Александар Јанковиќ

Александар „Сале“ Јанковиќ (роден на 6 мај 1972 г во Белград) бил поранешен српски фудбалер, а моментално е фудбалски тренер.

Биографија уреди

Професионална кариера уреди

Јанковиќ е роден во Белград. Неговиот татко е познатиот спортски новинар Добривоје „Боби“ Јанковиќ. Ги поминал сите помлади категории на екипата на Црвена ѕвезда. Во Ѕвезда бил капитен на своите врсници (генерација '72), со кои во 1990 година го освоил младинскиот куп на тогашна Југославија. За сениорскиот тим на Црвена ѕвезда прв пат настапил во сезоната 1990/91на натпреварот против составот на Спартак од Суботица. По тој натпревар само уште еднаш го облекол дресот на екипата на популарните белградски „црвено - бели“.[1]

На 19 години заминал во Австралија каде настапувал за тимот на Сиднеј. Тој имал можност да остане во Сиднеј, но екипата на Ѕвезда, чиј играч сѐ уште бил, побарала од него да се врати во клубот. Бидејќи повторно не добил шанса во Белград, чекал шест месеци да му истече договорот, па повторно ги спакувал куферите и заминал овојпата за Франција. Најпрво настапувал за екипата на Шербур, мал клуб на каналот Ламанш, а потоа, во јуни 1994 година, се преселил во По, тим предводен од тренерот Славољуб Муслин. Тоа познанство, подоцна се покажало дека му го променило животот. По Франција, Јанковиќ заминал во САД, каде настапувал една сезона за клубот на Канзас Сити. Подоцна, поради проблеми со повредите и тоа на само 28 години решил да ја заврши својата играчка кариера.[1]

Тренерска кариера уреди

Во 2000 година, тренерот Славољуб Муслин го поканил Јанковиќ да дојде и да работи со него во стручниот штаб на составот на Црвена ѕвезда. Така, во зимата 2000 година Јанковиќ започнал да работи во Ѕвезда како извиднички советник, а на 5 јули 2001 г. како помошник тренер.[1] Како член на стручниот штаб на Муслин освоил две „двојни круни“ со клубот на Црвена Ѕвезда. Соработката со Муслин подоцна ја продолжил во украинскиот Металург Доњецк, бугарскиот Левски, белгискиот Локерен и рускиот Локомотив.

Од јули 2007 година тој повторно работел во Црвена ѕвезда, овојпат како скаут, а неговата улога била да ја проучува играта и тактиката на противниците на домашната, но и на европската сцена. На 9 ноември 2007 г. Милорад Косановиќ поднел оставка како тренер на Црвена ѕвезда,[2] а на негово место дошол Јанковиќ. Ја предводел екипата на 22 првенствени натпревари и забележал 16 победи и шест нерешени, со гол разлика 52:17. Во тој период освоил бод повеќе од шампионот Партизан, но на крајот сепак тимот на Црвена ѕвезда биле второпласирани со пет бода помалку од лутиот ривал.[3]

Во април 2009 г. Јанковиќ го презел белгискиот клуб на Локерен,[4] но бил отпуштен во октомври истата година.[5]

на 09 ноември 2010 година Јанковиќ бил избран за селектор на младата репрезентација на Србија.[6] Тој го заменил привремениот тренер Томислав Сивиќ, кој дошол на клупата на местото на Ратомир Дујковиќ, бидејќи популарните „орли“ ги загубиле шансите да се квалификуваат на Европското првенство 2011 година. Јанковиќ ја предводел селекцијата во квалификациите за ЕП 2013 година во Израел, но не успеал да се квалификува бидејќи репрезентацијата на Србија била елиминирана од репрезентацијата на Англија во баражот за одење на првенството. Тој бараж го одбележал тепачка меѓу српски и англиски играчи на стадионот во Крушевац.[7]

На 21 август 2012 година Јанковиќ бил назначен за тренер на ФК Црвена ѕвезда, по втор пат по оној во 2006 година, на местото на Роберт Просинечки, кој претходно поднел оставка.[8] Сепак, Јанковиќ не успеал да ја заврши сезоната како тренер на Ѕвезда. По слабите резултати, тој на 18 март 2013 година се согласил да ја прекине соработката со клубот, а на негово место дошол португалскиот тренер Рикардо Са Пинто.[9][10]

Во мај 2014 г Јанковиќ станал тренер на белгискиот прволигаш ФК Мехелен.[11] Тој останал во клубот до септември 2016 година, кога го презел составот на Стандард од Лиеж.[12] Како тренер на Стандард, Јанковиќ завршил на деветтото место по 30 одиграни кола, што не му било доволно за да се пласира во плејофот на Жупилер лигата. Јанковиќ имал солиден старт на сезоната, но во вториот дел од првенството тимот од Лиеж одиграл многу полошо, што се одразило и на резултатот. Во април 2017 година клубот ја прекинал соработката со Јанковиќ.[13]

На 1 ноември 2017 година Јанковиќ повторно бил назначен за тренер на составот на Мехелен.[14] Мехелен започнал одлично под водство на Јанковиќ, освојувајќи десет од 15 поени во месец ноември, но повторно паднал во криза во месец декември. Јанковиќ не успеал да остане на клупата на овој клуб ни три месеци бидејќи добил отказ на 24 јануари 2018, по серијата од пет последователни порази, по кои неговиот тим стигнал до претпоследното место на табелата, со два бода повеќе од „фенерџијата“ составот на Еупен. Јанковиќ го предводел Мехелен на 11 официјални натпревари. Постигнал три победи, еден нерешен резултат и седум порази.[15]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 Мондо: „Јанковић за МОНДО: Звезда као судбина“ (17. децембар 2007.)
  2. Политика: „Косановић поднео оставку“ (10. новембар 2007.)
  3. ФК Црвена звзда: Александар Јанковић
  4. Мондо: „Александар Јанковић преузео Локерен“ (6. април 2009.)
  5. Б92: „Јанковић добио отказ у Локерену“ (26. октобар 2009.)
  6. Политика: „Александар Јанковић нови селектор младе репрезентације“ (9. новембар 2010.)
  7. Вечерње новости: „Скандал: Српски фудбалери после пораза напали Енглезе! “ (16. октобар 2012.)
  8. Црвена звезда: „Александар Јанковић нови тренер звезде“ (21. август 2012.)
  9. Моцарт спорт: „Звезда и Јанковић прекинули сарадњу“ (18. март 2013.)
  10. РТС: „Са Пинто на клупи Звезде“ (18. март 2013.)
  11. Вечерње новости: „Александар Јанковић преузео Мехелен“ (8. мај 2014.)
  12. „Моцарт спорт: „Сале Јанковић је нови тренер Стандарда" (6. септембар 2016.)“. Архивирано од изворникот на 18. 04. 2017. Посетено на 17. 04. 2017. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)
  13. Б92: „Јанковић и Стандард се разишли“ (17 април 2017.)
  14. Блиц: „Јанковић поново у Мехелену“ (1. новембар 2017.)
  15. Телеграф: „Александар Јанковић добио отказ у Белгији: Екипа му је била закуцана за дно табеле!“ (24. јануар 2018.)

Надворешни врски уреди