Младичот што спие на пладне

Младичот што спие на пладне — антологиска песна од Радован Павловски од 1966 година.

Младичот што спие на пладне
АвторРадован Павловски
ЗемјаМакедонија
Јазикмакедонски
Жанрпоезија
Издадена
1966

„Младичот што спие на пладне“ е една од најзначајните песни во современата македонска поезија. По структура и стилски израз таа е една од пресвртниците преку кои македонската поезија добива значење кое е во рамниште со светските поетски творечки мигови.

Поезијата на Радован Павловски е специфична во својата метафорика со изграден посебен култ кон сликата, кон природата, кон навраќање на стварниот и имагинарниот амбиент на поетовиот роден крај наречен Железна Река.

Песната „Младичот што спие на пладне“ е испеана во носталгичен тон, во постојаната желба на поетот да се врати во својата родна Железна Река, да им се врати на своите корени. Сонот и јавето; животот и смртта се основните мотиви во песната. Поставени во постојан контраст тие го преокупираат поетот. Сонот, замаеноста, небудноста се блиски до смртта и метафорично се претставени преку „црни конци на ноќта“, „под себеси закопал камење и месечина“, „нежна билка ти ги врзува прстите за земја“, „замрачен бакнеж среде пладне“, „мртвите љубовници“, „сè е мртво од сон“ итн. Наспроти таа замаеност и темнина во младичот, сè околу него е полно со живот (поле со мотики, орачи, утринско сонце), но животот поминува покрај него. Поетот му се обраќа во вокативна форма (младичу), повикувајќи го да се разбуди и да почне да живее, а животот започнува и завршува таму од каде што ти се корените (за него Железна Река).[1].

Младичот што спие на пладне

Звукот на смртта

те занесува да спиеш

о младичу

разбуди се

Имаш поле озвучено од билки и мотики

Утринското сонце е голема трпеза

на која орачите го кршат својот леб

Пладнето крие црни конци на ноќта

Ти под себеси закопал камење и месечина

Десет коњаници од заседа

Нежна билка ти ги врзува прстите за земја и не те пушта

сè додека не ѝ доделиш

замрачен бакнеж среде пладне

Од тревата се крева хор на мртвите љубовници

Разбуди се о младичу

Мојот брод граден од винова лоза

со засипнато грло е на море

Има час кога сè е мртво од сон

Има час кога се проучувам дали сум луд

Вечер е

и доаѓаат многу луѓе да те разбудат

Ти ја црташ картата на ѕвездите

и длабоко дишиш

Разбуди се о младичу

и раскажи ни ги соновите

па на убав коњ ќе одјавам до Железна Река

да нè освежи ветерот до водениците

Со ранет цвет ја закопчувам кошулата од ветер

и влегувам дома о љубов

кажи со каков пијалак се служиш во сонот

што не се разбудуваш о младичу.

Кога на почетокот на 1960-тите се појавиле неговите први стхозбирки тоа претставувало своевидна револуција во поетскиот јазик во тогашните југословенски простори.

Во песната Младичот што спие на пладне Павловски се откажува од формите на традиционалниот стих, а својата песна ја сведува само на метафоричноста. Се смета дека толкаво богатство на фигуративност не познава ниту една друга поезија во македонската книжевност. Тој негов творечки принцип ќе го применува низ целиот свој поетски опус.

Павловски во својата песна е истовремено дете, мудрец и бунтовник кој ја бара својата слобода. Веќе афирмиран како исклучителен поет во Македонија и во поранешна СФРЈ, Павловски како поетски гениј од кого зрачи силна енергија на македонскиот збор.

Павловски интензивно го живее митот за Македонија и преку својата силна уметничка творечка индивидуалност, во која ја велича својата земја, покажува како се сака Македонија. Според Меѓународниот биографски центар (ИБЦ) во Кембриџ, Павловски е единствениот македонски поет, есеист и патописец, застапен меѓу петстотините личности кои го одбележаа преминот во новиот милениум.

Секоја песна на Павловски, длабоко произлегува од неговиот живот, од неговата врска со сите времиња на сопствениот народ и неговото битие. Движејќи се по своите патишта, тој во творештвото не само што се открива себеси, туку и македонскиот народ, кој како вечен мит од најдревните времиња до денес, па и во иднина ќе биде светла точка на светската историја[2].

Наводи

уреди