Подем (роман на Жионо)

Подем (француски: Regain) - роман на францускиот писател Жан Жионо од 1930 година. Насловот на романот би можел да се преведе и како Препород или Обновување.

Содржина уреди

Планинското село Обињан е речиси целосно напуштено. Во него останале да живеат само тројца жители: старецот Гобер, поранешен ковач, познат по тоа што ја знаел тајната на правењето плугови; старата црнка Мамеш, чиј маж загинал копајќи општински бунар, а нејзиниот мал син се отрул од некоја билка; и силниот маж Пантирл, кој штотуку ја погребал својата мајка. Набргу, селото го напушта и старецот Гобер, кој се заминува да живее кај синот. Него го испраќа Пантирл, кој му ја носи наковалната којашто Гобер сака да си ја сочува за спомен. Така, во селото остануваат Пантирл и Мамеш. Еден ден, таа му предлага на Пантирл да се ожени, а потоа го напушта селото во потрага по жена за него.

Веќе подостарениот ножар Жедемус поаѓа на пат, со намера да ги продаде ножевите што ги произведува, а со себе ја води и жената со која живее, Арсил. Тие поминуваат по висорамнината крај селото Обињан, при што забележуваат како нешто таинствено ги следи. За да се одморат, двајцата слегуваат во селото и доаѓаат до куќата на Пантирл, а потоа го продолжуваат патот. Всушност, во тоа време, Пантирл се наоѓа во куќата, но здогледувајќи ја жената, нема смелост да им се покаже. Сепак, кога тие заминуваат, Пантирл тргнува по нив, но паѓа во планинскиот поток и потонува во водата, губејќи ја свеста. Подоцна се освестува на брегот, во друштво со непознатата жена (Арсил), додека ножарот Жедемус спие. Од неа, Пантирл дознава дека го спасил Жедемус. Меѓу Арсил и Пантирл веднаш се јавува заемна привлечност и таа заминува да живее со него.

Така, Пантирл си наоѓа жена. Еден ден, додека шета по висорамнината, тој ги наоѓа остатоците на Мамеш и сфаќа дека таа намерно им се прикривала на Жедемус и Арсил, со цел да ги намами да слезат во селото. По некое време, Пантирл купува семе и сади жито на висорамнината. Истата година, насекаде потфрла жетвата, а само кај него се раѓа многу убаво жито и тој успева да го продаде по поволна цена. Еден ден, во неговиот дом доаѓа Жедемус, кој ја бара Арсил назад, а Пантирл му дава пари во замена за неа. Гласот за добрата жетва се проширува и најпосле, во Обињан се доселува уште едно семејство. Прилетта, Арсил осанува бремена. На тој начин, со силата на својата волја, Пантирл успева да победи и селото започнува да заживува.[1]

Осврт кон делото уреди

Романот „Подем“ ги содржи сите елементи од првата фаза на творештвото на Жионо, но и некои одлики од целокупниот негов опус. Во однос на првото, во роанот се забележува користењето на народниот говор, со истакнување на едноставноста и наивноста на говорот на селаните. Во однос на второто, овој роман, како и сите други, може да се набљудува како роман во проза, со силно изразен лиризам и богатство на необични и оригинални поетски слики. Сепак, и покрај присуството на лирскиот полет, централно место во романот има дејството. Во однос на основната идеја на романот, тоа е повикот кон едноставен живот и враќање кон природата. Исто така, во романот се забележува идеологијата на Жионо според која човекот сам за себе треба да ја бара среќата. Така, Пантирл и Арсил, како единствени жители во селото, самостојно ја градат својата среќа, која дури на крајот од романот ја споделуваат со оние кои среќата ја бараат на ист начин како нив - преку враќање кон земјата.

Во однос на ликовите во романот, треба да се истакне нивната универзалност, која ги прави еден вид симболи. Притоа, дури и описот на нивната надворешност ја одразува блискоста со природата, како на пример, споредбата на телото на Пантирл со дрво. Исто така, главните ликови во романот не сакаат да се преселат во цивилизацијата, која ним им е одбивна. Во однос на уметничките средства, на речиси секоја страница од романот доминира персонификацијата која ја зголемува убавината на изразувањето на писателот: ветрот сака да им ја соблече облеката на луѓето; огнот скока како ждребе; дождот долетува и го покрива пределот со своите крилја; дрвјата шепотат на ветрот; сенката се влече на меките шепи итн. Наспроти нив, писателот користи и „деперсонификација“, споредувајќи ги живите суштества со неживата природа.[2]

Наводи уреди

  1. Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964.
  2. Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 117-119.