Романски машки лицеј во Битола
Романскиот машки лицеј во Битола бил изграден во 1880 година и започнал да работи во еден мал објект со само еден клас од 6 ученици. До 1887 година бил комплетиран со 7 класови и 90 ученици. Веројатно тогаш и се преместиле во новиот и поголем објект. Образованието во лицејот било четирикласно и седумкласно. Средствата за финансиското одржување на училиштето биле обезбедувани од страна на Романија, од министерството за надворешни работи.
Тука предимно учеле лица од влашката популација, но сепак образованието било на романски јазик според романските наставни програми. Ова во суштина било своевиден филолошки факултет, бидејќи најмногу од сè тука се изучувале јазици. Се изучувале германски, латински, италијански, француски, грчки, турски, па дури и бугарски јазик, што било интересен куриозитет. Од другите предмети се изучувале и романската историја, математика, ликовна уметност, музичко итн. Објектот на Лицејот бил двокатна зградата градена во западноевропски стил со орнаментирана фасада. Оваа образовна институција работела сè до 1913 година кога била затворена.