Ропството во Стариот Рим
Ропството во Стариот Рим играло важна улога во општеството и економијата. Покрај физичката работа, робовите вршеле многу работи во домаќинството, а можело и да работат на високо квалификувани работни места и професии. Наставниците, сметководителите и лекарите честопати биле робови. Особено грчките робови можеле да бидат високо образовани. Неквалификуваните робови, или оние осудени на ропство како казна, работеле на фарми, во рудници и во воденици. Условите во кои живееле биле сурови, а нивните животи траеле кратко.
Според римското право, робовите се сметале како имот и немале никакво право на личност. За разлика од римските граѓани, тие можеле физички да се казнуваат, биле сексуално експлоатирани (проститутките најчесто биле робови), биле измачувани и погубувани по кратка постапка. Сведочењето на некој роб не можело да се прифати пред судот, освен во случај ако робот бил измачуван- практика заснована на верувањето дека робовите им се верни на своите господари и не би откриле докази со кои би им наштетиле, освен ако не биле принудени. Сепак, со текот на времето, робовите стекнале поголема правна заштита, вклучувајќи го и правото да поднесуваат жалби против своите господари. Ставовите делумно се промениле поради влијанието на Стоиците врз образованата елита. Рамноправните погледи на Стоиците за човештвото се прошириле и во однос на робовите.
Иако од технички аспект робовите не можеле да поседуваат имот, на квалификуваните или образованите робови им било дозволено да заработуваат пари. На тој начин можеле да се надеваат дека ќе заштедат доволно за да си ја купат слобода. Ваквите робови често биле ослободувани благодарение на добрата волја на господарите или за некоја извршена услуга. Тирон, секретар на Цицерон, бил познат пример за роб со висок статус. Тој бил ослободен пред смртта на господарот и бил доволно успешен да се пензионира на свој земјиштен имот, каде починал на возраст од 99 години.
Рим се разликувал од грчките градови -држави по тоа што на ослободените робови им било дозволено да станат граѓани. Откако бил ослободен, робот кој му припаѓал на римски граѓанин, уживал не само пасивна слобода, туку и активна политичка слобода (libertas), вклучувајќи го и правото на глас. Робот кој се стекнал со libertas станал libertus ("ослободен човек", женски род- liberta) во однос на неговиот поранешен господар, кој потоа станува негов патрон (patronus). Како општествена класа, ослободените робови биле libertini, иако подоцна писателите ги употребувале поимите libertus и libertinus како меѓусебно заменливи. Libertini не биле овластени да вршат јавна функција или свештенска должност, ниту да бидат сенатори. Сепак, за време на раната империја ослободените робови имале клучни позиции во владината бирократија, така што Адријан го ограничил нивното учество со закон. Сите деца на слободениот човек ќе се раѓале како слободни, со целосно право на граѓанство.
Vernae (еднина verna) биле робови родени во семејство (familia) или на семејна фарма или на земјоделски имот (villa). Постоела посилна општествена обврска за грижа кон vernae, за што сведочат и нивните надгробни плочи, а во тоа време vernae биле децата на слободните мажи во семејството. Основниот латинскиот збор за роб бил servus.
Главен извор на робови била римската воена експанзија за време на Републиката. Тоа што поранешните војници се сметале за робови можеби неизбежно довело до серија на масовно вооружени востанија, „Востанијата на робовите”, од кои последното било предводено од Спартак. За време на Pax Romana од раниот период на Римското Царство (1-2 век), акцентот бил ставен на одржување на стабилноста, а недостатокот на нови територијални освојувања го “пресушил изворот” на трговијата со луѓе. За да се одржи поробената работна сила се вовеле зголемени законски ограничувања за ослободување на робовите. Робовите кои ќе избегале ги фаќале и ги враќале (често за награда).
Потекло
уредиВо Institutiones (161 година ), римскиот правник Гај напишал дека:
Ропството е измислено од човекот, не е производ на природата. Всушност, друг човечки пронајдок, војната, го обезбедувал најголемиот број на робови, но нив исто така ги заробувале и пиратите ... или биле плод на размножување.
— Гај, преведен и цитиран од Ник Филдс.
Грчкиот историчар од 1 век п.н.е., Дионисиј Халикарнасиј, укажува на тоа дека римската институцијата ропство започнала со легендарниот основач Ромул со тоа што тој им го дал на римските татковци правото да ги продадат своите деца како робови, а продолжила да расте со проширувањето на римската држава. Поседувањето робови било најзастапено кај римските граѓани од Втората пунска војна (218-201 година п.н.е.) до 4 век. Грчкиот географ Страбон (1 век ) запишал како огромната трговија со робови произлегла од распадот на Селевкидската империја (100-63 година п.н.е.).
Дванаесетте таблици, најстариот правен законик на Рим, упатуваат на ропството, покажувајќи дека оваа институција е долгогодишна. Во триделната поделба на законот од страна на правникот Улпијан (2 век н.е.), ропство било аспект на ius gentium, на обичајното меѓународно право, општоприфатено меѓу сите народи (gentes). „Законот на нациите" не бил ниту природен закон, кој постоел во природата и владеел со животните, како и со луѓето, ниту граѓански закон, кој бил тело на закони карактеристични за еден народ. Според природниот закон сите човечки суштества се раѓаат слободни (liberi), но ропство се практикувало кај сите народи кои потоа можеле да донесат одредени граѓански закони кои се однесувале на робовите. Во античките војувања, победникот имал право, според ius gentium, да го пороби поразеното население. Сепак, ако договорот се постигнел преку дипломатски преговори или формално предавање, луѓето биле, според обичајното право, поштедени од насилство и поробување. Ius gentium не бил правен законик и секоја сила од којашто зависел „била во согласност со стандардите на меѓународното однесување."
Ропство и војување
уредиВо одредени периоди, голем број на робови за римскиот пазар се стекнувале преку војна. Римската војска носела заробеници во Рим како плен од војната. Античките извори наведуваат дека имало од неколку стотици робови до десетици илјади заробени во секоја војна. Овие војни ја вклучувале секоја освојувачка војна од 177-101 година п.н.е., како и Општествените (91-88 година п.н.е.) и Самнитските војни ( 82 година п.н.е.). Затворениците кои се земени или повторно вратени, по трите „Востанија на робовите” (135-132, 104-100 и 73-71 година п.н.е., соодветно) придонеле за големината на овој број. Трахиската трговија со робови го зголемила бројот на увезените луѓе, вклучувајќи го и можеби најпознатиот римски роб, Спартак. Подоцнежните генерации на робови ја почитувале генијалноста на Спартак.
Гусарството има долга историја на придонес во трговијата со робови, а не било поинаку и во Римската Република. Гусарството било еден од многуте кризи со кои Републиката морала да се соочи, барем до 85 година п.н.е. Во тој период, развојот на гусарството секогаш придонесувал за развој на ропството.
Трговија и економија
уредиВо периодот на римската империјална експанзија, зголеменото богатство на римската елита и значителниот пораст на ропството ја промениле економијата. Иако економијата била зависна од ропството, римската култура не била таа која во историјата била најзависна од ропството. На пример, според Херодот, спартанската класа на робови- хелоти го надминала бројот на слободни луѓе со пропорција од околу 7 наспрема 1.
Делос, во источното Средоземје, станал слободно пристаниште во 166 година п.н.е. и едно од главните пазарни собиралишта на робови. Голем број робови кои заминале за Италија биле купувани од страна на богатите земјопоседници кои имале потреба од голем број на робови за да работат на нивните имоти. Историчарот Кит Хопкинс истакнал дека купувањето робови значело вложување во земјата и земјоделското производство кое создало големо богатство во Италија и сметал дека воените освојувања на Рим и внесувањето на огромно богатство и робови во Италија во подоцнежниот период имало влијание во однос на широко распространетите и брзи технолошки иновации.
Август вовел данок од 2 проценти за продажба на робовите, кој носел годишен приход од околу 5 милиони сестертиуси - бројка што укажува на околу 250 000 продажби. До 43 година, данокот се зголемил за 4 проценти. Веројатно, пазари за робови постоеле во секој град на Империјата, но во близина на Рим главниот центар бил Ефес.
Демографија
уредиПроцените за распространетоста на ропството во Римското Царство се разликуваат. Процените на процентот на робовско населението во Италија се движат од 30 до 40 проценти во 1 век п.н.е., повеќе од 2-3 000000 робови во Италија до крајот на 1 век п.н.е., број што опфаќа околу 35% до 40% од населението во Италија.
Римското ропство не претставувало "раса" во модерна смисла на зборот. Робови се носеле од цела Европа и од Средоземјето, вклучувајќи ги Келтите, Германците, Тракијците, Грците, Картагинците и црнците од Африка кои во грчките и латинските извори обично се нарекувале "Етиопјани". До 1 век п.н.е., обичајното право не дозволувало поробување на римски граѓани и Италијанци кои живеат во Галија Cisalpina, но претходно многу Италијанци од јужна и централна Италија биле поробувани по претрпениот пораз.
Јавно наддавање и продажба
уредиТрговците на големо, кои ја следеле римската војска, први ги купувале новите робови. Многу луѓе кои купувале робови сакале тие да бидат силни, главно мажи. Децата - робови чинеле помалку од возрасните, иако други извори тврдат дека нивната цена била повисока. Еднаш, Гај Јулиј Цезар го продал на самото место целото население на освоениот регионот во Галија, не помалку од 53 000 луѓе, на трговци со робови.
Во рамките на империјата, робовите се продавале на јавно наддавање или понекогаш во продавници, или на приватна продажба во случај на поценети робови. Трговијата со робови била надгледувана од страна на римските фискални функционери наречени квестори.
Робовите стоеле на ротирачки штандови, а околу секоја роб за продажба висела еден вид на плакета која го опишувала потекло, здравје, карактер, интелигенција, образование на робот како и други информации значајни за купувачите. Цените варирале според возраста и квалитетот, а највредните робови достигнувале цена од неколку илјади долари. Бидејќи Римјаните сакале да знаат што точно купуваат, робовите ги претставувале голи. Од трговците со робови се барало да го вратат робот назад во рок од шест месеци доколку имал некои недостатоци кои не биле прикажани на продажбата или да ја надоместат загубата на купувачот. Робовите кои се продавале без гаранција требало да носат капа на јавното наддавање.
Ропство поради долг
уредиNexum бил договор за ропство поради долг во раната Римска Република. Во рамките на римскиот правен систем, тој бил во форма на mancipatio. Иако условите на договорот се разликувале, во суштина, слободен човек станувал роб, се заложувал себеси како гаранција за заем (nexus). Исто така, тој можел да го даде својот син како гаранција. Иако робот можел да очекува да претрпи понижување и некој вид злоупотреба, како законски граѓанин требало да биде ослободен од физичко казнување. Nexum бил укинат од Lex Poetelia Papiria во 326 година п.н.е., делумно за да се спречи злоупотребата на физичкиот интегритет на граѓаните кои станале робови поради долг.
Римските историчари го разјасниле укинувањето на nexum со традиционалната приказна која се разликувала во деталите. Во основа, се зборува за nexus кој бил убав, но силниот млад човек бил жртва на сексуално малтретирање од страна на оној на кој му должел. Во една верзија, младиот човек се задолжил за да го плати погребот на својот татко, во други, неговиот татко го дал како гаранција. Во сите верзии, тој е претставен како модел на доблест. Историски или не, предупредувачката приказна ја истакнала нескладноста на тоа еден слободен граѓанин да биде потчинет на друг, а законскиот одговор се насочил кон воспоставување на правото на граѓанинот на слобода (libertas), кој треба да се разликува од робот или општествено протераниот (infamis).
Цицерон го сметал укинување на nexum првенствено како политички маневар за да се смират обичните луѓе (plebs). Законот се донел за време на Конфликтот на сталежите, кога плебејците се обидувале да воспостават нивни права во однос на наследните привилегии на патрициите. Иако nexum, како начин да се обезбеди враќањето на заемот, бил укинат, ропството поради долг сè уште можело да се практикува, доколку должникот не си ги исполни обврските.
Типови на работа
уредиРобовите работеле широк спектар на професии кои може грубо да се поделат на пет категории: домаќинство или домашни работи, империјални или јавни, градски занаети и услуги, земјоделство и рударство. Надгробните споменици даваат податоци за најмалку 55 различни работни места кои можел да ги има еден роб во домаќинство: бербер, батлер, готвач, фризер, куќна помошничка (ancilla), доилка или негувателка, учител, секретар, шивачка, сметководител и лекар. Големите домаќинства на елитата ( domus во град, или villa на село) се одржувале со помош на персонал и од стотици луѓе. Условите за живот на робови во domus ( familia urbana) биле лоши во однос на оние на слободните луѓе со кои живееле, додека пак во некои случаи биле подобри во однос на оние на многуте слободни сиромашни граѓани во Рим. Робовите во домаќинството веројатно уживале најдобри услови за живот меѓу римските робови, веднаш до робовите во јавна сопственост, кои не подлежат на каприците на еден господар. Империјалните робови биле оние кои биле приврзани за семејството на императорот, familia Caesaris.
Во градовите, робовите работеле како ковачи, резбари, чевлари, пекари, јавачи на мазги и проститутки. Во принцип, робовите „немале право да одбијат сексуално да ги задоволат своите господари". Робовите на фармите (familia rustica) веројатно живееле во поздрави услови. Римските писатели кои пишувале за земјоделството очекувале дека работната сила на фармите ќе ја сочинуваат главно робови, со кои раководи vilicus, кој најчесто и самиот бил роб.
Десетици илјади робови биле осудени да работат во рудници или каменоломи, каде што се знаело дека условите се сурови. Damnati in metallum („оние што биле осудени да работат во рудник") биле осуденици кои ја загубиле својата слобода како граѓани (libertas), имотот им бил запленет (bona) од државата и станале servi poenae, робови по правна казна. Нивниот статус според законот бил поинаков од оној на другите робови, не можело да си ја купат слободата, да се продаваат, или да се ослободат. Се очекувало да живеат и умрат во рудниците. Империјалните робови и ослободените (familia Caesaris) работеле во раководството и управувањето на рудниците.
Во доцниот период на Републиката, околу половина од гладијаторите кои се бореле во римските арени биле робови, иако најквалификуваните најчесто биле бесплатни доброволци. Успешните гладијатори повремено се наградувале со слобода. Сепак гладијаторите, со тоа што биле обучени воини и имале пристап до оружје, биле потенцијално најопасните робови. Порано, многу гладијатори биле војници заробени во војна. Спартак, кој го предводел Спартаковото востание од 73-71 година п.н.е., бил бунтовен гладијатор.
Јавни робови
уредиServus publicus бил роб кој не бил во сопственост на едно приватно лице, туку во сопственост на римскиот народ. Овие робови работеле во храмовите и други јавни објекти во Рим и во општините. Повеќето вршеле општи, основни задачи како слуги во Колегиумот на бискупи, судии и други службени лица. Некои добро квалификувани државни робови работеле канцелариска работа како сметководство и секретарски услуги. Ним им било дозволено да заработуваат пари за лична употреба.
Затоа што имале можност да ја докажат својата вредност, можеле да се здобијат со углед и да станат влијателни, а понекогаш ја добивале и својата слобода. Во периодот на Републиката, јавниот роб можел да биде ослободен со изјава од судија, со претходно одобрение од сенатот, а пак во времето на Империјата, императорот го одобрувал ослободувањето. Општинскиот совет ги ослободувал општинските јавни робови.
Начин на постапување и правен статус
уредиПостојат извештаи кои укажуваат на злоупотреба на робовите од страна на Римјаните, но има малку информации преку кои може да се покаже колку била распространета ваквата сурова постапка. Запишано е дека Катон Постариот ги протерувал старите или болни робови од својата куќа. Сенека го застапувал ставот дека робот со кој добро би се однесувале подобро би работел од оној кон кој би се однесувале лошо.
Главно, иако ослободените робови би можеле да станат граѓани со право на глас, доколку биле мажи, на оние категоризирани како dediticii трајно им било одземено правото да станат граѓани. Dediticii биле главно робови чии господари биле принудени да ги казнуваат за сериозно лошо однесување со тоа што им ставале синџири, ги жигосувале, ги мачеле за да признаат некој прекршок, ги затворале или недоброволно ги праќале во гладијаторско училиште (ludus) или ги праќале да се борат со гладијатор или диви ѕверови (секако, нивниот понатамошен статус имал значење само за они кои преживеале). Dediticii ги гледале како закана за општеството, не било важно дали казните од нивниот господар биле оправдани и ако dediticii дошле од близина на сто милји до Рим, повторно биле поробени.
Распнувањето на крст било смртна казна наменета особено за робови, предавници и разбојници. Маркус Крас требало да ја запечати победата над Спартак во Спартаковото востание со тоа што долж улицата Апија распнал 6 000 робови - востаници. Исус од Назарет бил исто така распнат, дали како предавник, дали за да не се признае неговиот статус на слободен човек.
Како што империјата растела, некои императори почнале да им даваат повеќе права на робовите. Клаудиј објавил дека доколку господарот го напуштил својот роб, робот ќе станел слободен човек. Нерон им го дал на робовите правото да се жалат пред суд против своите господари, а под власта на Антонин Пиј, на господар кој ќе убие роб без причина може да му се суди за убиство. Како империја се проширувала, правната заштита на робовите продолжила да расте. Тоа станало честа појава од средината до крајот на 2 век со цел да им се овозможи на робовите да се жалат на суровото или неправедно постапување од страна на нивните сопственици.
Според Марсел Мос, во римско време persona (личност) постепено станала „синоним на вистинската природа на човекот", но тоа не важело и за робовите. Servus non habet personam [" робот нема личност"]. Тој нема личност. Тој не го поседува своето тело, нема предци, нема име, презиме, свои материјални добра.
Востанија и бегства
уредиМозес Финли забележал, „во изворите, робовите бегалци се речиси опсесија ". Рим забранил засолнување на бегалците, а се најмувале професионални ловци на робови за да ги фатат. Се истакнувале јавни објави со прецизен опис на избеганите робови, а се добивале и награди. Ако ги фателе, бегалците ги казнувале со тоа што ги камшикувале, ги гореле со железо или ги убивале. Оние кои ќе преживееле ги жигосувале на челото со буквите FUG, за fugitivus (бегалец). Се случувало робовите да носат и метален синџир прикован околу вратот. Еден таков синџир е сочуван во Рим на кој на латински пишува „Побегнав. Фати ме. Ако ме однесеш кај мојот господар Зониниј, ќе бидеш награден."
Постоела постојана опасност од востание на робовите, кое не само еднаш сериозно ѝ се заканило на републиката. Грчкиот историчар од 1 век п.н.е., Диодор Сикулски, напишал дека робовите понекогаш се здружувале за да скројат заговор. Тој ги запишал трите поголеми востанија на робовите: во 135-132 година п.н.е. (Првото робовско востание), во 104-100 година п.н.е. (Второто робовско востание) и во 73-71 година п.н.е. (Спартаковото востание).
Ропството во филозофијата и религијата
уредиКласична римска религија
уредиВерскиот празник кој робовите во Рим најмногу го славеле бил Saturnalia, фестивал на промена на улогите, кој се одржувал во месец декември. За време на фестивалот робовите уживале во богата гозба, коцкање, слободен говор и други привилегии кои инаку не им биле дозволени. За да ја одбележат привремената слобода, тие носеле pilleus, капа на слободата, како слободните граѓани, а обично не носеле ништо на главата. Некои антички извори претпоставуваат дека господарите и робовите ручале заедно, додека други укажуваат на тоа дека прво робовите се гоштевале, или дека всушност господарите ја служеле храната. Можно е обичајот да се менувал со текот на времето. Макробиј (5 век) го опишува настанот на следниов начин:
Во меѓувреме, главата на домаќинството на робови, чија одговорност била да принесе жртва на Penates, да ги води подготовките и да ги организира активностите на слугите, дошoл да му каже на својот господар дека домаќинството приредило гозба според годишниот ритуален обичај. На овој фестивал, во куќите кои се придржувале до обичајот, прво за да им оддадат чест на робовите се приготвувала вечера подготвена како за господар, а дури потоа повторно се поставувала масата за главата на домаќинството. Потоа, доаѓал главниот роб да го објави времето на вечерата и да ги повика господарите на масата.
Исто така, дозволата saturnalian им дозволувала на робовите да уживаат во изговорот за непочитување на своите господари и да се ослободат од казна. Августовиот поет Хорациј ја нарекува нивната слобода на говорот "декемвриска слобода" (libertas Decembri). Во две сатири, напишани за време на Saturnalia, Хорациј опишува роб кој остро го критикува својот господар. На сите им било јасно дека израмнувањето на општествената хиерархија е привремено и дека има граници. Сепак, општествените норми не биле загрозени, бидејќи празникот ќе завршел.
Друг празник на робовите (servorum dies festus) се одржувал на 13 август во чест на Сервиј Тулиј, легендарниот шести крал на Рим, кој бил дете на робинка. Како Saturnalia, и овој бил празник со промена на улогите. Господарката на домаќинството ги миела главите на своите робови, како и сопствената.
Храмот на Феронија во Terracina во Latium бил место на посебни церемонии кои се однесуваат на ослободувањето. Божицата се поистоветувала со Libertas, персонификација на слободата и била божица заштитничка на ослободените робови (dea libertorum). На камен во нејзиниот храм било врежано „нека седнат робовите кои се достојни, па можат да станат од каменот слободни.”
Робинки и религија
уредиНа Matralia, фестивал на жените, поврзан со божицата Mater Matuta, кој се одржувал на 11 јуни, слободните жени церемонијално тепале некоја робинка и ја протерувале од заедницата. Инаку, учеството на робинки било забрането. На робинките им се оддавала почит на Feriae Ancillarum на 7 јули. Празникот се објаснува како сеќавање на услугата која група ancillae (робинки или "слугинки") му ја направиле на Рим за време на војната со Fidenates кон крајот на 400-тите години п.н.е. Рим ослабнал поради пљачкосувањата од страна на Галите во 390 година п.н.е. Римјаните претрпеле пораз од Fidenates, кој побарал тие да ги предадат своите сопруги и ќерки кои биле девици како заложници за да се обезбеди мир. Робинката Philotis или Tutula смислила план како да го измамат непријателот кој гласел вака: робинките ќе се облекле како слободните жени, ќе поминеле една ноќ во кампот на непријателот и ќе испрателе сигнал до Римјаните за кога би било најпогодно време да се започне противнапад. Иако историската веродостојност на првичната приказна може да се смета за сомнителна, сепак тоа покажува дека Римјаните сметале дека веќе имаат значително робовско население пред Пунските војни.
Мистериозни култови
уредиМистериите на Митра им биле откриени на робовите и ослободените луѓе, а на некои култни места робовите ги принесувале повеќето или сите ветени дарови, понекогаш заради благосостојба на нивните господари. Култот на Митра, кој го ценел потчинувањето на авторитетот и унапредувањето преку хиерархијата, бил усогласен со структурата на римското општество, а со тоа, учеството на робови не претставувало закана за општествениот поредок.
Стоичка филозофија
уредиСтоиците мислеле дека сите луѓе биле манифестации на ист универзален дух и на тој начин биле еднакви по природа. Исто така, Стоицизмот смета дека надворешните околности (како тоа да се биде поробен) не ја попречуваат вистински личноста да го практикува стоичкиот идеал на внатрешното себевладеење. Се вели дека еден од позначајните римски стоици, Епиктет, ја поминал младоста како роб.
Рано христијанство
уредиСтоиците и некои рани христијани во поголема мера се спротивставиле на малтретирањето на робовите, отколку на самото ропство. Застапниците на овие филозофии гледале на ропството како начин да се живее во рамките на општествата такви какви што биле, наместо да се уништат вкоренетите институции. Во светото христијанско писмо, на господарите им се наложувало еднакво да ги исплаќаат и праведно да се однесуваат кон робовите, а робовите се советувани да ги слушаат своите земни господари и законски да добијат слобода, ако е тоа можно.
Некои постари христијански водачи (како Григориј Ниски и Јован Златоуст) барале добро да се постапува со робовите и го осудувале ропството, додека други го поддржувале. Христијанството им овозможило еднаквост на робовите во рамките на религијата, дозволувајќи им да учествуваат во литургијата. Според традицијата, папата Климент I (92-99 година), папата Пиј I (158-167 година) и папата Каликст I (околу 217-222 година) биле поранешни робови.
Ослободување
уредиОслободувањето на робот било наречено manumissio. Ослободувањето на робот било јавна церемонија, која се вршела пред некој вид на јавен службеник, обично судија. Сопственикот го допирал робот на главата со стап и потоа тој бил слободен. Понекогаш се употребувале поедноставни методи, обично сопственикот го прогласувал робот за слободен пред пријателите и семејството или се праќала едноставна покана за собир со семејството на вечера.
На поранешниот роб му се доделувала капа, наречена Pileus, како симбол на ослободувањето.
Робовите биле ослободувани поради различни причини, особено поради некое добро дело сторено за сопственикот на робот или од пријателство или почит. Понекогаш, робот кој имал доволно пари можел да ја купи својата слобода и слободата на некој близок роб, најчесто на брачниот другар. Сепак, малкумина имале доволно пари да го сторат тоа, а на многу робови не им било дозволено да имаат пари. Исто така, робовите ги ослободувале преку тестамент, со одредба во тестаментот на сопственикот пред неговата смрт. Август го ограничил ваквото ослободување на најмногу сто робови, а за помали домаќинства бројот бил помал.
Најчесто биле ослободувани веќе образованите или искусни робови. На крај, ослободувањето на робовите станало толку вообичаено така што Август издал наредба со која ниту еден римски роб не можел да ја биде ослободен пред да наполни 30 години.
Ослободен роб
уредиОслободениот роб бил libertus на својот поранешен господар, кој станал негов патрон (patronus). И двете страни имале меѓусебни обврски една кон друга во рамките на традиционалната патронска мрежа. Со условите за неговото ослободување можат да се наведат услугите кои libertus имал обврска да ги изврши. Ослободениот роб можел да се поврзе и со други патрони.
Libertini, како општествена класа, биле поранешни робови. Мажите можеле да гласаат и да учествуваат во политичкиот живот, со одредени ограничувања. Тие не можеле да се кандидираат за сенатори, ниту да станат дел од сенаторската класа. Децата на поранешните робови ги уживале целосните привилегии на римските граѓани без ограничувања. Латинскиот поет Хорациј бил син на ослободен роб и офицер во војската на Марко Јуниј Брут.
Некои ослободени робови станале многу моќни. Многу од нив имале важни улоги во римската власт. Ослободените робови на кралските семејства често биле главните функционери во империската администрација. Некои се искачиле на многу влијателни позиции, како Нарцис, поранешен роб на императорот Клавдиј.
Други станале богати. Се верува дека браќата кои ја поседувале куќа Vettii, една од најголемите и најубавите куќи во Помпеја, биле поранешни робови. Ослободен роб го конструирал амфитеатарот во Помпеја. Традиционалната аристократија во некои случаи сè уште го гледала од високо ослободениот роб кој станал богат и влијателен како прост новобогаташ. Трималхион, лик во „Сатрикон”, е карикатура на еден таков ослободен роб.