Охридски топчест сунѓер

Ochridaspongia rotunda[1]
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Porifera
Класа: Demospongiae
Ред: Haplosclerida
Семејство: Malawispongiidae
Род: Ochridaspongia
Вид: O. rotunda
Научен назив
Ochridaspongia rotunda
(Arndt, 1937)

Охридскиот топчест сунѓер (Ochridaspongia rotunda) претставува една од најинтересните реликтни форми во езерото. Во Охридското Езеро живеат и други видови сунѓери кои се пораспространети. Меѓутоа, охридскиот тркалезен сунѓер научниците го споредуваат единствено со ендемските сунѓери во Тибериското Езеро на Блискиот Исток и во Бајкалското Езеро во Сибир. Заклучокот на научниците е дека охридските, бајкалските и тибериските сунѓери претставуваат многу стари остатоци од некогашниот жив свет од евроазиската област што се сочувале до денес, секој вид во своето езерско живеалиште.

Охридскиот сунѓер е еден од најинтересните облици на сублиторалната зона, и не само поради тоа што е прастар облик кој потсетува на морски еж без боцки, туку тој целосно се разликува од другите сунѓери во Охридското Езеро кои се исклучиво ограничени на литоралната зона.[2]

Опис

уреди

Охридскиот сунѓер е со крупни димензии, со пречник во основата од 13 см. Овој сунѓер живее прицврстен на празни черупки на школка или на некое покрупно камче. Самиот топчест облик покажува дека животното живее под услови на релативно мирна вода, во која брановите и движењата воопшто не се чувствуваат. На слободниот крај на сунѓерот се наоѓа голема вдлабнатина чија внатрешна површина содржи многу отвори што водат до внатрешниот систем од каналчиња и коморчиња, низ кои циркулира водата носејќи со себе хранливи материи. Бојата на сунѓерот е жолтеникаво-белузлава со кадифест изглед на површината.[2]

Живеалиште

уреди

Охридскиот сунѓер слегува до длабинската зона, до 120 м. Неговата популација е најгуста во черупките на литоралот каде што наоѓа цврста основа на која ларвата може да се прицврсти и понатака да расте и да се развива. Се наоѓале ембриони и ларви од охридскиот сунѓер во текот на цела година, бидејќи не формира гемули, па затоа, забележано било дека тој има ембрионален развој преку целата година.[2]

Значење

уреди

Охридскиот сунѓер служи како засолниште на амфиподното ракче Gammarus ochridensis кое живее во вдлабнатината нателото на сунѓерот. Исто така, со сунѓерот во иста поблиска заедница живее и друг вид ситно ракче,Ochridacyclops arndti , кое живее во заедница и со други сунѓери што ја населуваат плитката литорална зона.[2]

Наводи

уреди
  1. „Ochridaspongia rotunda“. World Register of Marine Species. Посетено на 18 September 2012.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Станковиќ С.( 1959), Охридско Езеро и неговиот жив свет, „Култура“, Скопје