на непорочен живот, отфрлање на телесните желби, покорување на власта и на трпење на неправдата и страдањата. Исто така, тој им се обраќа посебно на жените кои треба да ја отфрлат грижата за надворешната убавина и да ја негуваат внатрешната (духовната) убавина, да бидат богобојажливи и да им бидат покорни на мажите. Од друга страна, и мажите треба да се грижат за своите жени. Воопшто, апостолот Петар ги повикува сите верници да прават добри дела и да ги прифатат страдањата во името на Исус Христос, следејќи го неговиот пример. На крајот од Посланието, апостолот им порачува на свештениците да се грижат за верниците, кои пак треба да покажуваат понизност, да се надеваат на Бога и да бегаат од замките кои им ги поставува ѓаволот.[17]

Контекст уреди

Авторот го упатува напишаното на луѓето кои трпат „разновидни искушенија“ (1 Петар 1,6), чија вера „се испробува преку оган“ (не физички, туку метафорично; 1,7), нападнати како „злотворци“ (2,12) и страдаат „правејќи добро“ (3,17). Изразот „духови во затвор“ (3,19) е постојана тема во христијанството, која највеќето теолози ја сметаат за загадочна и тешка за толкување.[18]

Неколку стихови ја наговестуваат причината за прогонот на христијаните. Поттикот на беспрекорен и беспорочен живот (2,15; 3,9, 13, 16) можеби се однесува на тоа што христијаните биле обвинувани за неморално поведение, а поттикот на послушност кон власта (2,13–17) можеби значи дека биле обвинувани за нелојалност кон владеачката структура.[4]

Различни стручњаци имаат свои толкувања на прогоните опишани во 1 Петар. Некои во нив гледаат друштвена дискриминација, а некои ги сфаќаат како државна политика.[19]

Некои библисти сметаат дека маките за кои се говори во посланието биле од друштвена природа, особено во облик на усни навреди.[20] Во самото послание се споменуваат зборовите „нападнати“ (2,12; 3,16) и „укорени“ (4,14). Џон Елиот вели дека авторот изречно ги поттикнува верниците да ги почитуваат властите (2,13), па дури и да го почитуваат римскиот цар (2,17), што е мошне силен аргумент за тоа дека тие не страдале од државата. Го смета за важен исказот „такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот“ (5,9), од што може да се заклучи дека ова се одвивало во разни краишта во светот. Елиот ова го смета за доволен доказ дека посланието не говори за државен прогон, бидејќи првиот официјален прогон на христијаните започнал дури во 250 г. за време на царот Дециј. Сепак, преовладува ставот дека во ова време неодобрувањето кон христијаните било од месен и друштвен карактер.

Слегување во адот уреди

Авторот на посланието го споменува Христос кој им проповедал на душите во затвор (3,18–20). Овие стихови, како и некои други (како Матеј 27,52 и Лука 23,43) се основа за традиционалното верување за Христовото слегување во адот.[21] Иако има различни толкувања, некои теолози сметаат дека се говори за Исус кој, по телесната смрт, се упатил во место (ниту рај ниту пекол во вистинска смисла) каде душите на претхристијаните чекале да го чујат евангелието. Ова збиднување за првпат воведено во верата на помесни собори во IV век. Потоа верувањето се проширило на Западот и воведено во Апостолскиот симбол на верата.[21]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Moyise, Steve (9 декември 2004). The Old Testament in the New. A&C Black. стр. 116. ISBN 978-0-567-08199-5.
  2. Stephen L. Harris (1992). Understanding the Bible. Mayfield. стр. 388. ISBN 978-1-55934-083-0.
  3. Dale Martin 2009 (lecture). "24. Apocalyptic and Accommodation" на YouTube. Yale University. посет. 22 јули 2013 г. Lecture 24 (transcript)
  4. 4,0 4,1 Achtemeier, Paul. Peter 1 Hermeneia. Fortress Press. 1996
  5. 5,0 5,1 5,2 Stanton 2003.
  6. 6,0 6,1 6,2 Williams 2012, стр. 28–.
  7. Bartlett, David, New Interpreter's Bible Commentary, 1 Peter. Abingdon Press. 1998
  8. Elliot, John. 1 Peter: Anchor Bible Commentary. Yale University Press. 2001.
  9. 1 Петар 5,12 — Стандардна библија со девтероканонски книги
  10. 1 Петар 5,12 — Динамичен превод на библијата, „Радосна вест“, 1999 г.
  11. Williams 2012, стр. 25–.
  12. Moon, Jongyoon (2009). Mark As Contributive Amanuensis of 1 Peter?. Münster: LIT. ISBN 978-3-643-10428-1.
  13. Daniel Keating, First and Second Peter Jude (Grand Rapids: Baker Academic, 2011) 18. Norman Hillyer, 1 and 2 Peter, Jude, New International Biblical Commentary (Peabody, MA: Henrickson, 1992), 1–3. Karen H. Jobes, 1 Peter (Grand Rapids: Baker, 2005), 14–19.
  14. Lane, Dennis; Schreiner, Thomas (2016). „Introduction to 1 Peter“. ESV Study Bible. Wheaton, IL: Crossway. стр. 2401.
  15. Bauckham, RJ (1983), Word Bible Commentary, Vol. 50, Jude – 2 Peter, Waco
  16. W. R. F. Browning. 10 мај 2012. "Peter, first letter of", A Dictionary of the Bible. Oxford Reference Online. Oxford University Press. University of Chicago.
  17. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 177-181.
  18. „Preached to the spirits in prison: I Peter iii:18–20“, Christian Monthly Standard.
  19. Mason, Eric F.; Martin, Troy W. (2014). Reading 1–2 Peter and Jude : A Resource for Students. Atlanta, GA: Society of Biblical Literature. стр. 16–17. ISBN 978-1-58983737-9.
  20. Elliott 2000.
  21. 21,0 21,1 Cross, F. L. 2005, ed. "Descent of Christ into Hell." The Oxford dictionary of the Christian church. New York: Oxford University Press.

Надворешни врски уреди