Транссексуалност

(Пренасочено од Транссексуалка)

Транссексуалец/ка е личност која чувствува, верува дека е заробен/а во тело на спротивниот пол и има намера да преземе чекори за да започне да живее во склад со својот родов идентитет. Оваа состојба уште е позната како родова дисфорија, што значи незадоволство поради својот биолошки пол. Терминот "транссексуалец" понекогаш се меша со терминот "трансродов", што важи за личности што "варираат" помеѓу двата пола, но добар дел од нив немаат намера да прават хируршки промени. Исто така, понекогаш постои конфузија и со зборот "трансвестит", кој важи за луѓе кои претпочитаат да носат облека од другиот пол поради најразлични причини, но тие најчесто немаат намера да го променат полот. Транссексуалците се кандидати за операцијата за промена на полот која започна со случајот на Кристин Џоргенсон. Терминот "транссексуален" се користи и за периодот пред и за периодот по операцијата. Постојат два вида на транссексуалци: машко-кон-женско (МкЖ), кои имаат машко тело, но чувстуваат дека се жени (male-to-female transsexuals) и женско-кон-машко (ЖкМ), кои имаат женско тело, но чувстуваат дека се мажи (female-to-male transsexuals). МкЖ транссексуалците се повеќе склони кон барање помош и почесто подлежат на операции, дел и затоа што опeрациите во тие случаи се полесни. Имајќи ја предвид разликата помеѓу полот и сопственото доживување на полот, важно е да се забележи дека транссексуалноста не е проблем на сексуално однесување, туку на полот и родовиот идентитет. Тоа значи дека транссексуалната личност не е преокупирана со некој посебен вид на сексуално однесување, туку со желбата да биде женско ако е нејзиното тело машко, или обратно.

Јули Шулц со буквите „XY“ напишани на нејзината дланка на демонстрациите во Егзистранс во 2005 година во Париз
Јули Шулц со буквите „XY“ напишани на нејзината дланка на демонстрациите во Егзистранс во 2005 година во Париз

Операција на промена на полот

уреди

Операцијата на промена на полот е комплексна и се состои од неколку фази.

Првиот чекор во процесот е многу внимателно советување и психијатриско проценување. Многу е важно да се утврди дали е личноста навистина транссексуална, односно, дали нејзиниот родов идентитет не се согласува со нејзиниот пол. Ова се прави за да се осигура дека личноста навистина треба да живее во другиот пол, и дека нема да постои каење по завршување на процесот. Некои луѓе погрешно бараат промена на полот. Шизофреничарите понекогаш покажуваат конфузија со родовиот идентитет, која може погрешно да се протолкува како транссексуалност.

Следниот чекор е хормонална терапија. На МкЖ транссексуалците им се дава естроген кој мораат да го примаат до крајот на животот. Естрогенот постепено доведува до процес на феминизација. Градите се зголемуваат. Формата на телото во смисла на распределбата на вишокот масти во организмот станува женски, а колковите се заоблуваат. Ќелавоста, ако започнала, тогаш престанува. Лачењето на простатата престанува и конечно исчезнува и ејакулацијата. Ерекциите стануваат се поретки и поретки, а со ова транссексуалците се многу задоволни, затоа што тие ги потсетуваат на несаканиот пенис. На ЖкМ транссексуалците им се даваат андрогени (тестостерон) кои доведуваат до постепена маскулинизација. Брадата започнува да расте. Гласот се продлабочува. Распределбата на масти на телото му дава мажествен облик. Дразницата се зголемува, иако не е близу до големината на биолошки пенис, но станува еректилен. Структурата на карличните коски, се разбира, не може да го промени обликот, како што ниту градите не исчезнуваат (иако кај повеќето случаи постои намалување), освен по пат на операција. Во зависност од големината на градите, постојат повеќе видови операции. Процедурата се нарекува двојна мастектомија (отстранување на гради). Може да се изведат со едноставен засек околу брадавицата и липосукција, со помал засек најчесто отстрана, а најсложената процедура, за пациентите со големи гради, се нарекува мастектомија со двоен засек и при нејзиното изведување кај двете гради се прави голем хоризонтален засек по долната линија, под пекторалнот мускул, а вториот засек е околу брадавиците. Во добар дел од случаите пациентите можат да ја задржат чувствителноста во овој дел од телото.

Следната фаза е "тестирање во вистинскиот живот" кога од личноста се бара да живее како член на новиот пол во период од една до две години. Ова се прави за да се провери дали е личноста во можност да се прилагоди на улогите на новиот пол. Идејата е уште еднаш да се провери дали личноста нема да се покае кога процесот ќе заврши. Некои транссексуалци, дури и без консултации со доктор, спонтано влегуваат во таа "трансвеститска" фаза во своите напори да станат жени.

Последниот чекор е самата операција. Кога се во прашање МкЖ транссексуалците, ним им се отстрануваат тестисите, а пенисот потоа се реконструира, од него се прават т.н. усни на новата вагина. Потоа се конструира вештачка вагина длабока од 15 до 20 сантиметри. Таа е обвиткана со кожата на пенисот за да ги има сите нервни завршетоци кои можат да одговараат на сексуалната стимулација. Шест месеци потоа вагината мора да биде проширена со пластична справа за да не зарасне. Можат да бидат направени и други козметички операции, како што е фацијална феминизација и реконструкција во пределот на вратот, за да се отстрани видливото Адамово јаболко, а се прави и операција на гласните жици за да се добие посакуваниот женски глас.

Операцијата од женски кон машки пол е многу посложена и генерално многу помалку успешна. Доколку пациентот одбере метоидиопластија, процедурата се фокусира на гениралниот раст, поточно на дразницата, кој при операциониот зафат се "ослободува" со отстранување на лигаментот кој го држел во претходната положба. Пораснатата дразница е многу слична на биолошки пенис (затоа што дразницата и пенисот се хомологни органи). Новиот пенис е еректилен и целосно функционален. Обично пациентите "во пакет" со оваа процедура одбираат продолжување на уретрата (мочниот канал) со цел да се овозможи уринирање во стоечка положба. Оваа процедура е можеби најсложена во целиот процес, и постои најголем ризик од компликации. Понатаму пациентот може да одбере и скротопластија (додавање на скротум со силиконски импланти во форма на тестиси). Во другиот случај, доколку пациентот одбере фалопластија, пенисот и тестисите се конструирани од ткива од одредени делови од телото (многу често од подлаткицата). Неофалусот (новиот пенис) се поставува на веќе постоечката порасната дразница (кој бездруго расте поради хормоналната терапија) заради максимално можно искористување на природните и функционални нервни завршетоци со цел постигнување на одредено ерогено стимулирање. За жал, неофалусот нема ерективен капацитет, во некои случаи се вградува крута силиконска гума или друго помагало, така што пенисот може да влегува во вагината и на тој начин се овозможува полов однос. Во само мал дел од случаите пациентите се задоволни од изгледот на неофалусот.

Дефинитивната причина за транссексуалноста не е позната. Едно од мислењата е дека е можеби долг од некое пренатално изложување на хормони од погрешен пол, што предизвикало поинаква мозочна диференцијација. Две студии го проучувале нивото на хормони кај транссексуалците пред операцијата на промена на полот, една кај транссексуалците од машки кон женско, а другата кај транссексуалците од женски кон машко. Двете студии покажале дека нивото на хормони е во нормални рамки на "оригиналниот" пол (не на полот кој сакаат да станат), што покажува дека транссексуалноста не е резултат на хормонално пореметување. Една од идеите е дека транссексуалноста е резултат на раната социјализација и учење, но ова е дискутабилно, затоа што транссексуалците тврдат дека откако знаат за себе, знаат дека има нешто што е различно кај нив, без разлика како биле третирани и како се социјализирале. Инаку, МкЖ транссексуалците се многу почести од ЖкМ, во размер од 3:1, иако овој размер се разликува во различни географски региони.