Сектор за европска интеграција при Владата на РМ
Сектор за европска интеграција при Владата на РМ или скратено СЕИ е административна структура во рамките на Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, задолжен за координација на евроинтеграцискиот процес.
Главна надлежност на Секторот за европска интеграција е да го организира, координира и синхронизира процесот на европска интеграција во рамките на органите на управата во Македонија. Покрај тоа, СЕИ ја остварува административната поддршка на координацијата на странската помош.
Според тековните планови, Секторот за европска интеграција треба да прерасне во Секретаријат за европски прашања на Владата на Македонија, како посебна служба на Владата со статус на правно лице. Подигнувањето на статусот на Секторот кореспондира со неговиот зголемен делокруг на работа, зголемениот капацитет и барањата на процесот на европска интеграција на земјата.
Секторот за европска интеграција ги врши работите што се однесуваат на:
- следењето и проучувањето на политиките и законодавството на Европската унија;
- координацијата и стручната поддршка на процесот на приближување на законодавството со законодавството на Европската унија,
- следењето и преземањето мерки за имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и Европската унија,
- изградбата и зајакнувањето на институционалната инфраструктура неопходна за интеграција на Македонија во Европската унија,
- долгорочно планирање на ресурсите во поддршка на процесот за интеграција во ЕУ,
- поддршка и следење на процесот на оспособување на јавната администрација за интеграција во Европската унија,
- координацијата на мрежата на одделенија за европска интеграција во министерствата и другите органи на државната управа,
- програмирањето и планирањето на приоритетите на Македонија за користење на странската помош,
- регулирањето на односите со дарителите и спроведувањето на програмите за странска помош и во областа на координација на странската помош;
- поддршката на телата на Владата, чиј делокруг е во областа на интеграцијата на Македонија во Европската унија;
- управување на процесот на преведување на законодавството на Европската унија и на други материјали во врска со процесот на интеграција на Македонија во Европската унија,
- спроведување на стратегија за комуникација со јавноста за процесот на интеграција на Македонија во Европската унија;
- други работи кои произлегуваат од координацијата, поддршката и насочувањето на процесот на интеграција на Македонија во Европската унија.