Томислав Таневски
Томислав Таневски (р. 1956 во Скопје) — македонски музиколог.[1]
Томислав Таневски | ||
Роден | 1956 Скопје, СФР Југославија | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Занимање | музиколог |
Биографија
уредиТомислав Таневски се стекнал со звањето доктор по музички науки во 2013 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје под менторство на композиторот Томе Манчев. Под менторство на истиот композитор, Таневски магистрирал по методика на музичка настава во 2010 година. Покрај ова, се стекнал со звање дипломиран професор по предучилишно воспитување на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје на одделот предучилишно воспитание. Претходно, на истиот факултет, се стекнал и со звањето наставник по музичко образование.
За време на студиите на Педагошката академија, под менторство на композиторот Кирил Македонски, навлегол во областа на музичката психологија, се запознал со методологијата на музикотерапијата и музичката психологија и воедно ги започнал своите први композиторски и оркестрациски обиди. Во меѓувреме се стекнал и со меѓународни сертификати, како „монтесори педагог“ и „обучувач за арт и драматерапија“.
Денес, Таневски е раководител на музичкиот оддел при Детскиот културен центар „Карпош“ во Скопје, а во својот професионален ангажман работел и како наставник по музичко образование во ОУ „25 Мај“ во Скопје.
Во својот работен и професионален ангажман работел и во Македонската телевизија како музички продуцент на народна музика и музика за деца, а бил и раководител на детскиот хор при МРТВ и детскиот хор „Златно славејче“, со кои снимил повеќе детски серии: „До-Ре-Ми“, „Весела Вртешка“, „Дајте музика“ и други.
Од останатиот ангажман во областа на музиката е основач и уметнички директор на детскиот музички фестивал „Калинка“ во Гевгелија од 1992-1998, а во 1995 година го подготвил и диригирал првиот мјузикл за деца во Македонија, „Аладин и волшебната ламба“, а во изведба на детскиот хор „Росица“ и балетската секција на Детскиот културен центар „Карпош“, со вкупно 65 изведби на сцената на Македонскиот театар.
На Факултетот за применета музика при Универзитетот за аудиовизуелни уметности (ЕФТА) е избран за доцент во јуни 2014 година, а во јуни 2017 година е избран за вонреден професор.
Во јануари 2018 година е избран за претседател на Сенатот на Универзитетот, а од септември 2020 година е назначен за проректор за настава на истиот универзитет. Во септември 2021 година е избран за редовен професор. Во октомври 2023 година, повторно е избран за претседател на Сенатот на Универзитетот.
Од 2017 година е ангажиран професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде до денес предава на Музичката академија и Факултетот за образовни науки, предмети од областа на методиката на музичката настава и креативното музичко творештво.
Награди
уредиТаневски е добитник на следниве награди:
- Награда „13 Ноември“ (2004)
- Годишна награда на Општина Центар - „Феникс“ (2008)
За својот музички опус добил повеќе значајни меѓународни награди и признанија. Дел од композициите за деца на Таневски се составен дел од учебниците за музичко образование за најразлична возраст.
Наводи
уреди- ↑ „Томислав Таневски“. Посетено на 2024-11-14.