Технофобија
Технофобија (technophobia) е страв или одбивност кон модерната технологија. Во определени случаи се користи во смисла на ирационален страв, а во други нејзините застапници тврдат дека стравот се заснова на оправдани причини. Нејзина спротивност е технофилија – голем ентузијазам поврзан со новите технологии, како компјутерите, интернет, мобилните телефони и домашното кино.
Примери за технофобија
уредиТехнофобите тврдат дека некои технологии се премногу моќни за човештвото да им верува и се плашат од последиците кои може да ги предизвикаат неограничените научни откритија. Еден пример за тоа е генетскиот инжинеринг, при што некои луѓе сметаат дека плеткањето со природниот тек на животот е арогантно и опасно. Таквите луѓе може да одобруваат научни методи за исправање на генетските мутации, но сметаат дека клонирањето и „подобрувањето“ на особините на човештвото е невкусно од морален аспект и може да доведе до целосна промена на сфаќањето на поимот „човек“, па дури и до појава на две раси („подобрени“ и “нормални“). Помалку филозофски е стравот дека манипулација со микроскопските организми може да доведе до случајно развивање на супер-вируси опасни по живот.
Сличен страв постои страв во врска со нанотехнологијата, односно користењето на милиони микроскопски роботи врз кои може да се изгуби контрола. Овој страв се заснова на претпоставката дека овие мали роботи може да бидат програмирани да се репродуцираат, што при некоја грешка би го правеле сè додека имаат материјал за градба, истрошувајќи ја целата планета.
Други форми на технофобија не се толку драматични, како на пример постоењето на лица кои одбиваат да научат да користат компјутери, или луѓето кои одбиваат да користат мобилни телефони или пејџери. Друга манифестација е појавата некои лица секогаш кога можат да одбираат да стапат во интеракција со „жив“ шалтерски службеник во банка, наместо да стапат во интеракција со машина – банкомат. Арно ама, за ваквите луѓе можеби едноставно им е позгодно да постапуваат така, без да им биде страв од новите технологии.
Технофобијата во популарната култура
уредиТерминот технофобија може да се користи и за опишување на многу пошироки стравови во врска со потенцијалот на технологијата за примена на моќ и контрола во општеството. Првото дело од жанрот научна фантастика, „Франкеншајн“ од Мери Шели, зборува за стравот на научникот Виктор Франкенштајн од суштеството кое го создал.
Технофобијата е присутна во модерната популарна култура, а особено во филмовите и телевизиските серии. На пример, во епизода на серијата „Зона на самракот“ од 1960 година наречена „Нешто во врска со машините“ главниот лик е новинар кој ги мрази многуте машини во својот дом и кои на крај физички го конфронтираат. Во основа на серијата романи „Дина“ е забраната за создавање „машини коишто мислат“ оти нивното постоење довело до истребувачки војни.
Технофобијата е тема на филмови од осумдесеттите во кои главни ликови се разуларени роботи, како „Терминаторот“, како и Аш и Бишоп во серијата „Вонземјанин“ во која е прикажана и технофобијата на иднината: „високотехнолошки расизам и апартхејд кон андроидите“. Поновите примери како „Терминатор 2: судниот ден“ и серијата „Матрица“ прикажуваат иднина во која вештачката интелигенција го истребува или поробува поголем дел од човештвото.
Покрај тоа, популарната и долгогодишна серија „Ѕвездени патеки“, која традиционално е про-технолошка, кон средината на деведесеттите постигна голем успех со користење на подемот на технофобијата и прикажување на технологијата како опасна и сеопфатна сила. Разултат е создавањето на Борг, вид кој во минатото бил сличен на човештвото, но по целосно интегрирање со својата сеприсутна технологија веќе не личат на луѓе. Оваа серија постигна успеси и со повторно актуелизирање на темата на хипотетичката Еугеничката трета светска војна во 21 век, во која генетски променети луѓе се обидуваат да ги поробат непроменетите.
Технофобни групи
уредиНеколку општествени групи во историјата се сметаат за технофобни, особено лудитите и амишите. Понекогаш и деловни и еколошки групи кои се обидуваат да спречат ширење на определени технологии се нарекувани технофобни од нивните противници, иако првите може само да застапуваат „најдобри практики“. Наспроти тоа, лудитите имале силен општествен став против технологијата, не само страв. Амишите (и некои менонити) не користат некои модерни технологии поради нивните религиозни убедувања.