Сериски убиец
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Сериски убиец — човек кој убил тројца или повеќе луѓе во рок од повеќе од 30 дена, при што има период на „одмор“ помеѓу секое убиство и при што мотивацијата за извршувањето на овие убиства е најчесто психолошко задоволување. Често постои и сексуален елемент во убиствата. Постои можност да има сличности помеѓу убиствата или обидите за убиство, како и помеѓу жртвите во некоја област, како професија, раса, изглед, пол или возраст.
Сериските убијци често се помешуваат со масовните убијци, коишто извршуваат повеќе убиства одеднаш, или пак со миговните убијци, коишто извршуваат повеќе убиства на 2 или повеќе места, при што виртуелно нема пауза помеѓу убиствата. Ковањето на англискиот поим „сериски убиец“ му се припишува на поранешниот специјален агент на американското ФБИ Роберт Реслер во 1970-тите години. Концептот бил измислен уште порано, на пример од страна на германскиот полициски инспектор Ернст Генат, кој го смислил поимот уште во 1930-тите години. Авторката Ен Рул пак во нејзината книга од 2004 година „Бакни ме, убиј ме“ претпоставува дека заслугата за ковањето на поимот „сериски убиец“ во англискиот јазик му припаѓа на детективот од Полицијата на Лос Анџелес Пирс Брукс, кој бил генијален ум во Програмата за анализа на насилни криминални дела.
Особености
уредиСериските убијци во Соединетите Американски Држави обично ги делат следниве заеднички одлики:
1. Најголем дел се белци и неоженети. Но сепак има неколку забележани случаи на сериските убијци кои не биле белци, на пример Вејн Вилијамс, Тимоти Спенсер, Чарлс Нг, Енџел Матурино Ресендиз, Џорџ Расел, сериските снајперисти, Џон Мухамед и Ли Малво.
2. Често се многу интелегентни, со коефициент на интелегенција во рамките на „натпросечно високите“ коефициенти.
3. И покрај нивниот висок коефициент на интелегенција, тие имаат проблем со задржување една постојана работа и често работат физички работи.
4. Често потекнуваат од нестабилни семејства.
5. Типична одлика е да биле напуштени од страна на нивните татковци уште како деца и да биле израснати од доминантни мајки.
6. Нивните семејства често имаат криминално, психијатриско и алкохоличарско минато.
7. Во голем број од случаите тие биле злоупотребувани - емотивно, физички и/или сексуално - од страна на член од семејството.
8. Имале чести обиди за самоубиство.
9. Уште од многу рана возраст, многу од нив покажувале силен интерес за воајеризам, фетишизам и садомазохистичка порнографија.
10. Повеќе од 60% мокреле во кревет и на возраст поголема од 12 години.
11. Многумина ги фасцинира запалувањето на нештата.
12. Честопати имаат садистички активности и измачуваат мали животни.
Но постојат и исклучоци од овие критериуми. На пример Херолд Шипмен бил успешен професионалец (општ лекар, кој работел во Националната здравствена институција во Англија). Тој беше сметан за столб на општинската заедница, кој дури и доби професинална награда за детската клиника за астма и беше интервјуиран за „Светот во акција“ (“World in Action”) во продукција на Гранада Телевизија. Денис Нилсен беше поранешен војник кој потоа стана службеник во јавната администрација и член на синдикатот и немаше претходно криминално досие кога беше уапсен. Ниеден од овие претходни два примери не биле забележани да покажуваат или поседуваат некој од овие знаци. Владо Танески беше новинар, кој беше фатен откако напиша неколку статии, кои покажаа знаци дека тој убивал луѓе. За уште поголема иронија, тој бил новинар кој пишувал статии во врска со криминалот.
Психозата е ретка појава кај сериските убијци. Психијатриската дијагноза, која претежно се забележува кај оваа група луѓе, е повеќе наклонета кон психопатско однесување, што значи дека тие страдаат од нарушувања, кои спаѓаат во специфична група на нарушувања на нефункционална личност, односно оние кои се поврзуваат со антисоцијалното растројство на личноста. Психопатите не поседуваат способност за сочувствување или за чувствување вина, тие се егоцентрични и импулсивни и не се потчинуваат на социјални, морални и законски норми. Наместо ова, психопатите често следат одредени правила коишто самите си ги имаат создадено за себе. Можат да изгледаат нормално и често дури и шармантно, што претставува состојба на приспособување, која што психијатарот Херви Клекли ја нарече „маска на психичко здравје“. Иако психопатијата не е службен поим во „Дијагностичкиот и статистички прирачник за психички нарушувања“, таа сепак е вид на психичко нарушување, кое содржи и одлики на антисоцијалност и нарцисоидност. Роберт Хер создаде листа со одлики т.н. „Листа за психопатија – прегледана“ (Psychopathy Checklist-Revised (PCL-R)) за да може да се разликува психопатијата од антисоцијалното растројство на личноста. Прашалникот ги оценува луѓето врз основа на фактот дали тие се одликуваат со антисоцијални и нарцисоидни особини. Па,резултатите од PCL-R тестот покажаа дека додека кај 50 % - 80 % беше дијагностицирано антисоцијалното растројство на личноста, само 15 % - 30 % добија резултати за психопати.
Тројството на Макдоналд (суровост кон животни, пироманија и постојано мокрење во кревет и по возраст од 5 години) се чести појави кај сериските убијци за време на нивното детство. Но сепак, подоцнежните истражувања покажаа дека мокрењето во кревет не е поврзано со психопатијата.
Развој
уредиТоа, по кое што сериските убијци се разликуваат од „нормалното“ население, се сличните проблеми со кои се соочувале во детството. „Моделот за контрола на траумите“ на Хики објаснува како некоја траума од раното детство може да влијае на детето и во иднина да го наведе на девијантно однесување. Средината на детето (или родителите или општеството) е главниот фактор за тоа, дали однесувањето на детето ќе прерасне во склоност кон убивање. Најчесто мајката ја игра најважната улога во развојот на детето. Преголемата заштита од страна на мајката, комбинирано со недостаток од татковско влијание, резултирала во голем број од случаите со развој на многубројни сексуално насилни мажи.
Семејството, или пак недостигот од семејство, е најзначајниот дел од развојот на детето, поради секојдневниот контакт и поврзувањето со членовите. „Серискиот убиец не е ништо поразличен од било која друга личност, која била поттикнувана да бара поддршка од родителите, сексуалните партнери или други луѓе“ (Хејл, 1993 година, стр. 41). Оваа потреба за поддршка е тоа, кое што ги поттикнува децата да се обидат да развијат врска со нивните родители и врсници, но доколку детето е одбиено или запоставено, тоа нема да може да ги оформи овие врски. Ова резултира со намалување на нивото на нивната самопочит и им помага да си создадат нивен замислен свет, којшто тие си го контролираат. „Моделот за контрола на траумите“ на Хики (2010 година, стр. 107) јасно покажува дека развојот на сериските убијци се заснова на траума од раното детство, проследена со забрзувачи на процесот (порнографија, дрога и алкохол) и исполнети предуслови (неспособност за поврзување со некого).
Поврзаноста со семејството исто така игра важна улога во растот и развојот на детето. „Квалитетот на нивната врска со родителите и останатите членови на семејството е исклучително важен за тоа, како овие деца ќе се поврзат и ќе ги поитуваат останатите членови на општеството.“
Вилсон и Симан (1990 година) извршија истражување за затворените сериски убијци и за факторот, којшто тие го сметаа за највлијателен при создавањето склоност кон убивање. Скоро сите сериски убијци кои учествуваа во истражувањето се соочувале со проблеми со околината за време на нивното детство, како што се нефункционално семејство или недостаток од домашна дисциплина. Чест беше случајот серискиот убиец да потекнува од семејство, кое што поминало низ развод, разделба или пак семејството немало еден родител. Понатаму, скоро половина од сериските убијци се соочувале со некаков вид на физичко или сексуално злоставување, а уште поголем процент од нив се соочувале со емотивно запоставување. Кога некој родител страда од проблеми со алкохол или дрога, вниманието во домаќинството е насочено кон родителите, а не кон децата. Ова запоставување на детето води кон намалување на неговата самопочит и му помага да си создаде негов замислен свет, којшто тоа самото си го контролира. „Моделот за контрола на траумите“ на Хики го потврдува фактот дека запоставувањето од страна на родителите може да придонесе кон девијантно однесување, особено ако детето засведочи употреба на дрога пред свои очи. Подоцна, ова води кон исполнување на одредените предиспозиции (неспособноста за поврзување со луѓе), кое што пак подоцна може да води кон развој на склоност кон убивање, освен ако детето не најде начин да развие значајни врски со луѓе и да се избори со траумата. Ако детето не добие поддршка од луѓето со кои е опкружено, тогаш многу е мала веројатноста дека детето ќе успее да се извлече од трауматичното искуство во позитивна насока. Како што Е. Е. Макоби изјави, „семејството сè уште се смета за голема, а можеби и најголемата сцена за социјализација.“
Фантазијa
уредиДецата, коишто не можат да го контролираат погрешното третирање со кое се соочуваат, си создаваат нова реалност, во која што можат да избегаат. Оваа нова реалност станува нивен замислен свет, врз којшто тие имаат целосна контрола и којшто станува дел од нивното секојдневно постоење. Во овој замислен свет, нивниот емотивен развој се управува и одржува од страна на тој свет. Според Герисон (1996 година), „детето добива социопатска природа, бидејќи нормалниот развој на концептот на доброто и лошото и сочувствувањето со другите му заостанува, а тоа пак е последица на фактот што емотивниот и социјалниот развој на детето се одвива внатре во неговите фантазии. Детето не може да згреши ви неговиот сопствен свет и болката на другите нема никаква важност, земајќи предвид дека целта на замислениот свет е да ги задоволи потребите на детето“ (Гарисон, 1996 година). Се губи чувството за разграниченост помеѓу замислениот свет и реалноста, а фантазијата прераснува во доминација, контрола, сексуално покорување и насилство, што на крајот води кон извршување убиство. Фантазијата може да доведе до првиот чекор во процесот на создавање дисоцијативна природа, која што според Стивен Џиананџело „му овозможува на серискиот убиец да ја напушти реалноста и да ја замени со место, кое што за него е подобро.“
Криминологот Хосе Санчес изјави дека „младите криминалци кои ги гледаме денес се поодвоени од нивните жртви, поподготвени да повредуваат или убиваат... Недостатокот од сочувство кон нивните жртви е само еден симптом за проблем, кој го засега целото општество.“ Лорензо Каркатера, авторот на „Гангстер“ (2001 година), објаснува како потенцијалните криминалци се обележани од страна на општеството, што може подоцна да доведе до тоа и нивните потомци да се развиваат во истата насока преку „циклусот на насилство“. Пред да биде убиен како последица на пресудената смртна казна, серискиот убиец Тед Банди изјави дека насилството во медиумите и порнографијата го стимулирале и му ја зголемувале потребата да извршува убиства, но сепак мора да се земе предвид дека оваа изјава беше дадена за време на неговите последни очајнички обиди да покрене жалба против смртната пресуда.
Видови сериски убијци
уредиСпоред прирачникот за класификација на криминалните дела на ФБИ, сериските убијци се делат на 3 категории: „организирани“, „неорганизирани“ и „мешани“ – сериски убијци кои прикажуваат особини и на организиран и на неорганизиран сериски убиец. Некои убијци со текот на нивните убивања се претвораат од организирани во убијци од неорганизиран тип.
Организирани злосторници
уредиОрганизираните злосторници се обично натпросечно интелегентни, со просечен коефициент на интелегенција 123. Често ги планираат нивните злосторства прилично методично, така што ги грабнуваат жртвите, ги убиваат на едно место, а се ослободуваат од нив на друго место. Тие често ги намамуваат жртвите со тактики кои предизвикуваат чувство на сожалување кај нив. На пример, Тед Банди си ставаше лажен гипс на раката и замолувал жени да му помогнат да однесе нешто до колата, каде што ги тепаше со метална шипка (на пример со ќускија) додека не изгубат свест и ги носеше на друго место. Други пак ги одбираат проститутките за нивна специфична цел, бидејќи тие доброволно би се согласиле да отидат некаде со непознат човек. Тие задржуваат висок степен на контрола врз местото на злосторството и обично имаат солидни познавања од форензика, кои им овозможуваат да ги прикријат нивните траги, како на пример со закопување на телото или пак потонување на телото во река така што ја зголемуваат неговата тежина. Тие претпазливо ги следат нивните злосторства во медиумите и често се гордеат со нивните дела, како да е тоа некој голем проект. Организираниот убиец е обично приспособен на општеството и има пријатели и љубовници, а понекогаш дури и сопружник и деца. Тие се таков тип на луѓе што кога /ако би биле фатени, познаниците најчесто би ги опишале како фини луѓе, за коишто не е веројатно дека би повредиле некого. Тед Банди и Џон Вејн Гејси се примери за организирани сериски убијци.
Неорганизирани злосторници
уредиНеорганизираните злосторници често не се многу интелегентни, имаат потпросечен коефициент на интелегенција (помал од 90) и ги извршуваат злосторствата импулсивно. Додека организираниот убиец е конкретно сконцентриран на тоа да улови предодредена жртва, неорганизираниот убиец убива некого кога има можност за тоа и ретко се грижи за ослободување од телото, а наместо тоа тој го остава телото таму каде што ја нашол жртвата. Тие обично извршуваат блиц - напади, така што брзо излегуваат, ги напаѓаат нивните жртви без предупредување и откако ќе ја убијат жртвата, ги извршуваат сите ритуали кои се чувствуваат приморани да ги извршат (на пример некрофилија, распарчување, канибализам итн.). Тие ретко се грижат за покривање на нивните траги, но сепак можат да успеат да го избегнат нивното фаќање и подолг временски период поради анонимната природа на нивното злосторство. Често се затворени луѓе, неприспособени на општеството, со неколку пријатели и можно е да имаат минато на психички проблеми. Ричард Чејс е пример за неорганизиран сериски убиец.
Медицински професионалци
уредиЧестопати луѓето со патолошки интерес за моќта на животот и смртта ги привлекуваат медицински професии. Овие типови на убијци честопати се нарекуваат „ангели на смртта“ или „ангели на помилувањето “. Пример за овој тип е Харолд Шипман, англиски семеен доктор, којшто правеше да изгледа дека неговите жртви починале од природни причини (болест). Помеѓу 1975 и 1998 година уби најмалку 215 негови пациенти, а осомничен е за убиство на 250 луѓе. Во меѓувреме, пак, се смета дека д-р Џон Бодкин Адамс уби околу 163 пациенти во Истбурн, Англија, иако во 1957 било отфрлено обвинението за убиство на еден пациент.
Некои од медицинските убијци биле вмешани и во измами. На пример Х. Х. Холмс честопати се впушташе во измами со осигурување и измамување доверба. Харолд Шипман имал претходно обвинение за измама со рецепти и фалсификување, за што бил казнет 600 англиски фунти.
Жени – сериски убијци
уредиРетки се случаите на жени – сериски убијци. Тие најчесто убиваат мажи заради лична придбивка, често се емотивно блиски со нивните жртви и обично им е потребно да се во врска со личноста пред да ја убијат. „Една анализа на 86 жени – сериски убијци од САД покажа дека жртвите се најчесто сопружници, деца или постари луѓе. Методите на убивање кои ги користат се дискретни и неупадливи, како убиство со труење. Тие ги извршуваат убиствата на специфични места, како на пример во нивните домови, во здравствени институции (тогаш медиумите почнале да ги нарекуваат „ангели на помилувањето“) или на различни места во истиот град или држава. Секоја жена – убиец си има свои склоности, потреби и стимулатори, додека посебните причини можат да се дознаат само лично од убиецот. Многу се ретки случаите кога жената е здружена со маж – сериски убиец како дел од тим за сериски убиства.“
„Во еден преглед на објавена литература за жени – сериски убијци најчестиот мотив кој беше препознаен беше материјална добивка.“ Се смета дека сексуалните или садистичките мотиви се исклучително ретки кај жените – сериски убијци и кај овие жени постојано биле забележувани психопатски одлики и историја на сексуално злоставување во детството. Едно истражување на 105 жени – сериски убијци покажа дека претпочитаната метода за убивање е труење.
Еден забележлив исклучок од типичните особини на жените – сериски убијци е Ајлин Вумос, која убиваше надвор наместо дома, користеше пиштол наместо отров, убиваше непознати луѓе наместо пријатели или членови од семејство и убиваше заради лично задоволство. Уште една нетипична жена – сериски убиец е медицинската сестра Џејн Топан, која за време на нејзиното судење за убиство призна дека смртта сексуално ја возбудувала. Таа им ставаше мешавина од лекови на пациентите кои ги избрала за жртви, лежеше во кревет со нив и ги држеше блиску до нејзиното тело додека тие умираа.
Мотиви
уредиВо главно, мотивите на сериските убијци се делат во 4 категории: „визија“, „посветеност на мисијата“, „хедонизам“ и „моќ или контрола“. Сепак мотивите на било кој убиец би можеле да покажат дека може да има и преклопувања помеѓу категориите.
Визија
уредиСериските убијци со визионерски мотиви страдаат од психотично нарушување на реалноста и понекогаш веруваат дека се друга личност или дека се принудени да убијат од страна на друго битие, како Ѓаволот или Бог. Двете најчести подгрупи се „управувани од Бог“ и „управувани од Ѓаволот“.
Херберт Мулин веруваше дека загинатите Американци во Виетнамската војна спречиле да се случи земјотрес во Калифорнија. Како што војната стивнуваше, Мулин тврдеше дека со помош на телепатија татко му го упатил да го зголеми бројот на „човечки жртви за природата“, за да одложи катастрофален земјотрес, којшто би ја потопил цела Калифорнија во океанот.
Дејвид Берковиц („Синот на Сем“) е пример за убиец – визионер управуван од Ѓаволот. Тој тврдеше дека Ѓаволот му пренесувал наредби преку кучето на нековиот сосед, кои го упатувале да убива.
Посветеност на мисијата
уредиСериските убијце кои се посветени на некоја мисија обично ги оправдуваат нивните дела, така што тврдат дека го „спасуваат светот“ од одреден тип на личности, кои тие ги доживуваат како непожелни, на пример хомосексуалци, проститутки, луѓе од други етнички или верски групи итн. Но во секој случај, тие најчесто не се психотични. Некои се гледаат себеси како луѓе кои се обидуваат да ја сменат природата на човечкото општество или најчесто да го излечат општеството од некоја „болест“.
Тед Казински, или „УНА-бомбардерот“, ги имаше за цел универзитетите и авионската индустрија. Тој напиша манифест, кој го дистрибуираше до медиумите, во којшто изјави дека тој сака општеството да се врати во тоа време, кога технологијата не претставувала закана за неговата иднина, велејќи дека „индустриската револуција и нејзините последици се покажаа како катастрофални за човечката раса.“
Хедонизам
уредиСериските убијци со овој вид на мотиви бараат возбуда и нивното задоволство е да убиваат, при што ги гледаат луѓето како потрошлив материјал, кој им служи како средство за да ја постигнат оваа цел. Форензичките психолози препознаваат 3 подвидови на мотиви на сериските убијци со хедонистички мотиви: „страст“, „возбуда“ и „погодности“.
Страст
уредиСексот е примарниот мотив на убијците од страст, без разлика дали се жртвите мртви или живи, а фантазијата игра важна улога во овие убиства. Степенот на нивното сексуално задоволство зависи од степенот до кој тие ги измачуваат и сакатат нивните жртви. Тие обично користат оружја, кои бараат близок контакт со жртвата, како ножеви или раце. Со текот на времето, како што тие продолжуваат со нивните убиства, се намалува времето помеѓу убиствата или расте нивото на стимулација кое им е потребно, а понекогаш и двете.
Кенет Бијанчи, еден од „Давителите од ридовите“, убиваше жени и деца со различна возраст, од различни раси и со различен изглед, бидејќи за неговите сексуални потреби му беа потребни различни начини на стимулација со сè поголем интензитет.
Џефри Дахмер ја бараше неговата совршена љубовница од фантазијата – прекрасна, покорна и вечна. Како што му растеше желбата, така тој експериментираше со дрога, алкохол и егзотичен секс. Тој ја демонстрираше неговата сè поголема потреба од стимулација со распарчување на жртвите, при што ги задржуваше нивните глави и гениталии. Тој експериментираше и со канибализам „за да се осигура дека неговите жртви засекогаш ќе останат дел од него.“
Возбуда
уредиПримарниот мотив на убиец за возбуда е да нанесе болка или да предизвика ужаснување кај неговата жртва, што го стимулира и задоволува. Тие бараат адреналинско искуство, кое што си го обезбедуваат со ловење и убивање. Убијците за возбуда убиваат само заради чинот на убивање. Обично не го одолговекуваат нападот и нема сексуален мотив во убиството. Најчесто жртвите се непознати луѓе, и покрај тоа што во некои случаи убиецот ја следи жртвата одреден период. Убијците за возбуда можат да се воздржат од убивање подолго време и како што ги усовршуваат нивните методи на убивање, така стануваат поуспешни во убивањето. Многумина се обидуваат да ги направат совршениот злостор и веруваат дека нема да ги фатат.
Роберт Хансен ги носеше неговите жртви на зафрлено место, каде што ги пушташе, а потоа ги бркаше и убиваше. Ли Бојд Малво и Џон Ален Мухамед, т.н. „снајперисти од Вашингтон“, убиваа луѓе по случаен избор, обично на бензински пумпи, така што ги стрелаа и незабележани го напуштаа местото. Во едно од писмата кои ги прати, хороскопскиот убиец им напиша на весниците од заливската област на Сан Франциско: „Убивањето ми го пружа највозбудливото искуство, подобро е дури и од секс со девојка.“ Една преживеана жртва од нападот на Корал Ватс во 1982 го опиша како „возбуден и хиперактивен и плескаше со рацете и едноставно правеше звуци како да беше возбуден, како да тоа што следи ќе биде забавно“. Сечењето, бодењето, бесењето, давењето, задушувањето и задавувањето беа неколку од начините на коишто Ватс ги извршувал неговите убиства.
Погодност (профит)
уредиМатеријална добивка и удобен начин на живот се примарните мотиви на убијците заради погодности. Вообичаено е жртвите да се членови на семејството или блиски пријатели. По извршување убиство, убијците заради погодности најчесто чекаат одреден период пред повторно да извршат убиство, со цел да почекаат да избледат сомневањата од страна на семејството или властите. Често користат отров за да ги убијат нивните жртви, а најчесто е забележан арсенот. Жените - сериски убијци најчесто спаѓаат во групата на убијци заради погодности, но сепак не сите убијци заради погодности се жени. Доротеја Пуенте ги уби нејзините потстанари заради нивните чекови за социјално осигурување и ги закопа во нејзиниот заден двор. Д-р Хенри Хауард Холмс убиваше заради осигурување и деловен профит. Професионалните убијци (платените убијци) можат исто така да се сметаат за убијци заради погодности. Постои веројатност некои од нив, како на пример Пуенте и Холмс, претходно да биле вмешани во други криминални дела и/или да биле осудувани, како на пример за кражба, измама, лажење, неисплаќање долгови, проневера и други слични злостори. Доротеја Пуентес беше конечно уапсена поради прекршување на условите за условното пуштање на слобода, при што претходно била уапсена заради измама и условно пуштена на слобода.
Моќ / контрола
уредиГлавната цел на убивањето им е да се здобијат и да ја истакнат нивната надмоќ врз жртвите. Некои од убијците од овој тип биле злоставувани како деца, што како возрасни им оставило чувство на немоќ и непотполност. Многумина од убијците заради моќ или контрола ги злоупотребуваат нивните жртви сексуално, но се разликуваат од хедонистичките убијци по тоа што мотивот за овие силувања не е страста, туку тоа е едноставно уште еден форма на доминирање над жртвата. Тед Банди патуваше низ Соединетите Американски Држави и барал жени за да ги контролира.
Теории
уредиПостојат напреднати теории за тоа зошто одредени луѓе извршуваат сериски убиства. Некое теоретичари веруваат дека причините се биолошки, претпоставувајќи дека сериските убијци се раѓаат, а не се создаваат, и дека нивното насилно однесување е резулат на абнормална мозочна активност. Холмс и Холмс веруваат дека „додека не се добие и прегледа веродостоен примерок и доказ, не може да се даде научна изјава во врска со точната улога на биологијата како одлучувачки фактор за создавање сериски убиец“. „Синдромот на нарушен идентитет“ (Fractured Identity Syndrome (FIS)) поставува претпоставка дека некоја случка или случки поврзани со социјализацијата за време на детството или адолесценцијата резултира со нарушување на личноста на серискиот убиец. Поимот „нарушување“ се дефинира како мала повреда на личноста, која често не е воочлива за надворешниот свет и само убиецот може да ја почувствува.
„Војничката теорија“ може да се воведе за тоа зошто сериските убијци убиваат. Ако се погледне подлабоко во минатата на некои сериски убијци, може да се види дека некои служеле во војска или пак вршеле некоја слична активност. Според Кесл и Хенсли, 7 % од испитаните сериски убијци имаат војничко искуство.
„Теоријата за социјален притисок“ е исто така предложена како објаснување за сериските убиства. „Теоријата за социјален притисок“ тврди дека криминалците настануваат поради притисок од страна на околината, семејството и пријателите. Недостатокот од семејство и идентитет може исто така да биде причина, која може да придонесе до оформување одлики на сериски убиец. Детето, кое било користено како „жртвено јагне“, подоцна ќе биде лишено од способноста да чувствува вина. Потиснатиот гнев може да резултира со мачење животни, кое што е препознаено во тројството на МакДоналд, како и подоцнежен недостаток од основен идентитет.
Жртви
уредиКриминолозите уште одамна открија дека во повеќето случаи постои врска помеѓу убијците и нивните избрани жртви. Демографски, сериските убијци имаат тенденција повеќе да целат на жени отколку на мажи и почесто убиваат непознати луѓе отколку членови на семејството или познаници, за разлика од еднократните убијци, кои подеднакво убиваат мажи и жени, додека пак пријателите и роднините се почести жртви отколку непознатите луѓе.
Убиствата на сериските убијци се често со сексуален мотив, но сепак има исклучоци. Сексуалните мотиви ја потврдуваат теоријата дека сериските убијци најчесто имаат специфични критериуми и специфични сексуални интереси, коишто претставуваат мотив за изборот на одредени жртви. Хомосексуалните сериски убијци, како Џефри Дамер или Денис Нилсен, често убивале други хомосексуалци.
Во Соединетите Американски Држави сериските убијци претпочитаат да убиваат луѓе на возраст од 18-50. Мнозинството од жртвите се белци, што ги поддржува тврдењата на истражувачите дека сериските убиства се „интрарасни“ (во рамките на една раса, на пример почест е случајот сериски убиец – белец да има најмногу жртви - белци). Жените - сериски убијци најчесто ги убиваат оние, со кои веќе се интимно запознаени, наспроти мажите, кои обично целат на непознати луѓе. „Историски, сопрузите и децата се првиот избор за жртви на жените – сериски убијци. Кога се споредуваат жените со мажи кои убиваат деца, жените имаат многу поголем процент на убиства на деца. Процентот на криминалци, кои убиле најмалку еден тип на жртва која е дете е кај мажите 21 %, додека кај жените 39 %.“
Сериски убијци низ историјата
уредиИсторичарите – криминолози претпоставуваат дека можеби имало сериски убиства низ историјата, но одделните случаи не биле соодветно запишани. Некои извори претпоставуваат дека легендите како врколаци и вампири биле инспирирани од средновековни сериски убијци.
Лиу Пенгли од Кина, роднината на императорот на династијата Хан - Јин, бил прогласен за крал на Јидонг шестата година од средниот период од владеењето на Јинг (144 г. п.н.е.). Според кинескиот историчар Сима Кјан, „тој одел на експедиции за пљачкосување со 20 или 30 робови или со млади мажи кои се криеле од законот и убивал луѓе и ја запленувал нивната сопственост, сето тоа едноставно заради спорт.“ И покрај тоа што многумина од неговите поданици знаеле за овие убиства, дури во 29-тата година од неговото владеење конечно била пратена пријава на императорот од страна на синот на една од жртвите. На крајот се открило дека тој убил најмалку 100 луѓе. Службените лица од судот побарале Лиу Пенгли за биде погубен. Сепак, императорот не можел да поднесе да нареди да му го убијат неговиот сопствен роднина, па му ја одземале благородничката титула и го прогониле.
Во 15 век еден од најбогатите луѓе во Европа - Жил де Ре сексуално злоставувал и убивал деца – селачиња, воглавно момчиња, кои ги земал од околните села и ги носел во неговиот замок. Се проценува дека бројот на неговите жртви се движи помеѓу 140 и 800. Унгарската аристократка Елизабет Батори измачила и убила околу 650 девојчиња и девојки пред да биде уапсена во 1610 година.
Честопати се тврди дека Таг Бехрам, водачот на индискиот култ на убијци Таги, е „најплодниот“ сериски убиец на светот. Според многубројни извори, се верува дека помеѓу 1790 и 1830 тој убил 931 жртва со помош на давење со церемонијално платно. Едно неодамнешно истражување предизвика сомнеж во врска со култот Таги и ја постави претпоставката дека употребата на поимот од страна на Индијците на нивниот мајчин јазик ги збунувало Британците во Индија, а исто така постои можност тие да го користеле стравот од таков култ за да го оправдаат нивното колонијално владеење.
Првите сериски убијци кои им го привлекле вниманието на медиумите биле Бурк и Харе. Тие убиле 16 жртви во Единбург, Шкотска помеѓу 1827 и 1828 и ги продадоа нивните трупови на професор по анатомија. Во неговата книга издадена во 1886 „Сексуална психопатија“ („Psychopathia Sexualis“) психијатарот Ричард фон Крафт-Ебинг забележал случај на сериски убиец во 1980-тите, Французин кој се викал Избиус Пиедањел, кој имал сексуална опсесија со крв и признал дека убил 6 луѓе.
Неидентификуваниот убиец Џек Мевосек убивал проститутки (точниот број на жртви не е познат) во Лондон во 1888. Овие злостори премногу му го привлекоа вниманието на медиумите, бидејќи во тоа време Лондон бил светскиот центар на моќта, па ваквите драматични убиства на сиромашните жени среде такво богатство го насочиле вниманието на медиумите кон бедата на градските сиромашни луѓе и било пренесувано насекаде низ светот. Тој исто така бил нарекуван најпознатиот сериски убиец на сите времиња.
Американскиот сериски убиец д-р Хенри Хауард Холмс бил обесен во Филаделфија во 1896 година, откако признал дека извршил 27 убиства. На Џозеф Вачер му била пресудена смртна казна во Франција во 1898 година, откако признал дека убил и осакатил 11 жени и деца.
Сериски убијци во медиумите и популарната култура
уредиСериските убијци и музиката
уредиМодерните пејачи и групи, некои попознати од другите, го имаат почувствувано чувството на восхит и ужас спрема одредени „славни“ сериски убијци и така што имаат напишано песни за нив. Наишани се песни за сериски убијци од страна на Ролинг Стоунс ("Midnight Rambler“), Брус Спрингстин ("Nebraska“), Полис ("Murder by Numbers") и од многу други модерни изведувачи, како Крејдл оф Филт ("Lord Abortion"), Суфјан Стивенс ("John Wayne Gacy Jr.") и Дорс ("Riders on the Storm").
Сериските убијци и уметноста
уредиЗа некои собирањето уметнички дела, кои биле нацртани од осудени сериски убијци, стана специјална разонода. Џон Вејн Гејси црташе и сликаше уметнички дела во затвор, од коишто многу ги раздаде. Некои луѓе ги земаа делата само за да ги фрлат или изгорат, особено откако дознаа дека многу од неговите слики ги отсликуваат неговите жртви. Во 2005 уметничките дела на серискиот убиец Алберт Гајнор беа понудени за онлајн-наддавање. Едно од неговите попознати дела со име „Награда за праведниот човек“ ("A Righteous Man's Reward") беше цртеж, кој ја отсликуваше фигурата на Исус.
Сериските убијци во книгите
уредиПостои огромен пазар за новели за „Вистински криминални дела“ и нерешени убиства, при што некои од поуспешните автори се Патриција Корнвел, Ен Рул, Труман Капоте и Филип Карло. Новелата „Чудниот случај за д-р Џекил и г-дин Хајд“ од Роберт Луис Стивенсон може да се смета за метафора за сложената личност на серискиот убиец од организиран тип, кој потоа се претопува во неорганизиран тип. Една од најдобрите теми кои ги поставува оваа книга е сепак можноста било кому да му се случи таков дуалистичен конфликт како кај Џекил/Хајд.
Сериските убијци во филмовите
уредиУште од самите почетоци на снимањето филмови, се чини дека отсликувањето насилство е негов суштински составен дел. Една од првите фонографски снимки на Томас Едисон била за исповедите на серискиот убиец Х. Х. Холмс. Во многу типови на медиуми, како книги, филмови, телевизиски програми, песни и видео-игри, сериските убијци се прикажани како ликови кои демнат. Меѓу филмовите во кои има сериски убијци се „Психо“ (“Psycho”), „Кога јагнињата ќе стивнат“ (“The silence of the lambs”), „Ханибал“ (“Hannibal”), „Г-дин Брукс“ (“Mr. Brooks”), „Седум“ (“Seven”), „Имитатор“ (“Copycat”), „Ноќ на вештерките“ (“Halloween”), „Врисок“ (“Scream”), „Ромасанта“ (“Romasanta”) и многу други.
Телевизиската серија „Декстер“ прикажува приказна за полициски аналитичар на шеми на траги од крв, кој на крајот се разоткрива како одмазднички сериски убиец, кој обидувајќи се да биде „добар“, ги убива криминалците кои му се провлекле на законот низ прсти. Направена е врз основа на новелата „Ноќниот ловец“ (‘Darkly Dreaming Dexter’). Друга истакната литература со тематика за сериски убијци е Ноќта на ловецот (“The night of the hunter”) од Дејвис Граб, „Песната на егзекуторот“ (“The executioner’s song”) од Норман Мејлер, „Американски психопат“ (“American psycho”) од Брет Истон Елис, „Убиецот во мене“ (“The killer inside me”) од Џим Томсон и книгите на Томас Харис – „Црвениот змеј“ (“Red dragon”), „Кога јагнињата ќе стивнат“ (“The silence of the lambs”), „Ханибал“ (“Hannibal”) и „Ханибал Лектор: Потеклото на злото“ (“Hannibal rising”), при што во сите постои лик Ханибал Лектор, брилијантен психијатар кој е истовремено канибалистички сериски убиец.
Собирање предмети од сериски убијци
уредиПознатите и озлогласени сериски убијци бројат повеќе од 100 и врз нивните оставини се развива подкултура. Предметите кои можат да се собираат, а кои се во врска со познатите сериски убијци, ги вклучуваат сликите, записите и поемите од овие убијци. Неодамна маркетингот го зголеми интересот за сериските убијци уште повеќе со зголемен број на различни производи, како картички за разменување, акциони играчки и енциклопедии како „Податоците за сериските убијци“ од Харолд Шектер. Некои сериски убијци буквално се здобиваат со статусот „славни“ на тој начин што добиваат обожаватели. Поранешните приватни сопствености на некои убијци се продаваат на аукции дури и на мрежни места како иБеј. Неколку примери за ова се украдената надгробна плоча на Ед Геин, тешка 75 килограми, како и очилата за сонце на Боби Џо Лонг.
Контроверзии
уредиСе смета дека Ендру Кан, еден од најпознатите противници на собирачите на оставнина од сериски убијци, го сковал зборот "murderabilia", што значи собирање предмети од сериски убијци. Тој е директор на канцеларијата на градоначалникот за жртви на насилство во Хјустон и е поддржан од семејствата на жртвите на убиство, како и од законите на "Синот на Сем“, кои постојат во некои земји за да ги спречат убијците да профитираат поради популарноста настаната заради нивните криминални дела. Џон Валш, создавачот на „Најбараните во Америка“ и татко на жртвата на убиство Адам Валш, исто така се противи на овој тренд. Тој еднаш донесе група на стручни лица и други загрижени лица во неговата емисија, за да разговараат за појавата што убијците нудат предмети за он-лајн продажба. Поради потоа зголемениот број на хитови на овие страници, може само да се заклучи дека тој само привлече повеќе внимание и публицитет кон овој феномен.