Корисник:Partik1/Тешкото – Блаже Конески

ТЕШКОТО О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат, штом тапан ќе грмне со подземен екот - во градиве зошто жал лута ме стиска, во очиве зошто навирува река и зошто ми иде да плачам ко дете, да превијам раце, да прекријам лик - та гризам јас усни, стегам срце клето, да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве, на чело им мисла, во очи им влага и првиот чекор по меката трева е мирен и бавен, со задржана тага. Но 'рзнува тапан и писок се крева и молнија светнува во секој глед, и напред се пушта, се стрелка, се слева стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум; не издржа срце - сив сокол во клетка, не издржа пламен жив потулен во око, не издржа младост што сака да летне! Се залула оро! Се заврте земја, и чиниш - се корне стресениот век, и околу трпнат ридиштата темни и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро со исконска сила за земјава наша и во него шуми на реките зборот, и во него рика див ветер и страшен и во него шепнат узреани житја и вечерен мирис се разлева тих, и земјата дише во пролетна ситост со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен во тешково оро се уткала сета - век по век што трупал сè попуст и мрачен од крвава болка, од робија клета, век по век што нижел од корава мисла за радосна челад, за слободен свет, од песна - за љубов што гине со пискот ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам, на очиве магла ми напаѓа сура, и одеднаш - в бескрај се растега редот и ридја се губат в пустелија штура - и еве кај иде од маглата матна сè сенка до сенка, сè еден до друг - во бескрајно оро син оди по татка, по деда си - внук.

Времињата мрачни се нивното поле, и нивната свирка - на прангите ѕвекот, а главите им се наведени доле, и покроце врват - сè чекор по чекор. О времиња, што ве в мрак родот мој минал, кој збор ќе ми најде за вашата стрв? Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани, на пламнати ноќи, на пеплишта пусти, кој на срце болки ќе изреди збрани, и на очи солзи, и клетви на усти? О тешкото! Синџир ти беше на робја, од калеши моми и невести ред. со врзани раце во плен што ги погнал насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја, дур не стана народ во листена гора, сè дури со јадот од векови собран не поведе бујно, бунтовничко оро! се залула танец низ крвје и огон, и повик се зачу и грмеж во чад - те разнесе сегде бунтовната нога по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села во слобода првпат штом оро ќе сретнам, зар чудно е - солза да потече врела, зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?! Од вековно ропство, мој народе, идеш но носиш ти в срце дар златен и пој. Пченицата твоја триж плодна ќе биде, И животот твој!

Повод да ја напише песната „Тешкото“, една од најубавите песни на Б.Конески , а секако и воопшто напишани на македонски јазик, му дало орото „Тешкото“, што поетот за прв пат видел како се игра во Прилеп 1942г. без музика, (според сведоштво на самиот автор). Песната ја напишал 1946, а ја објавил 1948. во збирката песни „Земјата и љубовта“. Орото „Тешкото“ го играле печалбарите од мијачкиот крај, во мигови на разделба со своите најблиски, или за Петровден, кога се враќале во родниот крај заради свадбите на своите блиски роднини. Ниедно друго оро од нашата богата фолклорна ризница, не го отсликува така мачното минато, длабоката тага и копнежот за слобода на Македонците. Осумдесетте стихови од песната „Тешкото“ се распоредени во десет строфи, а секоја од строфите има по осум стиха. Сите стихови имаат по дванаесет слога, освен завршниот (осмиот) стих од секоја строфа, кој има пет слога. Сите стихови се римувани, а римата е вкрстена (првиот со третиот, вториот со четвртиот стих). Песната има строг ритам, кој и’ дава посебен белег, а застапен е амфибрахот (трисложна ритмичка целина, кај која акцентот паѓа на вториот слог). (О – теш-ко)-(то!- Зур-ли)- (штом –ди-во)- (ќе –пис-нат), / 12 (Штом – та-пан) -( ќе – грм-не) –(со – под-зе)-(мен – е-кот),/12 (Во- гра-ди)-(ве –зош-то) –(жал –лу-та) –(ме –стис-ка),/12 (Во –о-чи)-(ве—зо-што)—(на-ви-ру)-(ва –ре-ка)... /12 (- / - ) (- / - ) (- / - ) (- / - ) Вака би изгледал шематскиот приказ на четирите трисложни ритмички целини од секој стих, при што ненагласените слогови би ги бележеле со цртичка (-), а нагласените (акцентираните) со коса црта (/). И овде исклучок прават последните (осмите) стихови од строфите, кај кои среќаваме амфибрах и јамб: (да - не - пу)-( шти - вик). /5 или: ( стег-на-ти)-(от - ред), а шематски вака би изгледало: (- / -) (- /) Песната започнува со апострофа, со болниот крик на поетот : О тешкото!... и бурата од емоции што кај него ги предизвикуваат писокот на зурлите и ритамот на тапанот, кој „грмнува со подземен екот“.Поетот, во градите чувствува како „жал лута“ го „стиска“, а во очите му „навирува река“, а тој се обидува да ги сокрие солзите, превземајќи низа активности, кои ги реди без употреба на сврзници, при што употребил асиндет:

„...да превијам раце, да прекријам лик -
    та гризам јас усни, стегам срце клето,
    да не пушти вик.“

Во наредните две строфи, поетот го слика орото следејќи го ритамот на тапанот. На чело на орото се фаќаат старците, со замислен поглед, достоинствени, воздржани, загрижени и со „влага“ во очите, а „ првиот чекор по меката трева / е мирен и бавен, со задржана тага...“ Но, кога „ ’рзнува“ тапанот, во нивниот поглед светнува „молнија“ и „ напред се пушта, се стрелка, се слева стегнатиот ред...“ Како се забрзува ритамот на тапанот,„ До старците момци се фаќаат скокум;“ Тие се млади , полетни , полни со енергија... со себе носат нови идеи и бунтовни мисли. Користејќи се со анафора, Конески ја прикажува нестрпливоста, енергичноста и непомирливоста на младите: не издржа срце - сив сокол во клетка,

                         не издржа пламен жив потулен во око,
                         не издржа младост што сака да летне!

За поврзаноста на орото со „ земјава наша“ , поетот говори во четвртата строфа. Во него, со „исконска сила“ се вткаени „ на реките зборот“, завивањето на ветерот,шепотот на зрелите житjа и мирисот на летните вечери. Поетот користејќи полисиндет, а во првите три стиха и анафора, ја зголемува напнатоста во песната : „и во него шуми на реките зборот,

                                  и во него рика див ветер и страшен
                                  и во него шепнат узреани житја
                                  и вечерен мирис се разлева тих,
                                  и земјата дише во пролетна ситост
                                  со запален здив.“

Во орото „Тешкото“ е вткаена „душата“ на народот... за тоа поетот говори во петтата строфа. Болката од вековните ропства е испреплетена со мечтите за „радосна челад, за слободен свет“.

Во стиховите од наредните три строфи,поетот пее за симболиката на орото.  Гледајќи ги фатени еден до друг таткото и синот, до дедото внукот, со наведени глави, пред неговите очи од „маглата матна“ испливува синџир од робје, чија свирка е „на прангите ѕвекот“. Поетот го обзема огромна тага, преживувајќи ги сликите од вековното ропство, па поставува реторски прашања:
„кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
 Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
 над пустош и крв?! 
 Кој број ќе ми каже на лутите рани,
 на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
 кој на срце болки ќе изреди збрани,
 и на очи солзи, и клетви на усти?“

Осмата строфа,поетот ја завршува со констатација дека орото е синџир од робја од „калеши моми и невести ред“, што ги грабнал „насилникот клет“.

Орото е „синџир од робја“, се ’ дури народот не излегол во „листена гора“, па со „ јадот од векови собран“, поведува борба за конечна слобода . Орото во деветата строфа се претвара во „бујно, бунтовничко оро“, кое се лула „низ крвје и оган“. Во последната строфа, Конески се пренесува во сегашноста. Кога по нашите села, во слобода повторно ќе го види орото, тој чувствува „жалба“ и не е чудно „солза да потече врела“. Во последните стихови, поетот Конески му се обраќа на својот народ и му предвидува светла иднина:

„Од вековно ропство, мој народе, идеш
 но носиш ти в срце дар златен и пој.
 Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
 И животот твој! “