Статистички серии

Статистичка серија претставува низа на бројчени податоци кои ја прикажуваат структурата на масата по некој белег, или распоредот на масата во простор, или промената на масата во време.

Статистичките серии се делат на четири типови: предметни, временски, територијални и бројчени серии. Тоа е главна и основна поделба на статистичките серии, но од досегашното изложување за сите типови статистички серии видовме дека територијалнните, предметните и бројчените серии имаат заедничко тоа што бројките во секоја од нив се однесуваат за едно исто време. Тие серии покажуваат расчленување на статистичката маса (единиците) според варијантите на извесен територијаелн, предметен или бројчен белег, но секогаш во еден утврден момент. Поради тоа овие серии се статистички серии. Напротив, временските низи во тој поглед битно се разликуваат од другите три типа : бројките во нив покажуваат движење на проучуваната појава од еден временски момент или период до друг, поради што временските низи се динамички серии.

  • Предметните серии (табели) ја прикажуваат распределбата на статистичките единици на една маса според различни квалитети на предметниот белег.
  • Временските низи (табели) покажуваат колку изнесува бројот на единиците од една масовна појава во секој определен временски период.
  • Територијалните серии (табели) ја прикажуваат распределбата на статистичките единици по разни територии.
  • Бројчени серии (табели) ја прикажуваат распределбата на единиците според нивните разни големини.

Статистичките серии ни го прикажуваат распоредот на единиците на масата според вредностите на белегот и според тоа овие серии се состојат од модалитети или варијанти на белегот, коишто се дадени во првиот ред или колона и број на единици, односно честоти дадени во вториот ред или колона.

– Честотите прикажуваат колку пати се јавуваат поодделните модалитети внатре во набњудуваната статистичка маса.

Според начинот на формирањето и начинот на изразувањето на податоците, статистичките серии се делат на: серии на структурата и временски низи. Во зависност од видот на белегот, според кое е извршено групирањето на податоците постојат серии на структурата со атрибутивни и серии на структурата со бројчени белези.

– Моделите на атрибутивните белези се искажуваат описно и за нивно групирање е потребно да се има јасна шема на класификација. Класификацијата како статистички стандард се врши според критериумот кој најповеќе одговара на природата на самиот белег (пол:машки и женски; писменост: писмен и неписмен) или целите на истражувањето ( вработените работници според степенот на стручното образование или платите; поединечните земјоделски стопанства според бројот на активните членови или големината на имотот).

ВРАБОТЕНИ СПОРЕД ШКОЛСКАТА ПОДГОТОВКА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, 2005 ГОДИНА

Школска подготовка Број на работници
Без образование 3.570
Незавршено основно образование 31.932
Основно образование 115.645
3 години средно образование 58.636
4 години средно образование 227.908
Више образование 30.593
Високо образование 76.970
Вкупно 545.254

* Високото образование вклучува: високо образование, магистратура и докторат. - Извор: Статистички годишник на Р Македонија, 2006, стр. 243.

– Врз основа на класификацијата на атрибутот, кај бројчените белези како проблем се поставува градирањето на нивните вредности. Интервалот на поединечната вредност на еден бројчен белег во дадената статистичка маса, може да биде поголем или помал (пр. Број на членови на домаќинства се движи од 1 до 5). Градирањето на бројчените вредности на овие белези се разликуваат во зависност од тоа дали белегот е прекинат или непрекинат.Прекинатите белези претставуваат групирани податоци (со честоти), а непрекинатите белези претставуваат негрупирани податоци.

ДОМАЌИНСТВА СПОРЕД БРОЈОТ НА ЧЛЕНОВИ, ПО ПОПИСОТ ОД 2002

Број на членови во домаќинството Број на домаќинства
1 53.861
2 110.668
3 103.715
4 160.502
5 70.599
6 39.685
7 14.049
8 и повеќе 11.158

- Извор: Статистички годишник на Р Македонија, 2006, стр 58