Функционализам (архитектура)
Во архитектурата, функционализмот е принцип дека објектите треба да бидат дизајнирани само врз основа на целта и функцијата на објектот. Овој принцип кога се појавува е предмет на забуна и контраверзии во рамките на професијата, а посебно во односот кон модерната архитектура.
Појавата на функционализмот кај објектите датира уште од Витрувијанската тријада каде „употребност“ (utilitas) стои покрај „убавина“ (venustas) и „устојчивост“ (firmitas) како еден од трите класични цели на архитектурата. Функционалистичките погледи биле типични за некои готски преродбени архитекти. На почетокот на 20 век архитектот Луис Саливен ја популаризирал изреката “формата ја следи функцијата“ во која го изнел своето верување дека големината на објектот, масивноста, односот на просторот и другите одлики на објектот, треба да произлегуваат исклучиво од функцијата на објектот. Импликација е дека ако функционалните аспекти се задоволени, архитектонската убавина и естетика ќе дојдат сами по себе.
Ле Корбизје еден од најпознатите модернистички архитекти изјавил дека “куќата е машина за живеење“, а неговото дело Вила Савоја се смета за прототип на функционализмот. Сепак постојат тврдокорни ставови за функционализмот кои ја прават оваа тема контроверзна. Американскиот архитект Филип Џонсон тврдел дека архитектонската професија нема поврзаност со функционалистичката одговорност, дека архитектурата не би требало да се занимава со прашањето на функционалноста на објектите.
Познатите архитекти како што се Френк Гери, Стивен Хол, Ричард Маер и И. М. Пеи се гледаат себеси како уметници кои немаат одговорност кон клиентите или корисниците на објектите. Тие ги гледаат своите објекти како уметнички дела кои не се подложни на критика за практичноста. Исто така е познат и ставот на постомодерниот архитект Питер Ајзенман кој својата работа ја базира на екстремна теоретска основа со ставот „Јас не се занимавам со функционалност“.