Пилатес
Пилатес е систем од физички вежби создадени од Јозеф Пилатес во првата половина на 20 век, во Германија. Во 2005-тата година во Соединетите Американски Држави имало 11 милиони луѓе кои редовно ја практикуваат оваа дисциплина како и 14 000 инструктори.
Пилатес овој метод го нарекол Контрологија, бидејќи верувал дека неговиот метод го користи умот да ги контролира мускулите. Програмата се фокусира врз централните мускули кои го стабилизираат телото и се од суштинско значење за поддршката на –рбетот. Конкретно, пилатес вежбите ве учат на свесност во дишењето и држењето на рбетот и имаат цел да ги зајакнат внатрешните мускули на торзото.
Историја на Пилатесот
уредиПилатес методот е создаден од Јозеф Пилатес, гимнастичар, со грчко потекло но роден во Германија. За време на Втората светска војна тој создал систем на вежби засновани на аеробикот кои ги предложил за подобрување на рехабилитацијата на ветераните. Јозеф Пилатес верувал дека менталното и физичкото здравје се тесно поврзани. Тој препорачувал неколку прецизни движења нагласувајќи ја контролата и формата за да им помогне на ранетите војници да го повратат своето здравје со јакнење, истегнување и стабилизирање на одредени мускули. Пилатес ги смислил „Пилатес Принципи“ за доведување во добра форма на целото тело: правилно држење, средиште, контрола, концентрација, прецизност, дишење и флуидност на движењето. Јозеф Пилатес напишал две книги во врска со Пилатес методот: „Враќање на Животот преку Контрологијата“, 1928 година и „Вашето здравје: Правилен Систем на Вежбање Кој го Револуционизира Полето на Физичкото Образование“, 1934 година.
Начела
уредиПилатес тврдел дека неговиот метод содржи филозофски и теоретски основи. Тврдел дека неговиот систем не е само збир на вежби, туку метод кој бил развиван и рафиниран во текот на повеќе од осумдесет и пет години практикување и набљудување. Според оние кои го практикуваат овој метод, главната цел на пилатесот е да се обиде да создаде соединување на умот и телото, така што без да се вклучи умот, телото да се движи со ефикасност, грациозност и рамнотежа.
Дишење
уредиЈозеф Пилатес верувал дека со циркулацијата на крвта таа ги буди сите клетки во телото и ги отстранува отпадните материјали поврзани со заморот. За крвта правилно да ја изврши оваа функција таа мора да биде исполнета со кислород и прочистена од отпадни гасови со помош на правилното дишење. Според ова правило, ако го прекинете дишењето за време на вежбата, правите грешка во тренингот. Целосно и темелно вдишување и издишување е дел од секоја Пилатес вежба. Пилатес сметал дека насилното издишување е клучно за целосното вдишување. „Стиснете ги вашите бели дробови како да цедите мокра крпа,“ наводно велел тој. Пилатес дишењето треба да се прави со концентрација, контрола и прецизност. Правилното и делотворно дишење, не само што ги оксигенира мускулите тоа исто така ја намалува напнатоста на вратот и рамената, тврдат оние кои вежбаат според овој метод. Пилатес дишењето е опишано како задно странично дишење што значи дека на вежбачите им е наложено да дишат длабоко во задниот и страничните делови на градниот кош. Кога вежбачите издишуваат, наложено им е да водат сметка на внатрешните стомачни и мускулите на дијафрагмата и да ја одржат нивната работа додека издишуваат. Пилатес се обидува правилно да ја координира оваа рутина на дишење со движењето, вклучувајќи инструкции за дишење со секоја вежба. Јозеф Пилатес рекол, „Дури и ако не ги следите другите инструкции, научете да дишете правилно.“
Средиште
уредиГолемата група на мускули во средиштето на телото, тука вклучувајќи го абдоменот, долниот дел од грбот, колковите и задникот, Пилатес ја нарекува „извор на енергија.“ Сета енергија за Пилатес вежбите доаѓа од изворот и оди надвор кон екстремитетите. Со други зборови, техниката Пилатес наведува дека физичката енергија која произлегува од изворот треба да ги координира движењата на екстремитетите. Пилатес верувал дека е важно да се изгради силен генератор со цел да може да ни се подобри секојдневниот живот. Модерните инструктори изворот на енергија го нарекуваат „Јадро“.
Концентрација
уредиПилатесот бара интензивна концентрација. Почетниците учат да посветат посебно внимание на своите тела, почнувајќи од многу мали и деликатни суштински движења и контролирано движење. Во 2006 година Паркинсовиот Центар од Универзитетот за Здравје и Наука на Орегон од Портланд, Орегон, започна да го проучува факторот на концентрацијата во Пилатес методот за да овозможи олеснување на дегенеративните симптоми на паркинсоновата болест.
Контрола
уредиЈозеф Пилатес го засновал својот метод на идејата на контрола на мускулите. За него тоа значело дека не смее да има трапави, неконтролирани движења.
Прецизност
уредиПрактикувачите тврдат дека секое движење на пилатес методот има своја цел. Секоја инструкција се смета дека е од витално значење за успехот на целината. Се верува дека изоставувањето на дури и детаљ ја загрозува природната вредност на вежбата. Фокусот се става на правење едно прецизно и совршено движење наместо повеќе половични движења. Целта на оваа прецизност е таа да прерасне во навика и да ја применуваме во секојдневниот живот како грациозност и ефикасност на движењето.
Од квалификуваните Пилатес инструктори се очекува да ја разбираат доволно добро за да ја адаптираат кон реалните способности на нивните ученици. На пример, учениците со физички недостатоци треба да имаат посебен Пилатес режим кој ќе биде наменет да им помогне во подобрувањето на методите на физичко компензирање за нивниот недостаток.
Флуид или ефикасност на движењата
уредиДвижењата треба да бидат континуирани од вежба во вежба со употребата на соодветни транзиции. Откако ќе ја постигнете оваа прецизност, вежбите се наменети да течат од една во друга со цел да се изгради сила и издржливост.
Еластичност
уредиКонтролираните експерименти го поткрепуваат тврдењето дека пилатесот ја зголемува еластичноста.
Примена и справи
уредиОригиналниот репертоар на Пилатес се содржел од 34 вежби кои се изведуваат на подот врз простирка, но подоцна Јозеф Пилатес измислил неколку направи, секоја од нив со свој репертоар на вежби. Поголемиот дел од вежбите кои се вршат на справите на Пилатес е тренинг со отпор, кој користи пружини кои даваат дополнителен отпор. Употребата на пружини дава „постепен отпор“, што значи со ширењето на пружините отпорот се зголемува.
Во пилатесот се користат и доста додатоци како „Магичниот Круг“, кој е измислен од Јозеф Пилатес, мали тегови, големи топки за вежбање, ротирачки дискови и ленти со отпор. Сепак, некои членови на Пилатес заедницата, особено „Пилатес Метод Алијансата“, сметаат дека вежбите кои се вршат на справи кои не се дизајнирани од Јозеф Пилатес, не треба да се нарекуваат Пилатес.
Без разлика дали го користите дополнителниот отпор од пружините на справите на Пилатес или постојаниот отпор на гравитацијата, со Пилатес вежбите ја зголемувате силата, развивате правилно држење на телото и добивате поголема еластичност.
Мерки на претпазливост
уредиСе тврди дека Пилатес методот за време на бременост е од голема вредност и корисна форма на вежбање, но неговата употреба за време на бременост мора да биде под надзор и водство на експерт.
Правни дејства
уредиВо последните години терминот „Пилатес“ навлезе во комерцијалната употреба. По неуспешната тужба за интелектуална сопственост, федералниот суд на САД пресуди дека терминот „Пилатес“ е генерички и слободен за неограничена употреба. Како резултат на тоа, секое обучено или необучено лице може да понуди „Пилатес“ како јавна услуга. Според тоа, луѓето може да се соочат со конфликтни информации за тоа што навистина претставува Пилатес, како функционира, и каква лиценца да бараат од инструкторите.