Димитар Занешев (роден на 21 јануари 1876 година во Воден – починал во 24 јануари 1962 година во Софија) — македонски револуционер, учесник во Илинденското востание, воденски војвода. Бил делегат на Солунскиот конгрес на ТМОРО (1903), член на Штабот на Вториот солунски револуционерен реон во Илинденското востание. Од 1905 година станал војвода на чета во Воденско, каде се борел со андартите[1].

Димитар Занешев
Роден 21 јануари 1876
Воден, Македонија
Починал 24 јануари 1962
Софија, Бугарија

Животопис уреди

Димитар Занешев е роден на 21 јануари 1876 година во Воден. Потекнува од видното преродбенско и револуционерно семејство Занешеви. Неговиот татко Иван, виден чорбаџија, аристократ, учествувал во борбата за црковна независност и ги поставил основите на револуционерната дејност во градот. Во Македонската револуционерна организација тој бил примен од страна на Даме Груев. Синот Димитар кој учел во Солунската егзархиска гимназија и егзистирал од трговија, ги следел стапките на својот татко и активно се вклучил во револуционерната борба на Македонската револуционерна организација.

Во септември 1902 година Димитар Занешев се спротивставил на Тома Пожарлиев кој со чета ВМОК (Врховен македоно-одрински комитет) се спремал за востание во Воденско. Поради тоа, тој и Радомир Атанасов, како и други граѓани на Воден со писмо биле предадени на турскиот кајмакам. Сепак, Пожарлиев бил разубеден за вооружена акција. Кај селата Тушим и Сборско бил пресретнат од четата на Атанас Мурџев и по успешните преговори двете чети заедно заминале за Прилепско.

На почетокот на 1903 година, Димитар како раководител на Организацијата во Воденско бил делегат на Солунскиот конгрес на ТМОРО (2 – 4 јануари 1903), на кој се донело одлука за кревање на востание. Неколку месеци потоа, во април 1903 година, Димитар и неговиот татко Иван Занишев биле уапсени и кратко време задржани во врска со Солунските атентати.

Пред Илинденското востание, Димитар Занешев бил секретар во четата на војводата Атанас Караташов – Брадата (Ташо Островски) или уште познат како Кара Ташо, а во текот на востанието бил во Главниот востанички штаб на револуционерниот округ „Кожув“. По прекинувањето на каналите за дотур на оружје, кое станало по Солунските атентати, востаничкиот штаб во кој спаѓале Димитар Занешев, Аргир Манасиев и Петар Јуруков донеле одлука за спроведување на диверзанстки акции.

По Илинденското востание Димитар Занешев зел активно учество во борбите против Грчката вооружена пропаганда во Македонија.

Во 1905 година, тој станал подвојвода на одред од чета на војводата Лука Иванов во Воденско и водел голем број на борби со грчките андарти. Не успеал да учествува во Вториот Солунски окружен конгрес во Света Гора, но упатил писмо со свое мислење. Во текот на месец октомври 1906 година, андартот Николаос Рокас му понудил примирје на Димитар, но тој го отфрлил.

Во периодот од декември 1906 до јануари 1907 година, Димитар Занешев учествувал во Советодавното собрание на Македонската револуционерна организација кое се одржило во Софија и го потпишал документот кој произлезел од ова Собрание.

За време на Првата балканска војна, во јануари 1913 година, Димитар Занешев во родниот град јавно се заканил дека повтрно ќе се бори доколку Воден остане во грчки раце. По апсењето од страна на грчките власти, кон крајот на 1913 година, тој бил ослободен со помош на „женската полиција“ на Македонската револуционерна организација. Во текот на Првата светска војна работел во военото командантство во градот Фере.

Во 1924 година учествувал како делегат на Солунскиот окружен конгрес на ВМРО, а во 1934 или 1936 година ја напуштил Егејска Македонија која веќе била под грчка окупација. Се преселил првично во Софија, а потоа во Несебар каде се наоѓа голема македонска колонија (протерани Македонци од Егејска Македонија). До својата смрт тој бил претседател на МКББ - Македонски клуб за благотворителност за бегалците „Тодор Александров“.

По резолуцијата на Информбирото во 1948 година и заострувањето на односите меѓу Југославија и Бугарија, тогашна југословенска власт доставила меморандум до ООН за југословенското малцинство во Пиринска Македонија. Истакнатите стари македонски револуционери во Бугарија, меѓу кои и Димитар Занешев, кон крајот на 1951 година, се јавиле со посебна декларација против југословенските побарувања кон Пиринска Македонија.

Димитар Занешев починал на 24 јануари 1962 година во Софија.

Наводи уреди

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Занешев“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 555. Text "series " ignored (help)