Преподобен Мојсеј Мурин бил родум од Египет, а по професија прво бил разбојник и водач на разбојничка дружина, а потоа бил покајник и голем подвижник.

Мојсеј Мурин
Фреска на Св. Мојсеј Мурин од манастирот „Св. Никола“ во с. Манастир, Мариово
Роден(а) 330, Египет
Починал(а) 405, Скит, Египет
Слава

Живот

уреди

Како роб на некој господар, Мојсеј побегнал и станал разбојник. Поради неговата голема телесна снага и безобзирноста, разбојниците го избрале за свој старешина. Одеднаш на него наишла грижа на совеста и покајание за неделата што ги извршил, ја оставил дружината, стапил во некој манастир и се предал потполно на послушност на својот духовник и на манастирскиот ред. Многу се користел со поуките на светите Макариј, на Арсениј и на Исидор. Подоцна се повлекол на безмолвие во една келија, каде што целиот се предал на телесен труд, молитва, бдеење и богомислие. Мачен од демонот на блудот, тој се исповедал кај духовникот Исидор и од него добил совет да пости што повеќе и да не јаде до ситост. Но кога и тоа не помогнало, тој по совет на старецот, почнал ноќе да бдее и да се моли стоејќи; потоа, вообичаено, почнал по цела ноќ да им носи вода на старците од оддалечен бунар. По шестгодишен огромен труд, најпосле св. Исидор чудотворно го исцелил од блудните помисли, фантазии и соништа наведувани на него од демонот. Во староста бил ракоположен за свештеник. Основал свој манастир и имал 75 ученици, а поживеал во овој живот 75 години. Ја провидел својата смрт и еден ден им рекол на своите ученици да бегаат, бидејќи варвари ќе удрат на манастирот. Кога учениците и него го викале да бега, тој рекол дека треба да погине од насилие, зашто и самиот некогаш правел насилие, според зборовите: сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат (Мат.26:52). Па останал со 6 собраќа; варварите дошле и ги убиле. Еден од браќата бил скриен во близина и гледал, и видел 7 светли венци како се спуштиле на седумте маченици.