Ма’ат или Мает, се претпоставува дека се изговарало Мух-ахт, претставувал древен египетски концепт за вистината, поредокот - закон, моралност и правда - што бил обоготворен како божица. При создавањето откако Маат воспоставила ред во универзумот од хаосот, таа била задолжена за регулирање на ѕвездите, годишните времиња и дејствата на смртниците и боговите. Нејзин машки пандан бил богот Тот и нивните атрибути се исти. Така Маат, како и Тот, го претставувала Логосот на Платон. По издигнувањето на Ра, двете божества се насликани како го водат заедно неговиот брод, секој на посебна страна.

Покрај нејзината улога во создавањето и постојаното спречување на универзумот да не се врати во хаос, нејзина примарна улога во египетската митологија е поврзана со мерењето на душите кое се случувало во подземниот свет Дуат. Нејзиниот пердув бил средство со кое се проценувало дали во задгробниот живот душите на покојните (кои се смета дека се наоѓале во срцето) ќе стигнат успешно во рајот.

Маат како божица

уреди

Божицата Маат е персонификација на физичкиот и моралниот закон, поредок, ред и вистина; претставена е како жена кој седи или стои, држи скептар во едната рака и анк во другата. Понекогаш е насликана со крилја на двете раце или како жена со перо од ној на нејзината глава. Бидејќи фараонот имал должност да го осигура мирот и правдата, тој честопати бил нарекуван Мери-Маат (возљубениот на Маат). Со појавата на верувањата за Тот во Египетскиот пантеон и нивната замена на постарите верувања од Хермополис за Огдоадата, почнува да се тврди дека Маат е мајка на Огдоадата, а дека таткото е Тот.

Во Дуат (Дуант) египетскиот подземен свет, срцето на умрените било мерено со нејзиниот единствен пердув од богот Шу и на тој начин симболично се претставувал концептот за Маат во Халата на Двете Вистини. Срцето кое не било достојно било проголтувано од божицата Амит, а неговиот сопственик бил осуден да остане во Дуат. Оние луѓе кои имале добри и чисти срца биле испраќани во Аару. Озирис се јавува како чувар на вратите од Аару, откако станал дел од Египетскиот пантеон и го заменил Анубис од традицијата на Огдоадата.

Мерењето на срцето, насликано на папирус (во Книгата на Мртвите што е типична за сцените од гробовите) го прикажува Анубис како го надгледува мерењето, а пак божицата Амит, претставена како лавица, седи и го чека резултатот за да ги проголта оние кои имале неправедни срца. На сликите е прикажано срцето на едниот тас, а пердувот од Шу на другиот тас од вагата. Други традиции, пак, сметаат дека Анубис ја носел душата пред посмртниот Озирис, кој го изведувал мерењето.

Во египетската уметност, обично Маат била насликана како жена со раширени крилја и закривено перо од ној на нејзината глава. Овие слики се појавуваат на некои саркофази како симбол за заштита на душите од умрените. Египќаните верувале дека без Маат ќе имало само почетен хаос и крај на светот. Секој фараон морал да примени праведен закон, следејќи ги принципите на Маат.

Нејзиното име значи: „праведност“, „верност“, „вистина“, „правично“, „постојано“, „непроменливо“ и слично. Таа била претставена како жена на која на рацете и' е нанижена низа од големи пердуви, кои формираат големи крилја.

Поврзано

уреди
  • Маат — планина на Венера наречена по божицата

Наводи

уреди
  • Египетска религија - египетската идеја за задгробниот живот - Е. А. Волис Баџ