Раносредновековна македонска уметност
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Со трајното населување на словените во Македонија во текот на VII век продолжува долготрајниот и сложен етногенетски процес на создавање на македонскиот народ. Во одделни области македонските словенски племиња формираат полудржавни формации наречени Склавини. Тие како независни словенски кнежевства ќе егзистираат до средината на IX век, кога се потчинети на Византија и Бугарија. Распаѓањето на племенското уредување, забрзаното економско раслојување на населението, како и сè поголемата христијанизација на словените, се пресудни за натамошната историја, посебно во времето на епископите Климент и Наум, ученици на првите словенски просветители Кирил и Методиј, кога во Охрид, кој станува просветно - културен и религиозен центар на Македонија, се создава првиот словенски универзитет.
Македонските словени го прифаќаат Христијанството со што е овозможено продирањето на византиската култура. Тие доаѓаат во непосреден допир со врвните дострели на византиската уметност, а преку христијанскта религија и нејзиниот ритуал ја преземаат и концепцијата на византиската сакрална уметност. Со ова, македонските словени стануваат клучен посредник помеѓу Византија и другите словенски народи, пренесувајќи ги преидобивките на византиската култира. Отфрлајќи ја туѓинскта власт, македонските словени под Цар Самуил кон крајот на X век создаваат сопствена држава со средиште во Охрид.
Македонската средновековна уметност од периодот на повторното воспоставување на византиската власт во почетокот на XI век до влегувањето на Македонија во рамките на српската држава кон крајот на XIII век, ја следиме преку сакралната уметност, пред сè во областа на фреско - живописот и иконописот. Повеќето од овие дела се наоѓаат во врвот на европската ликовна продукција и имаат општа и трајна уметничка вредност.
Поразот на Цар Самуил и распаѓањето на неговата држава се одразува не само на политички план туку и во измената на естетските концепции. Византија преку своите политички и верски институции ја обележува севкупната уметничка и културна продукција со јасен белег на сопствената традиција.
Најголемата галерија на монументално сликарство од XI век во Македонија се открива во композициите на Охридската катедрала Света Софија. Во неа е зачуван најголемиот ансамбл фрески од ова време, каде есенцијално се заокружени теолошките мисли на едно општество кое настојува во ликовната уметност да ги изрази идеите на христијанството, но врз основа на античката традиција.
Живописот во храмот Св. Пантелејмон во село Нерези кај Скопје (1164 г.) има значење на заокружена стилска програма. Фреските во овој храм имаат сила на неповторливи уметнички дела. Првпат во уметноста на југоисточна Европа овде проблеснува нота на длабока човечка драма, емотивен набој на личностите од божествената хиерархија.
Во почетокот на XIII век Византија паѓа под ударот на латинските крстоносци. Во Македонија се менуваат политичките господари, а единствен траен фактор кој успева да ги надживее сите ефемерни државни форми е Охридската архиепископија. Во долгите периоди на политичка нестабилност таа е единствениот значаен двигател на културниот живот во Македонија.
Кон крајот на XIII век во Македонија отпочнува еден нов ликовен процес. Зографите Михаил и Ефтихиј во живописот на храмот Света Богородица Перивлептос (1295 г.) ќе предизвикаат револуционерен пресврт во однос на претходните стилови во ликовната уметност. Тие покажуваат изненадувачка храброст во отворањето нови процеси во широката сфера на византиската уметност.
Натамошната еволуција кон класицизмот, смиреност и одмереност на формите, ќе го означи нивниот статус на дворски сликари.
Тие го прифаќаат цариградскиот палеологовски стил кој својот полн израз ќе го најде во нивните фрески од храмот посветен на св. Ѓорѓи во Старо Нагоричани кај Куманово (1318 г.).
Приближувајќи се кон средината на XIV век, живописот во Македонија како и на целиот Балкански Полуостров еволуира кон наративност, енциклопедиска ученост и зависност од литературните предлошци. Од средината на XIV век расте моќта на благородниците со што започнува нивното осамостојување набрзо, со слабеењето на централната српска власт, тие стануваат самостојни владетели на своите поседи. Иако благородниците не се во состојба да градат храмови како царските, во нивните донации се наоѓа фреско - живопис кој по своите исклучителни уметнички вредности ги вбројува меѓу најзначајните остварувања од ова време.