Нема проверени преработки на оваа страница, што значи дека можеби не е проверено дали се придржува до стандардите.

Тања Урошевиќ

Био-библиографија и извадок од нејзиниот необјавен роман „Еден сив мартовски ден“

Тања Урошевиќ е еминентна преведувачка и писателка, членка на Друштвото на писателите на Македонија. Авторка е на романите „Аквамарин” (2004) и „Превид” (2008), на збирките раскази „Црвена нишка - железен прстен” (2009) и „Три новели” (2017), како и на неодамна објавената повест „Ура, Арал!” (2019). Романот „Аквамарин”е преведен на руски јазик и објавен 2017 во Москва, во книгоиздателството „У Никитских ворот”.

Тања Урошевиќ е несомнено најплодната и најзаслужната преведувачка и афирматорка на руската литература во Македонија. Нејзина заслуга е што македонската публика, од една страна, добила верни и уметнички вредни преводи на значајни дела од класичната руска литература, а од друга - што македонските читатели имале можност навремено, во вистински момент, да се запознаат со најзначајните остварувања на руските писатели од понови времиња. Некои нејзини преводи („Идиот” на Достоевски, „Доктор Живаго” на Пастернак, „Мајсторот и Маргарита” на Булгаков) доживеале и по десетина изданија и сѐ уште постојано се препечатуваат.

Тања Урошевиќ е родена 1936 година во Бендери (денес во Р. Молдова) во семејство со измешана национална припадност: нејзиниот дедо по татко, дошол во почетокот на XX век, како економски емигрант, од Македонија во Русија, и се оженил со Русинка. Таткото на Тања Урошевиќ, роден од тој брак, се жени, исто така, со Русинка. Во време на Втората светска војна семејството се враќа во Македонија.

Тања Урошевиќ завршила Филозофски факултет во Скопје - група Историја на книжевностите на југословенските народи. Работела како професор по македонски и руски јазик во средните училишта во Скопје, како лектор по руски јазик на Економскиот факултет во Скопје и во Центарот за странски јазици, а подоцна како новинар на Радио Скопје. Како уредник на Редакцијата за култура на Третата програма на Радио Скопје посебно внимание посветувала на пласирањето на најновите научни сознанија и постигнувања во областа на лингвистиката, на литературата и на другите уметности. И самата пишува осврти, прикази на книги и списанија и прави преводи (особено од руската литература) за Програмата и објавува во списанието Трета програма и во друга периодика.

Со преведувањето на уметничка литература, главно од руски јазик, се занимава уште од студентските денови. Тоа е втората половина на педесеттите години, време кога во македонската литература се одигруваат значајни процеси и постои голема жед за книжевни сознанија и искуства што доаѓаат од другите простори. Во тие години во сите југословенски културни центри - вклучувајќи го тука, секако, и Скопје - постои извонредно голем интерес за руската литература од првите децении на XX век. Во македонските весници и списанија Тања Урошевиќ објавува препеви на песни на руските модерни поети од дваесеттите години на дваесеттиот век, меѓу кои и на Б.Л. Пастернак (за првпат на македонски јазик и значително пред името на овој поет да стане познато во широки размери поради Нобеловата награда). Нејзините први преводи од руски јазик, кои изле¬гуваат како книги се „Кројцерова соната” на Толстој (1965) и „Шарени ветрови” на Всеволод Иванов (1967). Во тоа има нешто симболично, карактеристично за преведувачката дејност на Тања Урошевиќ: свртеноста и кон руската класика, но и кон остварувањата на руската литература од XX век со изразито модерни, иновативни тенденции. Преводот на „Кројцерова соната” е еден од првите преводи на Толстој на македонски јазик, а појавата на преводот на романот на Всеволод Иванов ќе го привлече вниманието на помладите македонски писатели и ќе изврши значајно влијание врз натамошниот развој на еден дел од македонската проза.

Потоа делата на руските писатели во превод на Тања Урошевиќ, почнуваат да излегуваат во една импозантна низа. Од руските класици тука се: Н. Гогољ („Виј”, „Шинел”), А. Пушкин („Повестите на Белкин”, „Пикова дама”) М. Лермонтов („Кнегиња Лиговска”, „Фаталист”), Ф. Достоевски („Идиот” и кратките прози во четири тома – „Белите ноќи”, „Неточка Незванова” и др.), Л. Толстој („Козаци”, „Отец Сергиј”, „Смртта на Иван Илич”), А. Чехов ( „Човек во футрола”, „Смртта на чиновникот”), Ф. Сологуб („Ситниот демон”), Г. Плеханов, К. Станиславски („Системот”). Но,Тања Урошевиќ најмногу внимание им посветува на вели¬каните на руската литература од XX век: Л. Леонов, А. Плато¬нов, И. Бунин ( „Село” и „Темните алеи”), Б. Пастернак („Доктор Живаго” со опширен предговор), Марина Цветаева („Преписка со Борис Пастернак”, „Пороен дожд светлина”, „Автобиографски прози”- со опширни предговори), М. Булгаков (романите „Мајсторот и Маргарита”, „Театарски роман” и повестите „Фатални јајца” и „Песјо срце”), В. Набоков (романите „Покана за смртна казна” и „Дарба”, со опширни поговори), Надежда Мандељштам („Сеќавања”, со поговор), при што таа зема значајно учество со своите преводи во големите издавачки проекти на Министерството за култура на Република Македонија во втората деценија на XXI век.

Покрај овие дела објавувани во одделни книги и антологии, во нашите списанија се печатени повеќе избори на руските поети и раскажувачи во нејзин превод (А. Ремизов, Н. Гумиљов, А. Ахматова, Д. Хармс, В. Купријанов).

Тања Урошевиќ има подготвено две антологии.

Едната е „Ѓаволијада” (1998) - избор на фантастични раскази во руската литература од првата половина на XX век, во која се застапени раскази на: В. Брјусов, Ф. Сологуб, А. Ремизов, Л. Андре¬ев, Е. Замјатин, В. Каверин, Л. Леонов, А. Грин, М. Булга¬ков, М. Цветаева, В. Набоков, Д. Хармс, В. Иванов, А. Сињавски. Во оваа антологија изборот, преводот и белешките за заста¬пените автори се нејзини.

Втората е „Кристален свет” (2002) - избор од современиот руски расказ. Во антологијата се застапени раскази на: А. Вознесенски, С. Довлатов, Људмила Улицка, В. Купријанов, Вик¬торија Токарјова, Ј. Мамлеев, Татјана Толста, Људмила Петру¬шевска, Венедикт Ерофеев, В. Пелевин, В. Сорокин, Виктор Ерофеев, Д. Пригов, Л. Рубинштајн, С. Соколов. Во оваа анто¬логија изборот, преводот, поговорот и белешките за застапените автори се нејзини.

Најнов превод ѝ е книгата „Дванаесет руски поети” (2015) која е направена според изборот на Екатерина Турчанова, како проект на соработка помеѓу рускиот и македонскиот ПЕН центар. Во изборот се застапени современите руски поети: Ина Лисњанска, Евгениј Рејн, Олег Чухонцев, Владимир Алејников, Јуриј Кублановски, Алексеј Аљохин, Ефим Бершин, Сергеј Гандлевски, Олесја Николаева, Евгениј Чигрин, Виктор Куле, Максим Амелин. Изборот и белешките за застапените автори се на Екатерина Турчанова, а препевот и поговорот се од Тања Урошевиќ.

На овој начин, Тања Урошевиќ го заокружува својот преведувачки опус во еден широк лак - од руската класика на XIX век, до најновите дела на современите руски прозаисти и поети. Нејзина заслуга е што руската литература (и руската култура) се длабоко вткаени во македонската културна меморија преку еден исклучително претставителен избор на делата што таа ги одбрала да ги преведе. Нејзиниот придонес за присус¬твото на руската култура во денешна Република Македонија е извонредно голем и видлив.

Тања Урошевиќ е одликувана од Московската организација на Сојузот на писателите на Русија со медалот „Грибоедов”. Во Македонија таа за својот преведувачки опус е наградувана повеќепати, а носител е и на највисоката награда за превод „Григор Прличев” која се доделува за целокупно дело.

МИРИСАА БАГРЕМИТЕ, ЦВЕТАА ТОПОЛИТЕ

(Одломка од необјавениот роман на Тања Урошевиќ - „Еден сив мартовски ден”)

Се сеќава, беше еден мошне светол ден, некој празник – веројатно Први мај – кога, по заморната и бесмислена парада преку главната улица и плоштадот, сите средношколци појурија во паркот. Во Кермес беа испоседнале матурантите, дрско нарушувајќи ги правилата, во пресрет на својот веќе сосема близок академски статус. Помалите пак, седумнаесет и шеснаесетгодишници, кои мораа да ја почитуваат забраната да седат во кафеана без придружба на некој постар, шетаа по насипот, оставајќи им ги со презир на љубовните двојки позасолнетите врвици и клупи. Сонцето им ги омекнуваше зглобовите, ги зашеметуваше слаткиот мирис на расцветаниот багрем, засилен уште и со по некоја дафина, затскриена во бујното зеленило на вториот дел од паркот. Мовта од тополите леташе низ воздухот, им се лепеше на трепките, се пикаше во носот. Маријана, Катја, Сергеј и Оливера чекореа тромо и без волја, небаре двоумејќи се дали и понатаму да продолжат или да си се разотидат дома. Полека се издвоија од соучениците, кои одеа несредено, подзастануваа, се туркаа со некои други, се довикуваа гласно. Четиритемина седмокласници се трудеа да одат во еден ред, но тоа не им успеваше. Хаотичноста и турканицата на недисциплинираната толпа ги натера да се разделат двајца по двајца. Оливера му се залепи на Сергеј и живо гестикулирајќи се трудеше да му го привлече вниманието кон себеси. Катја и Маријана одеа веднаш зад нив и млако си префлуваа по некој збор од немајкаде. Оливера, пак, во метежот на противречни чувства кои ја беа опфатиле, не успеваше да ја исползува за себе пригодата што ја чекаше одамна да се најде насамо со Сергеј. Пелтечеше, се обидуваше да започне некој разговор, го прекинуваше нагло, обесхрабрена од неговата сосема јасно иска¬жана незаинтересираност и рамнодушност. И тогаш, Оливера погледна кон групата која одеше во спротивна насока и како да доби вдахновение:

- Го гледаш новион од VII - а? – со еден омаловажувачки гест на главата, му се обрати таа на Сергеј.

- Кој нов? - расеано ја праша Сергеј.

- Па оној, новион, кој на полугодиево дојде од Дубровник ли, од Сплит ли, не знам од каде. Паметиш што чалам се крена околу него, син на некојаси воена ѕверка! Но мошне згодно момче е, нели?

- Па… - неодредено ѝ одврати Сергеј. – И што е со него?

- Па… - подзабави малку и Оливера. – Сакав да ти кажам дека некој не е баш рамнодушен спрема него.

- А! А кој тоа? – сѐ уште незаинтересирано ја праша Сергеј.

- Подобро е да речеш која! – викна наеднаш гласно Оливера и некако злокобно се втренчи во него. – Погоди!

Небаре насетувајќи нешто лошо, Сергеј сиот пламна. Му се вцрвенија образите, вратот се прекри со црвени дамки. Длабоко поставените црни очи му се вжарија за миг а потоа згаснаа, како да запливаа во некаква тага.

„Колку личи на птица”, си помисли Оливера. За миг се поколеба, дали да продолжи со својот наум. Срцето ѝ се стегна од жалост, но победи нејзината решеност да го сврти тркалото во своја полза.

- Катја, твојата Катја, - изговори со злобен шепот, а потоа, решена да ја зацврсти својата лага, го заби ножот до крајот. Малку нервозно, иако сакаше да изгледа незаинтересирано, го додаде коментарот: – Скроз е зацапана во него, не си забележал? Од авион се гледа!

Со тоа како да се исцрпи целата нејзина храброст и, исплашена од својата дрскост, но и од реакцијата на Сергеј, таа нагло молкна. Тој одеше како сосечен, не наоѓајќи сила да про¬говори што и да било. Оваа необична штама, која настапи толку неочекувано, не остана незабележана од оние кои одеа зад нив. Прво Катја го забрза чекорот за да се израмни со нив, а потоа и Маријана, потскокнувајќи, бучно се втурна меѓу Сергеј и Оливера, ги фати за раце и ги протресе извикувајќи:

- Еј, насмевнете се малку, зар не гледате колку е убав денот? – А потоа и самата гледајќи дека нејзините зборови не ја постигнаа целта, наеднаш рече: - Ова нема врска, ајде кај мене дома. Ќе се напиеме лимонада, а мајка ми, чинам, го испече денеска оној свој колач со кајсии!

Кајсии?, си помисли Оливера. Мирисаше багремот и цветаа тополите, тоа добро се сеќавам. Но, кајсии, тие стигнуваат подоцна, нели? А матурантите постојано седеа во „Кермес”, таму традиционално ги подготвуваа матурските испити. Дали тоа беше навистина Први мај или некој друг празник? Се посомнева во точноста на своето паметење, но се утеши веднаш. Што е важно кој ден тоа било. Она на што добро се сеќава е дека еднодушно ја прифатија поканата на Маријана и го завршија тоа не многу ветувачко пролетно претпладне на големата тераса кај неа дома на Илинденска.

И таму низ воздухот пролетуваше здодевната мов од алејата на тополите во паркот. А мирисот на багремите? Да, го имаше и него. Во времето на цутењето на багремите градот цел мирисаше на нив, како што мирисаше на цутот на липите во јуни. А тој ден, во сеќавањето на Оливера, како да го содржеше и мирисот на липите, и вкусот на колачот со кајсии. А можеби бил со јаготки или со праски? И воопшто, тој ден, на некој чуден начин, како да беше собрал во себе и некои други денови од тој период на годината, прелеани од уште младата, несозреана и затоа палава сончевина, која зашеметуваше, приспиваше и тревожеше, во исто време. Што е важно кој ден тоа било, си повтори Оливера, вслушувајќи се во свирењето на ученичката. Чувствувајќи дека ѝ остана должна, поради својата заскитаност на мислите, кимнувајќи во такт со главата великодушно ја охрабри:

- Така, така, само продолжи така, одлично, дете мое!

А самата, како мачка пробудена за миг, слатко се протегна во мислите и побрза да се врати во сончевината на онаа тераса. Таму се случуваше, како што засекогаш запамети Оливера, нешто толку битно и незадолжително во исто време, толку невино, чисто, а и скокотливо грешно, што таа еве сѐ до денес не може да биде начисто колкава е нејзината вина, и дали воопшто ја има. Да, таа тогаш ја беше смислила и почнала да ја спро¬ведува во дело целата игра – то ест лага – дека Катја е заљубена во тој некојси несреќен Давор, што значеше дека Сергеј треба да се откаже од неа. А кога виде каков болен удар му нанесе на Сергеј, дали од каење или заради воспоставување на некаква рамнотежа, почна да шири наоколу дека Маријана го сака Сергеј, а дека и тој е безумно заљубен во неа. Несебично, во овој случај, зашто од сето ова таа за себеси не добиваше ништо. Освен, можеби, некој надомест за своите чувства, со којшто, беше свесна, немаше многу причини да се фали.

Како и да било, во секој случај, мрежата беше нафрлена, а времето, од своја страна, почна сериозно да ја плете и мрси.

Но зошто, по толку години, сѐ уште Оливера да чувствува вина за една лага започната на таа тераса? Или, поточно, зошто само таа? Кој од нив не лажел или, во најмала рака, не ги прикривал, не ги камуфлирал со измислици, своите вистински чувства? Зар сите четворица тогаш, онака глумејќи ги опфатените од некоја светска тага, но несовладливо привлечни и ноншалантни Хемингвееви ликови, или, пак, раскошно шарените и површни ликови од „Бал на вода”, се разладуваа со штотуку исцедената лимонада, небаре в раце држат некој егзотичен коктел на кубанска плажа, биле способни јасно да разграничат што е вистина а што е лага, и дали воопшто тоа им била целта. Дали воопшто, додека мовта од тополите им ги лепеше клепките а блескавото сонце ги тераше да мижат и врз нив просто се истураа каскадите на Дворжаковата „Хумореска”, која им ја свиреше на виолина мајката на Маријана, застаната во рамката на вратата, тие сакале да знаат што е, а што не е, што е мечта, а што е живот, што е зло, а што добро? Подоцна, многу подоцна, кога во една пригода Оливера им раскажуваше на некои свои ученици за тие нивни собирања кај Маријана, и за тоа дека мајка ѝ им свирела на виолина, сосема аматерски, но, се разбира, Оливера го премолчуваше тоа, едно од момчињата изреагира мошне неочекувано за неа: „Боже, колку многу ја сакала ќерка си и сите вас таа жена!” Оливера прво се запре¬пасти од оваа констатација на инаку дрзок и не многу прилежен ученик, но кога подразмисли сфати - да, имаше таму многу сакање, многу љубов. Што замислена, што стварна. А покрај сето тоа и многу тага. Необјаснива, беспричинска, би можело да се каже, но упорна, сепрониклива, која се разлеваше не само низ нивната душа, туку и низ телото до најситните капилари. Ги растажуваше ли неизвесноста од животот кој, ете, само што не им тропнал на вратата, или, пак, од извесноста дека сето тоа што го доживуваат во тој миг, е само миг, неповратно краток? И самата таа госпоѓа Маргарита, за нив тетка Марга, мајката на Маријана, со сета убавина и љубов што ја ширеше околу себе – не само мајчинска, туку и некоја општа, непозната и, како што понекогаш насетуваа тие, по малку грешна - беше олицетворение на таа минливост и на таа тага.

И навистина, имаше нешто толку трогливо, непостојано, минливо во нејзината присутност, тука пред нив, со виолината в раце, и отсутноста, во исто време, во одлутаноста некаде, не толку во друг простор, колку во некое друго време, си го продолжи Оливера својот монолог во себе. Чиниш таа од нив како да очекувала некоја поддршка, некој напор, за да ја задржат неа - средовечна жена, во домашна роба од јапонска свила со крупни цветни шари, чие извиено, сѐ уште еластично тело се ниша и трепери сообразно со гудалото, одвај се додржува да не одлета, да не исчезне од пред нивните очи. Во тие мигови, инаку секогаш насмеаната и добродушна, по малку површна Маријана, добиваше мошне сериозен и сосредоточен израз. Небаре, и покрај сета блискост со својата мајка, таа наеднаш откривала во неа и некоја друга, недоволно позната жена. Ја мразела ли или се обидувала да ја сфати? Иако сите ја забележуваа оваа чудна промена кај Маријана, ни Оливера, а и никој друг од нивното мало друштво не си го поставуваше тоа прашање тогаш. Идејата дека Маријана се обидувала да ја процени мајка си и да ѝ суди со сета жестокост на својата седумнаесетгодишна возраст, ѝ се беше јавила на Оливера дури откако, многу, многу години подоцна го препозна истото однесување на Весна кон Катарина. Ќерките се толку строги кон своите мајки, воздивна длабоко Оливера, не без извесна злорадост и, којзнае зошто, се загледа во ученичката покрај пијаното. Девој¬чето сѐ уште беше мало. Уште е рано, уште е рано за тоа! Како да ѝ се закани во мислите Оливера на мајка ѝ, во случајов –непозната и за неа сосема нерелевантна жена. Но Маријана?.. можно ли е да не се прашувала, да не забележувала ништо дури ни на таа возраст?

По војната госпоѓа Маргарита се нашла сама со малечка ќерка. Нејзиниот маж, успешниот стоматолог, кој, по завршувањето на студиите во Швајцарија, отворил ординација во приземјето на нивната нова двокатна куќа на Илинденска, што му ја беше донела како мираз неговата млада и убава жена, беше исчезнал незнајно каде. Всушност, „паметен бил”, со нескриена злоба, но и со добро прикриена завист, зборуваа некои од неговите некогашни пријатели и пациенти, „не седел дома до крајот, туку, откако му станало јасно колку е часот, кој победува и што таа победа може да им носи нему и на сите оние кои ги зачувале своите определби и врски уште од она швајцарско време, успеал навремено да исчезне којзнае каде!” Но тоа беа само некои гласови, „непроверени и недобронамерни” како што понекогаш ќе речеше Марга. Дали самата се досетувала или, пак, знаела што се случило со него, никому никогаш не му зборувала за тоа. Ни неговото име, ни судбината - жив ли е или мртов – не смееше да се спомене дури ни пред малата ќерка. Својот убав голем стан на Илинденска, во време кога станбените квадрати се делеа, како и лебот, на минимални порции, на квадрати, на „точки”, таа успеа да го зачува само под една среќна околност: кај неа беше вселен управникот на Воената болница, дојден, ако не се лаже Оливера, од Љубљана. Постар, немтурест човек со крупно, несмасно тело. Самец, барем во Скопје. Имал ли некое семејство, му било ли одамна растурено или пак неодамна во војната, сето тоа беше доста матно. Во секој случај, тој беше строг и принципиелен човек, коректен, со отмени животни навики и, како што се покажа подоцна, крајно благороден и грижлив. Госпоѓа Маргарита и натаму остана госпоѓа во времето на другарките, на АФЖ-активистките, на лошо-облечените и изгладнети службенички и работнички, благодарение на оваа среќна околност. Некако, небаре тоа дошло само од себе, таа не само што почна да му готви на Докторот, да му го обезбедува целиот животен комфор, туку му создаде и топол дом, со својата ненаметлива присутност и грижа. Големата, најубавата, некогаш приемна соба, му беше отстапена нему. Самата со својата ќерка се смести во спалната, сѐ додека девојчето не порасна толку, што му затреба одделна соба. Станот располагаше и со една, речиси заборавена, зашто никогаш не се загреваше, мала соба, која ѝ ја дадоа на Маријана, со што никакви други поместувања во станот не се покажале нужни. Излезе некако најприродно Докторот да го пополни испразнетото место во спалната, покрај госпоѓа Маргарита. Ништо скандалозно! Сите веќе беа свикнале на овој убаво среден, хармоничен и, што е најважно, во сите тие тешки времиња, обезбеден семеен живот. На некој дискретен начин како да се зачувуваше достоинството на секој негов член, без жртви, принуди, неразумни ограничувања. Но, тоа важеше само во нивните односи внатре. За светот надвор, кој, и покрај слободоумните идеи, бараше озаконување, општествен увид и потврда на исправноста дури и на најинтимни животни детали, госпоѓа Маргарита остануваше една буржоаска жена која го изгубила мажот на сомнителен начин. За позлобните – таа беше „држанка”, „како не се срами пред детето!” „Денес секоја жена може чесно да се издржува себеси. За децата се прима детски додаток, а државата помага и на друг начин!”- велеа посвесните граѓани.

Маргарита, што е вистина, се обиде своевремено да побара работа за себе, но насекаде само наидуваше, небаре по договор, на подолг молк и краток одговор на крајот: “да, да, ќе видиме”, дури без она „јавете се пак” или „ќе ви се јавиме ние”. Тоа беше уште најучтивата форма на одбивање жена за чиј маж се знаело дека не само што за време на војната преминал на другата страна, туку уште од деновите на неговите студии во Лозана, биле запаметени и следени неговите политички активности и врски. Во прво време, кутрата Маргарита, продаваше по нешто свое на Бит-пазар; по некое палто, чевли од мажот, костум. Но тоа не можеше да трае подолго време. Се обиде да држи приватни часови на деца по француски јазик, но кој во тоа време можеше да оддели, макар и ситни парички, за таков луксуз? Таа одлично го знаеше јазикот - беше завршила француски колеж во Солун, но ни таа диплома, ни општата образованост не ѝ помогнаа да биде доволно конкурентна во однос на другарките кои завршиле забрзани аналфабетски курсеви и ги пополнуваа местата во блоковската, градската и републичката администрација. Тогаш се всели Докторот и овој проблем се реши сам од себе. Официјално, за сите тој остана станар. За некакво друго определување или и озаконување на таа врска никогаш не станало збор, ниту од самите глумци внатре, ниту пак од душегрижниците надвор. Со својата висока и одговорна положба Докторот беше заштитен од какви било прашања од тој вид.

Остануваше, на крајот, само Маријана. Прво мало девојче, а потоа девојка која расте и зрее и сѐ повеќе се обидува да ги одгатне тајните на светот, сосе оние на своето најблиско опкружување, со својата блескава, маѓосна појава и весел, добродушен карактер, никогаш не оставаше место за сомнеж дека е можеби незадоволна, дека страда од необичниот стек на околностите во кои се одвиваше животот кај неа дома. Секогаш го носеше оној непоматен со ништо насмев на лицето, и израз на задоволство од своите блиски, од училиштето, од другарите, од професорите, од колачите на мама. Таква беше: добро и среќно дете. Не ја збунуваше дури ни тоа што живее во, за тогашните времиња, ретко изобилство. Со радост ги носеше убавите фустани, со богати жипони, што ѝ ги шиеше мама од материјали добиени во специјалните магацини до кои имаше пристап нивниот Доктор. Со најприродна добродушност ги делеше своите обилни ужинки со полугладните деца во класот, на школските излети носеше храна како за мала чета. Својот најблизок круг пријатели често го канеше дома. Ги послужуваше секогаш со нешто вкусно што го подготвила мама Марга. Мама Марга која имаше доволно време за сето тоа, зашто мама Марга беше единствената мајка која не одеше на работа, не се туркаше во бескрајните редици пред ГРАНАП-от – Градска народна продавница – кој беше сместен во дел од некогашната ординација но нивната сопствена куќа, за да набави некаква храна, која не мораше да оди на состаноците на БЛОКОТ – некој вид месна заедница со силен политички предзнак – исто така, сместен во другиот дел – на кои беа принудени да одат сите. Таа беше одморена, убаво исчешлана и намирисана, внимателна и љубезна со нив. Ги честеше со нешто кое тукушто го испекла, сварила, подготвила. И, им свиреше на виолина.

Кутрата. Тие не знаеле дека таа, во својот осаменички живот, исполнет со некоја бескрајно присутна и не наполно осознаена вина, само на овој начин, макар за малку, можела да ја симне својата маска, да им се предаде на своите чувства, на својата тага. Душата најлесно се отвора пред децата, зашто тие на ништо не му се чудат. Но за она за што чувствувала потреба да им кажува таа ни пред нив не смееше да употребува зборови и затоа, преку музиката, која ја изведуваше не премногу вешто, таа допираше до нивните срца. Сето тоа беше толку убаво, освен онаа невообичаена втренченост на Маријана.

Ја осудувала ли премногу строго во тие мигови својата мајка? - се праша Оливера. Но тоа можел да биде само еден период, побрза да си одговори самата на себе. Зашто, на крајот, сето тоа се смени. Паднаа сите резерви кои, покрај Маријана, ги имаше и целото нивно мало друштво во однос на тој Доктор. Кога на почетокот на новата, и последна, школска година, на редовното флуорографско снимање на учениците, кај Сергеј се открија мошне сериозни дамки на белите дробови, Маријана и мајка ѝ побрзаа да ја изложат ситуацијата на својот Доктор и тој ги вложил своите не мали сили по најитна постапка Сергеј да биде испратен на лекување во Словенија. Пред вратите на славниот санаториум ГОЛНИК во Словенските Алпи, во тоа време, кога градоболни имаше повеќе отколку здрави, чекаше на ред една мала Југославија, а место се добиваше, главно, според заслугите за државата и народот. Затоа оваа итно упатување на Сергеј за сите беше рамно на чудо и беше јасно дека Докторот морал да ги употреби сиот свој авторитет и дебелите врски за едно момче, ни скоевец, ни младински активист, ниту, пак, од работничко или, барем, селско потекло, чиј татко, згора, исчезнал на некаков сомнителен начин во виорите на војната, да биде пратен таму. И тоа под итно!

По овој настан, кој сериозно го потресе нивното мало друштво, трите девојчиња станаа неразделни. Времето останато од школските обврски го минуваа главно, кај Маријана, во нејзината мала соба, но и во „салонот” каде што често со нив седеше и Докторот, сега наполно преобразен во нивните очи во еден драг и добродушен старец. Мајката Марга во ваквите пригоди веќе не им свиреше туку тивко приседнуваше некаде скраја со благ насмев на задоволство. Иако длабоко загрижени поради болеста на Сергеј, кај Маријана, Катја и Оља, небаре на некој чудесен начин исчезнале сите нивни сомнежливости, незадоволства, беспричински таги. Оваа сосема стварна опасност што му се закани на нивниот другар како да им даде една полетна и зрела сила да се погледнат со животот очи в очи. Со Докторот тие расправаа за предностите на санаториумската терапија, црпејќи ги своите сознанија од „Волшебниот рид” на Томас Ман, кој колективно го читаа таа зима. Докторот, пак, со неочекувано трпение им одговараше опширно и сериозно, добродушно замижувајќи пред нивната наивна самоувереност. Се разбира, шепотењата и придушените кикотења за мадам Шоша, за еротските доживувања под „туберкулозно” повишената тем¬пе¬ратура, тие ги одлагаа за кога ќе седнат стиснати една покрај друга во малата соба на Маријана. Во таквите пригоди во кафето што го пиеја ќе додадеа понекогаш по некоја капка вињак, ако Маријана успееше да исцеди од Докторовото шише, без тој да го забележи тоа. Така завладуваше помеѓу нив трите едно пријатно чувство на заговорништво, на тајност.

Задоволството од самите себе се зголемуваше уште и со тоа што редовно ја посетуваа мајката на Сергеј, тетка Цветанка, како што ја викаа со нежност. Таа, веќе не млада жена со мошне чувствително здравје, живееше повлечено и скромно. Сѐ уште одеше на работа во својата железничка амбуланта, но таму веќе го немаше стариот доктор Михаил Василевич, чичко Миша и онаа топла, пријателска атмосфера што тој ја ширеше околу себе. Меѓу помладите доктори и сестри, сите „проверени”, дојдени со препорака од новите власти, одвреме-навреме ќе почувствуваше опасни сомнежи: „да, да, таа е во ред, но сепак, сепак, нејзиниот маж?..” Сосема доволно за таа да се чувствува несигурно и исплашено. А сега, кога Сергеј беше отсутен, тоа чувство не ја напушташе ни дома. Во единствената соба, во која живееше со синот, зашто толку им беше доделено, откако мораа да ја напуштат сопствената куќичка во Влае, во стан, кој го делеа неколку семејства, наеднаш како да беше зината една огромна празнина. Редок случај кога отсуството е поопипливо отколку што беше самото присуство на сувикавото и скромно момче. Во раните самраци таа зима, додека мајката беше зафатена со приготвувањето на чајот од „лечебни тревки”, повторувајќи го изразот научен од рускиот доктор, како што се изразуваше таа и кои ги берела “лично” на своите осаменички прошетки на падините на Водно, над самиот свиок на Вардар во Влае, Оља, Катја и Маријана и на своја кожа ја чувствуваа сегдеприсутната на сивата и со ништо ненадоместливата штама. И врз нив преминуваше тагата, која владееше во претрупаниот а празен простор. Но тие наоѓаа сили да ѝ дадат отпор не само заради самите себе, туку и да го ублажат тоа чувство и да внесат барем малку ведрина и надеж кај кутрата жена. Тие ги разменуваа со неа писмата што ги добиваа од Сергеј, ѝ ги пренесуваа охрабрувачките пораки од Докторот, разговараа за важни и неважни нешта. По секоја од овие посети тие се чувствуваа некако просветлени, добри и се гордееја со самите себе. Се чини дека токму таа зима, кога Сергеј беше недосеглив за нив, во некои далечни снежни простори и под сериозна закана за своето здравје, тие трите, Катја, Марјана и Оља, беа најмногу блиски и дружни. Она што така подмолно му се закани на нивниот другар сосема како да ги избриша личните интереси на секоја од нив, наполно ги сплоти, тројно ја зголеми нивната сила, за небаре тој да има на што да се потпре.

Со приближувањето на пролетта, од онаму, од сѐ уште снежните Алпи, пристигнуваа сѐ подобри вести. Дамките во градите на Сергеј бледнееја пред напливот на сончевата светлина и, веќе кога сосема се запролети, во април тој се врати дома. Зацврснат, малку поправен и созреан на некој чуден начин. Веќе не оној затворен во себе, срамежлив момчак, но не и како оние сосила созреани и несмасни матуранти, што глумат возрасни мажи. Тоа беше и натаму истиот стар Сергеј, но кон него како да се приклучило нешто ново, одвај забележливо, непоимливо ни за Катја, ни за Оља, ни за Маријана. Дали некое ново искуство, со кое се здобил во санаториумот, или тоа беше она нагло созревање, што го носи соочувањето со сериозна болест? Насетуваа можеби и тие по нешто од сето тоа, и тоа како да им влеваше извесна стравопочит, претпазливост во однесувањето со него и раѓаше рој запрашаности во нивните глави. Но, над сѐ, преовладуваше чувството на радост и наплив на силна сеопфатна љубов. Сите се чувствуваа некако зајакнати, небаре оздравени заедно со Сергеј.

Сите овие околности, како што можеше и да се очекува, во нивната мала дружина ја кренаа на херојски пиедестал Маријана. Сергеј, сосема оправдано ѝ должеше благодарност. А благодарност чувствуваа и Катја и Оливера. И под такви услови, се разбира, интригата околу нивната заемна љубов, која толку произволно ја беше започнала Оливера, сега се зацврсти и доби убедливост во очите на сите. Дури и самите Маријана и Сергеј како да почувствуваа нешто од тоа. Не дека тие наеднаш се издвоиле од друштвото како двојка. Не, напротив! Нивното четиричлено друштво беше цврсто и еднодушно како никогаш дотогаш, но јасно можеше да се забележи меѓу нив некоја душевност и блискост, која Катја и Оливера го беа протолкувале секоја на свој начин.

Впрочем, тоа, најпосле, и немаше голема важност, зашто сите беа просто заплиснати, озарени од една сеопшта, голема љубов и немаше место за себичност, за љубомора, за завист. Сите беа заљубени, среќни, никој од нив не ни помислуваше да се праша кој и во кого.

„Стремеж“ бр. 1 2020