Струшки зборник со творба од Св. Климент Охридски
Опис: Струшки зборник со творба од Св. Климент Охридски, српска редакција, од средината на XVI век. Хартија: 21 х 15 см. (22 х 16 см. со повез), 265 листови без почеток и крај. Ракописот е тешко оштетен. Во почетокот од л. 1-7, сочувани се само фрагменти. Од л. 7 до крајот сите листови се оштетени. На ракописот извршена е реставрација во 1983 година во лабораторијата на НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје. Поради тешката оштетеност од вода, употребата на ракописот е отежната.
Писмо: Ракописот е напишан од три раце. Прва рака од л. 1-50 и од 65-248, втора рака од л. 51-58 и од 249-256 и трета рака од л. 59-64. Кај првата рака испишани се по 20 реда во полна страница, кај втората рака по 21 ред и кај третата рака по 23-24 реда. писмото кај трите раце е убаво полууставно од XVI век. Правописот е ресавски, се среќаваат двата ера, големиот обично во предлозите и претставките, а малиот на крајот од зборот. Се употребува десетерично ї и широко є. На повеќе места се среќаваат носовките ѫ и ѧ што покажува дека предлошката му била македонска. Од надредните знаци се среќаваат точка и запирка. Насловите и почетните букви се напишани со црвено, а останатиот текст со црно мастило.
Водени знаци: „Сидро во круг со ѕвезда одозгора“.
Орнаментика: На л. 162 првична буква „М“. На л. 217 правоаголно знаменце со плетеница во сина, црвена и кафена боја. Под знаменцето првична буква „Ч“. На л. 227‛ на левата маргина има иницијал во вид на цвет со црвена боја.
Повез: Нов, кожа.
Содржина: Зборник на слово и поученија
Потекло: Ракописот е најден во Струга.