Помош:Како да уредам страница/песок

СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН, кој е познат само како Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква - Охридска архиепископија и во Македонците насекаде во светот. Тој и’ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората.

Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој е припадник на етничка Македонија, на Македонците во дијаспората и на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), која како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и насекаде во светот.


Разновидната палета на Катин за реализација на стратешките цели на ова поле опфаќа бројни напори, од кои дел веќе функционираат. Покрај релативно честите посети на трите континенти и неговите приватни средби со мигрантите, преку неговите монографски публикации за најуспешните од нив, Катин, исто така, се обидува да предизвика интерес кај државните лидери во земјата за соработка со дијаспората. Ова особено се очекува со објавување на неговата 55 книга Израел и Македонија (на англиски, македонски и хебрејски).


Катин е роден на 19 август 1941 година во Долна Преспа, во куќа која во тој период ја заплискувале брановите на Преспанското Езеро, во непосредна близина на старата населба Наколец. Тој е роден точно на почетокот на Втората светска војна, кога Хитлеровска Германија, опијанета од идеологијата на фашизмот, се крена против целиот свет, верувајќи дека има сили да завладее со него.

Во големата светска катаклизма, во семејството на Сандра и Ристо Николовски (Барџевски , кој во 1944 ја напушти Македонија и го заврши бурниот живот во Рио де Жанеито, во Бразил) се родил синот Славе кој ќе ја продолжи семејната лоза. И не само тоа, тие како да претчувствувале дека нивното прво и единствено чедо, ќе стане познато и признато име, не само во Преспа, туку и во Македонија и надвор од неа ширум светот.

Во неговата биографија е забележано дека извесен период по неговото раѓање, семјеството се преселува во Љубојно, од каде е неговата мајка Сандра. До завршувањето на осумгодишното училиште во Љубојно и средното училиште во Скопје го носи презимето на мајка му – Грежловски, а потоа на факултет во Белград продолжува со презимето на неговиот биолошки тако Ристо (Барџевски) – Николовски. Во Љубојно Славе го минува поголемиот дел од детството, од младоста, а се навраќа во него скоро цел живот. Катин таму има библиотека со околу 4.000 книги Таму од мали нозе го почувствувал тешкиот печалбарски живот на луѓето од Преспа, особено преку печалбарската сага на дедо му Алексо (Алек) Ристов – Грежлов во Детроит, мајка му Сандра и очихот Јосиф Ничевски во Торонто

Основното и осумгодишното училиште (со мала матура) го завршува во училиштето „Димитар Влахов“ во Љубојно, а Средно техничкото училиште, геодетски отсек во училиштето „Здравко Цветковски“ во Скопје. Студирал две години Геодезија на Вишата геодетска школа во Белград., се школувал и во Торонто, а дипломирал на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.


Во брак е со Нада Николовска, родена Иванова, во Виница во 1949 година. Таа денес е пензионерка, а беше советник и инспектор по македонски јазик во Бирото за развој на образованието и наука при Министерството за образование на Република Македонија. Нада Николовска - Катин е автор на дваесетина учебници и друга литература и на повеќе од дваесет дидактички дела по македонски јазик кои значат голем придонес во наставниот процес во училиштата во Македонија. Нејзините дела, во исто време се и афирматори и бранители на македонскиот јазик и литературата во земјата и светот.

Нада и Славе Катин имаат две деца: Синот Александар,(Алек- кој го носи името на прадедото Алексо- Алек) роден во Скопје во 1974 година, доктор по ветеринарна медицина - ДВМ и ќерката Дафинка,(која го носи името на пра-пра бабата Дафина) родена во Штип во 1975, професор по англиски, шпански и македонски јазик. Александар е женет со Радмила Николовска, родена Чрчева, во Гостивар во 1974 година, доктор по ветеринарни науки. Тие имаат три ќерки, Сандра Николовска - Катин, родена во Скопје во 2003 година, која го носи името на покојната мајка на Славе Катин. На нејзиниот шести роденден Катин објави пригодна монографија со цртежи што таа ги направи во градинката и фотографии од нејзиното предшколско детство. Втората ќерка Костадина (Дина) Николовска - Катин, е родена во Скопје во 2006 година. И на нејзиот шести роденден Катин објави пригодна монографија со цртежи што таа ги направи во градинката и фотографии од нејзиното предшколско детство. Третата ќерка Надја, која го носи името на бабата Нада, е родена во 2016 година.

Дафинка, пак, е мажена за Џампаоло Скатоца познат како Џипи (Giampaolo Scatozza - Jippi) роден во Рим, Италија. Тој завршил Музичка академија во Рим и сега е џез музичар, (бубневи) и професор по музика, со кого има една ќерка Изабел (Isabel) Катин – Скатоца родена во Торонто во 2006 година и синот Масимо (Massimo) Катин - Скатоца, роден во Торонто во 2007 година. И на нивните шести родендени Славе Катин објави пригодни монографии со цртежи што тие ги направија и фотографии од нивното предшколско детство. Изабел е и автор на тријазичната стихозбирката „Дождот“, која беше промовирана во Љубојно на 02,08 2017 година на големиот македонски национален празник Илинден.

По завршувањето на средното образование, неколку години Славе Катин работи како геометар во Собранието на Општината Ресен. Како студент во Белград, во почетокот на 1966 година заминува за Канада, каде останува четири години. Во Торонто се школува на специјализираниот Институт за англиски јазик и литература „Раерсон“. Извесен период работи како геодет, а пројавува активност и во македонската колонија во Торонто. Еден мандат, во 1968 година, бил генерален секретар на Црковната управа на Македонската православна соборна црква “Свети Климент Охридски” во овој град. Паралелно се занимавал со новинарство, активно соработувајќи со списанието “Духовна искра” од Торонто, но и со други печатени и електронски македонски медиуми во Канада и Соединетите Американски Држави.


Во летото 1970 година, по препорака на тогашниот југословенски амбасадор Митко Чаловски се вратил во Македонија како студент на Владата на тогашна Социјалистичка Република Македонија, преку Матицата на иселениците од Македонија. Заедно со неколку студенти од Канада и Австралија имал статус и бенефиции како странски студент во Македонија, со цел, пак, да се врати во Канада.

Меѓутоа, во 1972 година стапил во брак со Нада Иванова, професор по македонски јазик и литература и останал да живее во Македонија, во древниот Охрид. По дипломирањето на Филолошкиот факултет (1974), Катин четири години работи како координатор и стручен преведувач во Хидробиолошкиот завод во Охрид, во периодот на истражувањето на Охридското Езеро, утврдено со Договорот помеѓу Заводот и Смитсоновата фондација од Вашингтон. Во овој период, интензивно работи на повеќе преводи од научен и стручен карактер, од македонски на англиски јазик и обратно, за потребите на Заводот, но и на низа преводи на англиски јазик на научни трудови објавувани во земјата и странство.

Од 1979 до 1984 година, Катин е во Матицата на иселениците од Македонија, каде ја води Информативната служба и работи како преведувач и новинар во списанието “Македонија”. Од 1984 до 1990 година се наоѓа во Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (РК ССРНМ), каде го уредува “Информативниот преглед” и други информативни публикации на оваа општествена организација. Воедно, од Претседателството на РК на ССРНМ е именуван за раководител на Службата за информирање, за секретар на Комисијата на РК ССРНМ за меѓунационални односи и секретар на Одборот за остварување на улогата на ССРНМ во сферата на религијата и верските заедници.


Од 1991 до 1998 година Катин (именуван од Собранието на Република Македонија, како самостојна и независна држава) ја врши функцијата потпретседател на Републичката комисија за односи со верските заедници. Во 1999 година повторно се враќа во Матицата на иселениците од Македонија, сега веќе трансформирана во Министерство за иселеништво, кое, по една реконструкција на Владата, е рангирано (деградирано) во Агенција за иселеништво. Со цел поангажирано да се посвети на иселеништвото, во 2001 година, Катин ја напушта Агенцијата и заминува во предвремена пензија.

Меѓутоа, во овие дваесеттина години по пензионирањето, тој е активен во издавачката дејност. Како главен и одговорен уредник на една од престижните издавачкати куќи–Книгоиздателството “Македонска искра” од Скопје, тој постигнал видни резултати во издаваштвото, особено во учебникарството. Славе Катин уредил и објавил неколку стотини наслови од кои најголем број се учебници и дидактичка литература, кои значат голем прилог и придонес во образовните процеси во Република Македонија и за учениците во дијаспората, а кои се одобрени од Министерството за образование и наука на Република Македонија, потоа дела на македонски иселеници, асоцијации и организации во Канада, САД, Автралија и Европската Унија, како и книги на бројни познати и непознати автори од Македонија, како и дела од творештво на Славе Катин.

Како функционер на Владата на Република Македонија, Славе Катин бил на посети и разговори кај поглаварите на Романската, Украинската, Руската и Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбил и Ватикан во Рим. Исто така, бил и во делегацијата на Владата на Република Македонија за погребот на Мајка Тереза во Калкута, Индија, а многу пати патувал со делегации на Македонската православна црква -Охридска архиепископија за Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија, бројни европски земји, Турција и Израел.

Во неговиот богат творечки опус почнувајќи од првото авторско дело „Англиско-македонски лимнолошки лексикон (1986), па до денес, посебно внимание заслужуваат следните негови дела: „Македонците во САД и Канада“ (2002) (на македонски и на англиски јазик), „Македонски холокауст“, (1990), „Македонските православни црквни општини во Австралија, Канада и САД“ (1991), „Во Австралија како дома“ (1992), „Македонскиот иселенички печат” (1993), „Печалбарски копнеж“ (1993), „Македонски иселенички паноптикум“ (1996), „Иселенички хоризонти“ (1999), „Атанас Близнаков“ (2000), „Моите патувања низ светот“ (2001),„Илинден 1903-2003 и македонските иселеници“ (2003), „Иселеничка вртелешка“ (2008), и „Светот на дланка“ (2014) (на македонски јазик), како и на публикациите „По патеките на Евлија Челебија“ (2007) (на турски јазик)и „Љубовни приказни“ (2011) (на англиски јазик).

Особено внимание заслужуваат неговите монографиите: „Андреа Бранов“ од Мелбурн, Австралија (2001, „Семејството Јановски“ од Торонто, Канада (2002), „Светле (Стив) Стамевски“ од Детроит, САД (2005),„Митрополитот Кирил“ од Македонија (2007), „Ѓорѓи (Џорџ) Томов“ од Њујорк (2007), „Бошко Рајчовски–Пелистерски“ од Флорида (2008), „Петар Стаматов“ од Чикаго (2010), „Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски“ од Флорида, (2012), „Атанас Близнаков“од Гери, САД (2015) (на македонски и англиски јазиk), и „Есма Реџепова-Теодосиевска“ од Скопје (2015), (на македонски, англиски и ромски јазиk), како и делото „Гога Печенковски“ од Ресен (2004) (на македонски јазик).

Славе Катин е соавтор и на делата: „Придонесот на Македонија во светската цивилизација“ (2004), „Од Панонија до Егеј“ (2007), (на македонски) со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо, „Македонија во античко време“ (2010) и „Балканот и Македонија“ (2014) (на англиски) со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и Ристо Стефов, потоа „Во чест на Свети Кирил и Методиј“ (1994), „Ореолот на Дева Марија и Света Богородица Сливничка во Преспа“ (2007),(на македонски) со проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, и „40 поклоненија пред гробот на свети Кирил во Рим“(2008) (на македонски), со проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ и епископ Климент, како и делата „Македонски вознес“ (1994) (на македонски и англиски), „Поетски иселенички меридијани“ (1995) и„Македонците во Хамбург (1978-1998)“ (1997), (на македонски јазик) трите со Фиданка Танаскова, „Илинден во Љубојно и Преспа“ (2013) (на македонски и англиски) со Бошко Рајчовски–Пелистерски и „Силјан Мицевски“ од Битола (2015) со Ѓорѓи Лумбуровски (на македонски јазик).

Тој е познат и со неговите лексикографски изданија за деца „Ајде да учиме македонски и англиски“ (1997)(на француски, германски, турски, со Исние Шабан, албански, со Лирија Реџепи, влашки со Захарица Порчу и со Љатив Демир на ромски јазик), и „Англиско-македонски биотехнички речник“ (1994), потоа “Англиско-македонски ветеринарен речник”(1996) со проф. Илинка Дракулевска-Грубовиќ и проф. Никола Јордановски, „Библиски речник“ (1997), со проф. д-р Петко Златески, „Водич низ компјутерската терминологија“(2000), со Стеван Томовски.

Тој е познат и по преведените бројни дела и трудови од македонски на англиски јазик и обратно, меѓу кои: „Селото Неволјани-Леринско“ (1986) (од македонски на англиски) од Ристо Кираџиев од Торонто, на преводите на „Јубилејното издание посветено на 50-годишнината од основањето на хидробиолошки завод – Охрид“, Охрид, (1985), на „Развојот и исхраната на младите циприниди во Охридското Езеро“ (1988), (од македонски на англиски), докторска дисертација на биологот Милчо Точко од Охрид, „Страници за Македонија и Македонците“ (1990) од Христо Андоновски, од Скопје и „Македонски стопански речник“ (1990) на Стопанска комора на Македонија, како и други преводи на научни трудови од македонски на англиски и обратно. Тој е особено познат со преводот од англиски на македонски јазик на романот „Александар Македонски“ (1988) од Урлих Вилкен.

Две публикации се објавени за Славе Катин и тоа: Монографија за животот и делото, насловена „Катин“ (2004), на македонски и на англиски јазик и книгата за неговата публицистичката дејност, насловена „Македонски иселенички портрет“ (2004), на македонски јазик, од Борче Наумовски, поранешен министер за култура на Република Македонија.

Во текот на неговата работа и творечка дејност објавил шеесет публикации, лексикографски изданија, преводи од македонски на англиски јазик и обратно. Исто така, автор е на над четири илјади новинарски текстови и други единици од науката, фељтони, репортажи, осврти, портрети, преводи од литературата, јазикот религијата и културата на англиски и на македонски јазик, како и на друг вид текстови и материјали што се објавени во земјата и во светот.


Славе Николовски – Катин беше акредитиран новинар од Македонија за Австралиско-македонски неделник од Мелбурн во период од три години и за Меѓународна политика од Белград. Поголемиот број од неговиот опус на материјалите се однесува и е сврзан со активностите и животот на македонските православни црковни општини во Австралија, Канада, САД и Европската Унија, како и на македонските иселеници во прекуокеанските и европските земји, а 50-тина преводи од македонски на англиски во рубриката ,,Од месец до месец” во списанието Македонија се однесуваат на културно-политичкиот и општествениот живот во Република Македонија.

Има учествувано на 60-тина симпозиуми, трибини, конференции и друг вид сесии во земјата и во светот на кои има презентирано, главно, реферати што се однесуваат на културата, литературата, јазикот и религијата, како и на информативната и друга дејност на македонските иселеници во прекуокеанските и во западноевропските земји.

Како активен новинар беше избран за секретар на Здружението на новинарите на Македонија, на која должност остана пет години. Потоа беше член на Претседателството и на Комисијата за меѓународна соработка на Здружението. Беше член и на Советот на Центарот за странски јазици во Скопје, на Издавачкиот совет на „Меѓународна политика” од Белград и член на „Друштвото на литературните преведувачи на Македонија“. Два мандата беше потпретседател, како и член на Друштвото за литература и култура Македонија-Канада, потоа бил почесен член на Здружението за примена на македонскиот јазик во службената и во јавната комуникација; потпретседател и доживотен член на Одборот на Фондацијата „Атанас Близнакоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” . Бил член на Меѓународната академија за слобода на религијата во Вашингтон, САД, а почесен член е на Литературното друштво „Браќа Миладиновци” од Торонто, Канада и на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија, а е член на Друштвото за наука и уметност од Битола.



Во еден подолг период Катин го свртува вниманието на себе со својата динамична информативна и публицистичка дејност поврзана со овој корпус, поради што е централна фигура во односите меѓу црквата и државта, од една, и односите на државата, црквата и дијаспората, од друга страна. Ваквата негова позиција му овозможи номинација во разни друштва, здруженија и организации во Републиката и пошироко. Исто така, забележително е неговото учество на бројни симпозиуми, трибини и семинари во земјата и странство, на барање од нивните организатори кои ги ценат и почитуваат неговите погледи по низа прашања од сферите во кои дејствуваат. На овој план, Катин оствари исклучително богата и динамична комуникација со бројни субјекти во државата и светот. Тоа му овозможи да навлезе во суштината на проблемите со кои беа преокупирани Македонците во дијаспората, но и државните структури во земјата, кои во разни периоди имаа различни погледи кон иселеништвото, што е и причина за отсуството на една конзистентна држвна стратегија кон нив.

Свесен за тој факт, Катин настојува да ја пополни таа празнина, да го надомести тој вакум со предлози и сугестии, но и со конкретни практични чекори да воспостави извесен баланс во односите на државата со раселените Македонци, со што започна да го гради големиот (златен) мост на нивното поврзување со Татковината, како самостојна и независна држава. Но, и нивното меѓусебно запознавање и зближување, независно од оддалеченоста на нивните дестинации. Меѓутоа, неговиот придонес не запира тука. Катин е свесен дека на Македонија може да и’ се помогне најмногу ако во неа се инвестира во реализацијата на низа проекти од значење за нејзиниот побрз развој, односно ако за тоа се заинтересираат и самите тие во дијаспората, како успешни стопанственици.

Широката палета на Катин за остварување на стратегиските цели на овој план, опфаќа бројни зафати, дел од кои веќе функционираат. Освен неговите релативно чести посети на трите континенти и личните средби со иселениците, преку монографските изданија за најуспешните од нив, Катин се обидува интересот за соработката со дијаспората да го пробуди и кај луѓето во државниот врв на земјата.


Ефектите од ваквите посети на угледни Македонци од дијаспората на својата Татковина, допрва ќе се почувствуваат, како што ќе се почувствува и придонесот на Катин на овој план. Историската димензија на неговиот национален проект поврзан со иселеништвото, објективно го афирмира во уникатен лидер на едно светско семакедонско движење за промоција на Македонија, не само како колевка на една стара цивилизација, туку и како држава која придонесува развиениот свет сè повеќе да ја чувствува и во сопствениот развој.

Славе Катин, во период од педесетина години објавил околу 4000 текстови, главно, за Македонија, за иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литературата и други области во информативни гласила во Република Македонија и странство и тоа во: „Нова Македонија”, „Вечер”, списанијата „Македонија”, „Македонска ревија”, „Литературен збор”, „Културен зивот”, „Студентски збор” „Лик”, „Весник на МПЦ”, „Трудбеник”, „Бирлик”, „Климентов збор”. „Духовна искра”, „Обединети Македонци”, “Македонија”, “Искра”, „Повод”, „Австралиско-македонски неделник”, „Македонска искра”, „Македонски весник“, „Духовна искра“, „Македонски иселенички алманах“, особено во Веб-порталот „Македонска нација’, како и во други гласила и портали во Македонија и странство, како што се: „Македонско Сонце“, „Pollitecon Publications“, „Македонски збор“, Публицитет“, „Матица на иселениците од Македонија“, „Macedonia info Diaspora“, „Илинден“, „Виножито“, „Медиа 24.мк“ „Огледало“ „Преспаинфо“, „Македонска виделина“ и други.

Славе Катин е добитник на голем број награди и признанија од бројни организации, друштва, установи, цркви и црковни општини во Република Македонија и во странство. Тој, е добитник на наградата „Крсте Петков Ми- сирков“ (1990) на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката, „Признание за животно дело“ на 48-те Љубански илинден- ски иселенички средби (2021), како и најпрестижната „Глобална награда за животно достигнување“ (2022) на „Обединетата македонска дијаспора“ од Вашингтон, САД, за постигнувањата на полето на дијаспората.



Борче Наумовски,

поранешен министер за култура