Сила за превентивно распоредување на Обединетите нации
Сила за превентивно распоредување на Обединетите нации или УНПРЕДЕП (англиски: United Nations Preventive Deployment Force, UNPREDEP) — воена сила за мировни операции на Организацијата на обединетите нации во Република Македонија. Таа била основана на 31 март 1995 година со Резолуцијата 983 на Советот за безбедност на Обединетите нации, и истовремено станала замена на Силата за заштита.
Улогата на силата била да следи и известува за каков било развој во пограничните подрачја кој може да ѝ наштети на довербата и стабилноста во земјата и да ја загрози нејзината територија. Разни фактори сметаат дека оваа мисија е пример за успешно распоредување на мировните сили на ОН во спречување на конфликти и насилства врз цивилите.
Единствениот фатален настан на силата се случил на 1 февруари 1997 година кога хеликоптер на силата кој превезувал тројца фински војници од Нордичкиот баталјон се урнал во Мавровско Езеро при што загинале сите 4 патници. Несреќата се случила кога хеликоптерот се урнал во 100 киловолтен далекувод.[1]
Со донесувањето на Резолуцијата 1186 на Советот за безбедност, мандатот на оваа мировна операција бил продолжен сè до 28 февруари 1999 година, кога воената сила започнала да се повлекува. Ваквата одлука била донесена откако Народна Република Кина ставила вето на мандатот на силата поради признавањето на Тајван од страна на Република Македонија. Идејата за потреба од повторно распоредување на УНПРЕДЕП се активирала во септември 2001 година, но истата била безуспешна.[2]
Наводи
уреди- ↑ Accident Bell 206L-1 LongRanger II C-GGHA, 01 Feb 1997, ASN. (англиски)
- ↑ „Македонија неделава и формално ќе побара ОН да одобрат мисија на УНПРЕДЕП“. Дневник. 3 септември 2001. Посетено на 21 март 2018.