Цајтгајст: Чекор напред
Цајтгајст: Чекор напред е третиот филм во серијалот Цајтгајст на Питер Џозеф. Филмот беше пуштен во повеќе од 60 земји и на над 30 јазици, со 340 прикажувања насекаде низ светот од 15ти јануари 2011. Филмот беше пуштен бесплатно на интернет од 26ти јануари 2011, и беше гледан на YouTube над 300,000 пати во првите 24 часа, како и над 4.5 милиони пати во текот на првите два месеци по објавувањето.
„Цајтгајст: Чекор напред“ | |
---|---|
Режисер | Питер Џозеф |
Продуцент | Питер Џозеф |
Музика | Питер Џозеф, Лили Хајден и Јес |
Монтажа | Питер Џозеф |
Дистрибутер | GMP LLC |
Премиера | 15ти јануари 2011 |
Времетраење | 161 мин. |
Земја | Американски филм |
Јазик | англиски |
Содржина
уредиЦајтгајст: Чекор напред е поделен на четири последователни делови. Во секој дел постои сплет од интервјуа, нарација и анимирани секвенци.
Прв дел: Човекова природа
уредиФилмот започнува со кратка анимирана секвенца во која раскажувач е Жак Фреско. Тој го опишува својот живот за време на адолесценцијата и прекинот на неговото образование на 14 годишна возраст, за да учи според неговата волја. Тој континуирано ги искажува своите радикални гледишта развиени како резултат на искуствата за време на Големата Депресија и Втората светска војна. Проучувајќи ги општествените науки, механиката и социјалното инженерство, како и архитектурата, помеѓу многуте други научни области, во период од 75 години, Фреско вели дека не успеал да ги измени своите почетни, радикални ставови, кои продолжува да ги искажува подетално во текот на филмот.
Дискусијата се насочува кон човечкото однесување и дебатата на вроденото против здобиеното. Овој дел започнува со мал видео клип со Роберт Саполски кој прави резиме на дебатата за вроденото против здобиеното, која ја нарекува „лажна поделба“. По ова тој изјавува дека „речиси е невозможно да се разбере како функционира биологијата надвор од контекстот на околината.“ Филмот продолжува со изјавата дека ниту вроденото ниту здобиеното поединечно не го одредуваат човековото однесување, туку дека и двете треба да влијаат на однесувањето. Интервјуираните лица изјавуваат дека дури и при генетски предиспозиции за болест, појавата на болеста во голема мера зависи од околината. Болеста, криминалната активност и зависностите исто така се опфатени со оваа изјава. Една од разгледаните студии покажува дека новороденчињата имаат поголеми изгледи да умрат доколку никој не ги допира. Друга спомената студија тврди дека жените под стрес имаат поголеми шанси да родат деца со проблеми со зависности. Се споменуваат и неродените деца кои биле во матката за време на Големата глад во Холандија во 1944. Студијата за гладот во Холандија вели дека зголемената телесна тежина и други здравствени компликации станале вообичаени проблеми понатаму во нивниот живот, поради долгото гладување на нивните мајки за време на бременоста. Социолозите прават споредби на криминалци во различни делови на светот и покажуваат како различни култури со различни вредности можат да имаат многу помирни жители. Се споменува дека една Анабаптистичка секта наречена Хутерити нема пријавено ниедно убиство во ниедна од нивните групи. Главниот заклучок од првиот дел е дека социјалната средина и културното условување играат голема улога во оформувањето на човековото однесување.
Втор дел: Општествена патологија
уредиСе истражува потеклото на нашата модерна економска парадигма, започнувајќи со Џон Лок и Адам Смит. Во Два есеја за владеењето, Џон Лок ги прикажува основните принципи на приватната сопственост на земјата, работната сила и капиталот. Во Богатството на нациите, Адам Смит споменува невидлива така која праив баланс помеѓу понудата и побарувачката, што доведува до трговска рамнотежа. Расправата станува религиозна затоа што невидливата рака се толкува како божја рака. Се дава критички осврт на економската теорија преку прашањето дали се потребни приватната сопственост, парите и наследната нееднаквост помеѓу учесниците во системот. Исто така критички се анализира и потребата од циклична потрошувачка за да се одржи пазарот, што резултира во залудно потрошени ресурси. Планираната застареност е уште една последица од пазарниот систем, каде што стоките намерно се прават со дефекти или немањето на технологија доволна за да се одржи висока стапка на промет. Економската парадигма е наречена анти-економија поради овие активности. Горенаведениот процес на размена на стоки, работна сила и капитал помеѓу поединците е наречен пазарна економија.
Другата компонента е монетарната економија. Монетарниот систем ги контролира парите и каматните стапки преку купување/продажба на обврзници. Понатаму се објаснети повеќе критички ставови кон монетарниот систем. Според Цајтгајст, конечната анализа на сегашниот монетарен систем може да резултира единствено со дифолт или хиперинфлација. Ова се случува затоа што кога се создаваат парите, се создаваат од каматите на заемите. Постоечките пари во оптек се само главнината. Каматата за да се исплати заемот кој ги создал парите не постои во оптекот на пари и мора постојано да се позајмува за да се исплати долгот. Поради овој експоненцијален раст на парите во оптек, Цајтгајст предвидува дека вредноста на парите на крајот ќе се уништи, а доказ за тоа се 96% девалвација на оптекот на пари во САД од почетокот на работата на Федералниот Трезор во 1914 и 80% девалвација од раскинувањето на договорот Бретон Вудс од страна на САД во 1971.
Завршниот сегмент на вториот дел говори за здравствената социоекономска поврзаност која се фокусира на економската нееднаквост и нејзиното влијание врз општеството.
Трет дел: Проект Земја
уредиКако и во Цајтгајст: Додаток, со цел да се подобри човековата состојба, филмот прикажува „економија заснована на ресурси“ според кажувањата на Жак Фреско. Дијалогот води кон низа мисли за тоа како човечката цивилизација треба да започне од почетокот. Замислете идентична копија на планетата Земја некаде во вселената: извршете истражување за планетата, видете ги видовите на ресурси, локациите, количините, за да се задоволат човековите потреби; следете ја потрошувачката и трошењето на ресурсите за да ја регулирате побарувачката и да ја одржите животната средина, локализирајте ја дистрибуцијата на ресурси, за да го контролирате влијанието врз животната средина и да обезбедите самостојност, ставете акцент на рециклирањето и употребата на јавниот транспорт со цел да избегнете залудно трошење на ресурси. Преку глобална примена на постоечки револуционерни технологии во секторите на изработка и дистрибуција, работната сила и парите ќе застарат; и со тоа ќе се постави основата на економијата заснована на ресурси. Даден е опис на повеќе технологии за подобрување на цивилизацијата преку економијата заснована на ресурси. Структурата на градовите ќе се состои од концентрични кругови, секој од нив ќе врши една важна функција потребна за да функционира еден самостоен град: земјоделство, производство на енергија, места за живеење, болници, училишта итн. Кај земјоделството, споменати се хидропониката и аеропониката како можни решенија при недостиг од храна. Маглев возовите нудат превоз за жителите на градот. Производството и градежништвото ќе станат автоматизирани, со механизирани технологии, како што се тридимензионалното печатење и производство со помош на компјутер. Споменати методи за производство на енергија: фотоволтажна боја, ветерни турбини, претворачи на притисок и геотермални електрани.
Четврт дел: Подем
уредиГлобалната состојба е опишана на мрачен начин. Проблемот со нафтата се гледа како закана за напредокот на цивилизацијата, чиј потенцијален резултат би бил истребување. Се тврди дека загадувањето, сечењето на шумите, климатските промени, преголемата популација и војните се создадени и се повторуваат од страна на социо-економскиот систем. Повеќе статистики за сиромаштијата велат дека светската култура постојано се влошува. Според Обединетите Нации, 18,000 деца умираат од глад секој ден. Исто така, според ООН, глобалните стапки на сиромаштија се удвоиле од 70-тите наваму. Не се спомнува директно, но јазот помеѓу богатите и сиромашните е поголем од кога и да е, уште од почетокот на Индустриската револуција. Првиот 1% од човештвото поседува над 40% од богатството на планетата, а последните 50% поседуваат 1% од богатството. Во други проценки, кои не се споменати, првите 2% поседуваат над 50% од богатството на планетата.
Филмот завршува со соочување на протестанти на улиците на Тајмс Сквер во Њујорк со полицајци во опрема за немири, сред глобалната економска депресија. Луѓето повлекуваат трилиони долари од банките ширум светот, потоа ги фрлаат парите пред вратите на банките. Полицијата се откажува. Последната сцена од филмот дава делумен поглед на Земјата од вселената, по кој следи секвенца од искази: „Ова е твојот свет“, „Ова е нашиот свет“ и „Револуцијата е сега“.
Интервјуирани лица
уредиД-р Роберт Саполски, Д-р Габор Мате, Ричард Вилкинсон, Д-р Џејмс Гилиган, Д-р Џон МекМарти, Мајкл Руперт, Макс Кајзер, Д-р Берок Кошневис, Д-р Адријан Бојер, Жак Фреско, Роксен Медоус, Д-р Колин Џ. Кембел и Џереми Џ. Гилберт.
Прием од јавноста
уредиНабрзо по објавувањето на филмот, беа објавени повеќе позитивни и негативни критики во повеќе извори:
- Во рецензија од Examiner.com, Дејви Баркер вели дека секогаш се согласува точно со половина од она што Питер Џозеф го прикажува во своите филмови. Ги фали првите два дела на филмот, но го критикува третиот, Проект Земја, велејќи дека идејата сосема ја игнорира улогата на притисокот од страна на државите.
- Рецензијата во месечното издание на The Socialist Standard критикува повеќе аспекти на филмот, сугерирајќи дека анализата на економскиот систем е нестабилна, дека Карл Маркс веќе извршил потемелна и понаучна критика на капитализмот, и дека недостасува стратегија за тоа како да преминеме од сегашниот систем во новиот систем кој е прикажан во филмот.
- Фуад Ал-Нур во Wessex Scene вели дека филмот е пофокусиран на решенијата отколку претходниот филм. Нарекувајќи го модерен феномен, тој изјави дека иако постојат контроверзни елементи, и им препорача на оние кои го етикетираат филмот, најпрво да ги гледаат сите делови.
- Мишел Голдберг во својата статија за движењето Цајтгајст напиша дека филмот бил доволно смешен да ја натера да помисли дека е сатира за некоја технолошка утопија, но го истакна и огромното движење од кое произлегува филмот.
- Андреас Екснер во Social Innovation Network рече дека глобалната соработка би можела да биде корисна, дури и потребна, но не може и не смее да се потпира на тоа луѓето да се однесуваат како машини, потчинети на природното ограничување на ресурсите кое може да биде наложено од научен управен комитет.
- Мрежното место Exploring Bliss објави независна рецензија на филмот, во кој рецензентот изјави дека филмот е поттикнувач на мисли, и се заблагодари за големата количина интересни информации кои биле добро презентирани.