Вечер кај Клер (руски: Вечер у Клэр) - роман на рускиот писател Гајто Газданов од 1930 година.

Содржина уреди

Секоја вечер, Коља ја посетува болната Клер, користејќи го отсуството на нејзиниот маж. Тој веќе десет години ја негува својата љубов кон неа и конечно, една вечер, успева да ја освои. Во продолжение на романот, напишан во прво лице еднина, главниот јунак започнува да се сеќава на својот живот:

Татко му, Сергеј Андреевич ужива во ловот и во својата научна работа, а мајката е образована и строга жена која потекнува од угледно и богато семејство. Кога Николај (Коља) има осум години, неговиот татко се разболува и умира, неколку години претходно умира најстарата сестра на Коља, а подоцна, за време на Граѓанската војна во Русија, умира и помалата сестра. Коља најпрвин учи во кадетското училиште, а потоа се префрла во гимназијата, но во двете е незадоволен од професорите и од методите на наставата. Летните распусти ги поминува на Кавказ, кај својот стар дедо, каде ужива во прошетките во природата. Еден ден, тој ја среќава девојката Клер, која е повозрасна од неа. Коља започнува да ја посетува Клер, но еден ден, откако нејзината мајка го навредува, тој се оддалечува од неа и не ја гледа во следните четири месеци. Кога повторно ќе ја сретне, таа му кажува дека е омажена при што го кани кај себе, бидејќи нејзиниот сопруг е отсутен. Коља одбива да влезе и си заминува со болка во душата. Набргу, тој го посетува стрикото Виталиј на Кавказ, по што се вклучува во редовите на Белата армија во борбата против болшевиците. Неколку години поминува на еден оклопен воз, за во 1920 година да пристигне во Севастопол, заедно со остатоците од разбиената Бела армија. Оттука, со брод заминува во Истанбул, воден од желбата повторно да ја види Клер.[1]

критички осврт кон делото уреди

„Вечер кај Клер“ е првиот роман на Газданов и според книжевната критика, тоа е најдоброто дело за Граѓанската војна во Русија, напишано во руската емигрантска книжевност. Објавувањето на романот било вистински настан во руската емигрантска книжевност. Така, Михаил Осоргин пишувал дека романот му го обезбедил на Газданов „првото место меѓу помладите руски писатели“; Иван Бунин високо го оценил романот; Максим Горки сакал да се објави романот во СССР и му напишал писмо на Газданов, нарекувајќи го исклучителен и специфичен талент; а за романот пишувале и бројни други критичари во руските емигрантски списанија, како: Слоним, Оцупа, Хохлов итн. Исто така, романот постигнал и забележлив успех кај публиката. Сепак, романот бил објавен во Русија дури по пет децении од неговото прво излегување од печат.[2]

„Вечер кај Клер“ е психолошки љубовен роман, истовремено и лирски и епски. Основата на романот е автобиографска - неостварената младешка љубов на Газданов кон Татјана Пашкова од времето кога тој живеел во Харков. Користејќи ја во прв план приказната за една младешка и необична љубов, Газданов успеал да создаде комплексна перспектива во која се отсликуваат крупните настани од една бурна историска епоха. Низ преплетот на нежното, емотивното и мистичното, од една страна, и експресивните бурни настани, од друга страна, Газданов создава специфичен свет. Токму овој спој меѓу лириката и иронијата кој резултира во фантазмагорични слики на реалноста е една од главните одлики на романот. Инаку, романот се одликува со обратна композиција, т.е тој започнува од крајот на приказната, а потоа следуваат посебни епизоди поврзани со случајни асоцијации.[2]

Изданија на македонски јазик уреди

Романот „Вечер кај Клер“ е објавен на македонски јазик во 2007 година од страна на издавачката куќа „Темплум“, како 62. книга од библиотеката „Магма“, а во превод на Ѓорѓи Крстевски. Книгата е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 199 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и книгата ја носи ознаката ISBN 978-9989-189-14-2. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“. На предната корица е ставена слика на Caroline Hwang. На задната корица се наоѓа мал осврт врз делото.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Гајто Газданов, Вечер кај Клер, Темплум, Скопје, 2007.
  2. 2,0 2,1 „Белешка за авторот и делото“, во: Гајто Газданов, Вечер кај Клер, Темплум, Скопје, 2007, стр. 197-199.