Послание до Колосјаните

Посланието на апостол Павле до Колосјаните е книга од Новиот завет која била напишана од страна на апостол Павле. Посланието е упатено до христијанската заедница во Колоси, мал град во близина на Лаодикија, на околу 100 милји од Ефес во Мала Азија.[1]. Посланието било најверојатно пишено во времето кога Павле бил во затвор во Рим.

Христијаните од 1 век сметале дека посланието е напишано од страна на Павле. Последните 200 години се јавило сомнение, дека всушност апостол Павле не е автор на овој текст, главно поради тоа што постои голема разлика во стилот на пишување. Според овие истртажувања, ова послание би можело да биде напишано од страна на некој образовен христијанин кој се школувал во духот на апостол Павле.

Содржина уреди

Апостолот Павле, во свое име и во име на соработникот Тимотеј се обраќа до верниците во Колоси, искажувајќи пофалби за нивната вера во Евангелието. Притоа, апостолот ги повкува верниците да бидат истрајни и да не подлегнуваат на другите влијание; да мислат на небесните работи наместо на телесните потреби; да живеат без гревови и пороци, како и да се одликуваат со милосрдие, доброта, трпеливост, смиреност, кроткост и љубов; постојано да пеат псалми, химни и духовни песни во слава на Бога; жените да им бидат покорни на мажите, а тие, пак, да ги сакаат жените; децата да ги слушаат родителите, а тие да се грижат за децата; робовите да им бидат покорни на господарите, кои треба да постапуваат праведно кон нив; и сите постојано да се молат. На крајот од посланието, апостолот им праќа поздрави на верниците и ги известува дека им ги праќа своите соработници Тихик и Онисим, зашто тој е затворен заедно со својот соработник Аристарх. Исто така, тој им порачува, откако ќе го прочитаат посланието, него да го испратат до верниците во Лаодикија.[2]

Посланието се состои од четири глави и два дела, од кој првиот е доктрински а вториот политички. Во целина, и двата се однесуваат на лажното учење кое било на виделина. Во доктринскиот дел се објаснува потребата од обожавање на Исус Христос и никој друг:

зашто во Него е создадено сè што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо, било престоли, или господства, или началства, или власти; сè е создадено преку Него и за Него.

Според посланието, Исус е Глава на црквата и господар на ангелите. Павле се противи на паганските прописи поврзани со исхраната, жртвувањето во чест на Господ:

И така, никој да не ве осудува за јадење, или за пиење, или за некаков празник, или за млада месечина, или за саботи.

Во вториот дел од посланието, Павле се посветува на обичниот христијански живот, на љубовта, мирот и спокојството. Жителите на градот ги советува да се воздржат од идолопочитување, насилство и слично. Павле повикува дека не треба да постои разлика кај луѓето:

каде нема веќе Грк ни Јудеец, обрезание и необрезание, варварин, Скит, роб, слободен, туку Христос е сè и во сè.

Наводи уреди

  1. "Colossians, Epistle to the." Cross, F. L., ed. The Oxford dictionary of the Christian church. New York: Oxford University Press. 2005
  2. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 252-255.