Корисник:89.205.17.160/Славе Николовски Катин


СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН е роден на 19 август 1941 година во Долна Преспа, во куќа која во тој период ја заплискувале брановите на Преспанското Езеро, во непосредна близина на старата населба Наколец. Тој е роден точно на почетокот на Втората светска војна, кога Хитлеровска Германија, опијанета од идеологијата на фашизмот, се крена против целиот свет, верувајќи дека има сили да завладее со него. Во големата светска катаклизма, во семејството на Сандра и Ристо Николовски (Барџевски) се родил синот Славе кој ќе ја продолжи семејната лоза. И не само тоа, тие како да претчувствувале дека нивното прво и единствено чедо, ќе стане познато и признато име, не само во Преспа, туку и во Македонија и надвор од неа ширум светот.

Во неговата биографија е забележано дека извесен период по неговото раѓање, семјеството се преселува во Љубојно, од каде е неговата мајка Сандра (од семејството Грежловци). Таму Славе го минува поголемиот дел од детството, од младоста, а се навраќа во него скоро цел живот. Таму од мали ноѕе го почувствувал тешкиот печалбарски живот на луѓето од Преспа, особено преку печалбарската сага на дедо му Алексо (Алек) Ристов - Грежлов. Основното и осумгодишното училиште (со мала матура) го завршува во Љубојно, а геодетскиот отсек на Средното техничкото училиште во Скопје. Студирал геодезија во Белград, а дипломирал на катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Во брак е со Нада Николовска, родена Иванова, во Винива во 1949 година. Таа е советник и инспектор по македонски јазик во Бирото за развој на образованието при Министерството за образование на Република Македонија. Нада Николовска - Катин е автор на дваесетина учебници идруга литература и на повеќе од дваесет дидактицки дела по македонски јазик кои значат голем придонес во наставниот процес во училиштата во Македонија. Нејзините дела, во исто време се и афирматори и бранители на македонскиот јазик и литература во земјата и светот. Нада и Славе Катин имаат две деца: Синот Александар, роден во Скопје во 1974 година, доктор по ветеринарна медицина - ДВМ и ќерката Дафинка, родена во Штип во 1975, профессор по англиски,шпански и македонски јазик. Александар е женет со Радмила Николовска, родена Чрчева, во Гостивар во 1974 година, магистер по ветеринарни науки. Тие имаат две ќерки, Сандра Николовска - Катин, родена во Скопје во 2003 година, која го носи името на покојната мајка на Славе Катин, На нејзиот шести роденден Катин објави пригодна монографија со цртежи што таа ги направи во градинката и фотографии од нејзиното предшколско детство. Втората ќерка Костадина (Дина) Николовска - Катин, е родена во Скопје во 2006 година. Дафинка, пак, е мажена за Џампаоло Скатоца познат како Џипи (Giampaolo Scatozza - Jippi) роден во Рим, Италија. Тој завршил Музичка академија во Рим и сега е џез музичар, (бубневи) и профессор по музика, со кого има една ќерка Изабел (Isabel) Катин – Скатоца родена во Торонто во 2006 година и синот Масимо (Massimo) Катин - Скатоца, роден во Торонто во 2007 година.

По завршувањето на средното образование, неколку години работи како геометар во Собранието на Општината Ресен. Како студент на Техничкиот факултет заминува за Канада, каде останува четири години. Во Торонто се школува на специјализираниот Институт за англиски јазик и литература. Извесен период работи како геодет, а пројавува активност и во македонската колонија во Торонто. Еден мандат, во 1978 година, бил генерален секретар на Црковната управа на Македонската православна соборна црква “Свети Климент Охридски” во овој град. Паралелно се занимавал со новинарство, активно соработувајќи со списанието “Духовна искра” од Торонто, но и со други печатени и електронски македонски медиуми во Канада.

По дипломирањето на Филолошкиот факултет, односно по враќањето од Канада, Катин четири години работи како координатор и стручен преведувач во Хидробиолошкиот завод во Охрид, во периодот на истражувањето на Охридското Езеро, утврдено со Договорот помеѓу Заводот и Смитсоновата фондација од Вашингтон. Во овој период, интензивно работи на повеќе преводи од научен и стручен карактер, од македонски на англиски јазик и обратно, за потребите на Заводот, но и на низа преводи на англиски јазик на научни трудови објавувани во земјата и странство.

Од 1979 до 1984 година, Катин е во Матицата на иселениците од Македонија, каде ја води Информативната служба и работи како преведувач и новинар во списанието “Македонија”. Од 1984 до 1990 година се наоѓа во Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (РК ССРНМ), каде го уредува “Информативниот преглед” и други информативни публикации на оваа општествена организација. Воедно, од Претседателството на РК на ССРНМ е именуван за раководител на Службата за информирање, за секретар на Комисијата на РК ССРНМ за меѓунационални односи и на Одборот за остварување на улогата на ССРНМ во сферата на религијата и верските заедници. Од 1991 до 1998 година Катин (именуван од Собранието на Република Македонија, како самостојна и независна држава) ја врши функцијата потпретседател на Републичката комисија за односи со верските заедници. Во 1999 година повторно се враќа во Матицата на иселениците од Македонија, сега веќе трансформирана во Министерство за иселеништво, кое, по една реконструкција на Владата, е рангирано во Агенција за иселеништво. Со цел поангажирано да се посвети на иселеништвото, во 2001 година, Катин ја напушта Агенцијата и заминува во предвремена пензија. Меѓутоа, во овие десетина години по пензионирањето, тој е активен во издавачката дејност. Како главен и одговорен уредник на една од престичните издавачкати куќи – Книгоиздателството “Македонска искра” од Скопје, тој постигнал видни резултати во издаваштвото, особено во учебникарството. Славе Катин уредил и објавил неколку стотини наслови од кои најголем број учебници и дидактичка литература, кои значат голем прилог и придонес во образовните процеси во Република Македонија и за учениците во дијаспората, а кои се одобрени од Министерството за образование и наука на Република Македонија, броини дела на македонски иселеници, асоцијации и организации во Канада, САД, Автралија и Европската Унија, потоа, книги на бројни познати и непознати автори од Македонија, како и дела од творештво на Славе Катин.

Како функционер на Владата на Република Македонија, Славе Катин бил на посети и разговори кај поглаварите на Румунската, Украинската, Руската и Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбил и Ватикан во Рим. Исто така, бил и во делегацијата на Владата на Република Македонија за погребот на Мајка Тереза во Калкута, Индија.

Во неговиот творечки опус од над четириесет дела, посебно внимание заслужуваат книгите: Македонците во САД и Канада (на македонски и англиски), Македонските православни цркви во Австралија, Канада и САД; Илинден 1903-2003 и македонските иселеници; Македонски холокауст; Македонскиот иселенички печат;, како и делата Придонесот на Македонија во светската цивилизација; Од Панонија до Егеј, Во чест на св. Кирил и Методиј и Ореолот на Дева Марија и Св. Богородица Сливничка во Преспа, (во коавсторство со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ). Славе Катин е исто така автор на делото за големиот македонски донатор од дијаспората, Петар Стаматов, кој ги следеше донаторките патеки на Атанас Близнаков, како и монографиите: Андреа Бранов од Мелбурн, Семејството Јановски од Торонто, Светле (Стив) Стамевски од Детроит, Георги Томов од Њујорк, Бошко Рајчовски-Пелистерски од Флорида и Митрополитот Кирил (на македонски и англиски). Тој е исто така познат со лексикографските изданија: Англиско-македонски лимнолошки лексикон, речниците за деца: Ајде да учиме македонски, англиски француски, германски, турски, албански, влашки и ромски, како и со преводот на романот Александар Македонски (од англиски на македонски) од Урлих Вилкен.

Во текот на неговата работа и творечка дејност објавил над четириесет публикации, лексикографски изданија, преводи од македонски на англиски јазик и обратно. Исто така, автор е на над илјада објавени публицистички и други единици од науката, фељтони, репортажи, осврти, портрети, преводи од литературата, јазикот религијата и културата на англиски и на македонски јазик, како и на друг вид текстови и материјали што се објавени во земјата и во светот.

Славе Николовски – Катин беше акредитиран новинар од Македонија за ,,Австралиско-македонски неделник” од Мелбурн во период од три години. Поголемиот број од неговиот опус на материјалите се однесува и е сврзан со активностит еи животот на македонските православни црковни општини во Австралија, Канада, САД и Европа, како и на македонските иселеници во прекуокеанските и европските земји, а 50-тина преводи од македонски на англиски во рубриката ,,Од месец до месец” во списанието ,,Македонија” се однесуваат на културно-политичкиот и општествениот живот во Република Македонија.

Има учествувано на 50-тина симпозиуми, трибини, конференции и друг вид сесии во земјата и во светот на кои има презентирано, главно, реферати што се однесуваат на културата, литературата, јазикот и религијата, како и на информативната и друга дејност на македонските иселеници во прекуокеанските и во западноевропските земји.

Како активен новинар беше избран за секретар на Здружението на новинарите на Македонија, на која должност остана пет години. Потоа беше член на Претседателството и на Комисијата за меѓународна соработка на Здружението. Беше член и на Советот на Центарот за странски јазици во Скопје, на Издавачкиот совет на ,,Меѓународна политика” од Белград и член на ,,Друштвото на литературните преведувачи на Македонија”. Два мандата беше потпретседател, како и член на Друштвото за литература и култура Македонија-Канада, потоа бил почесен член на Здружението за примена на македонскиот јазик во службената и во јавната комуникација; потпретседател и доживотен член на Одборот на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф” при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”. Бил член на Меѓународната академија за слобода на религијата во Вашингтон, САД, на Литературното друштво “Браќа Миладиновци” од Торонто, Канада и член на Друштвото за наука и уметност од Битола, Република Македонија.

Во еден подолг период Катин го свртува вниманието на себе со својата динамична информативна и публицистичка дејност поврзана со овој корпус, поради што е централна фигура во односите меѓу црквата и државта, од една, и односите на државата, црквата и дијаспората, од друга страна. Ваквата негова позиција му овозможи номинација во разни друштва, здруженија и организации во Републиката и пошироко. Исто така, забележително е неговото учество на бројни симпозиуми, трибини и семинари во земјата и странство, на барање од нивните организатори кои ги ценат и почитуваат неговите погледи по низа прашања од сферите во кои дејствуваат. На овој план, Катин оствари исклучително богата и динамична комуникација со бројни субјекти во државата и светот. Тоа му овозможи да навлезе во суштината на проблемите со кои беа преокупирани Македонците во дијаспората, но и државните структури во земјата, кои во разни периоди имаа различни погледи кон иселеништвото, што е и причина за отсуството на една конзистентна држвна стратегија кон нив.

Свесен за тој факт, Катин настојува да ја пополни таа празнина, да го надомести тој вакум со предлози и сугестии, но и со конкретни практични чекори да воспостави извесен баланс во односите на државата со раселените Македонци, со што започна да го гради големиот (златен) мост на нивното поврзување со Татковината, како самостојна и независна држава. Но, и нивното меѓусебно запознавање и зближување, независно од оддалеченоста на нивните дестинации. Меѓутоа, неговиот придонес не запира тука. Катин е свесен дека на Македонија може да и се помогне најмногу ако во неа се инвестира во реализацијата на низа проекти од значење за нејзиниот побрз развој, односно ако за тоа се заинтересираат и самите тие во дијаспората, како успешни бизнисмени.

Широката палета на Катин за остварување на стратегиските цели на овој план, опфаќа бројни зафати, дел од кои веќе функционираат. Освен неговите релативно чести посети на трите континенти и личните средби со иселениците, преку монографските изданија за најуспешните од нив, Катин се обидува интересот за соработката со дијаспората да го пробуди и кај луѓето во државниот врв на земјата.

Ефектите од ваквите посети на угледни Македонци од дијаспората на својата Татковина, допрва ќе се почувствуваат, како што ќе се почувствува и придонесот на Катин на овој план. Историската димензија на неговиот национален проект поврзан со иселеништвото, објективно го афирмира во уникатен лидер на едно светско семакедонско движење за промоција на Македонија, не само како колевка на една стара цивилизација, туку и како држава која придонесува развиениот свет сè повеќе да ја чувствува и во сопствениот развој.

Славе Катин, во период од триесетина години објавил над 1.000 текстови , главно, за Македонија, за иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литературата и други области во информативни гласила во Република Македонија и странство и тоа во: “Нова Македонија”, “Вечер”, “ списанијата “Македонија”, Македонска ревија”, “Литературен збор”, “Културен зивот”, “Студентски збор” “Лик”, “ Весник на МПЦ”, “Трудбеник”, “Бирлик”, “Климентов збор”. “Духовна искра”, “Обединети Македонци”, “Македонија”, “Искра”, “Повод”, “Австралиско-македонски неделник”, “Македонска искра”, “Македонски весник, “Македонски иселенички алманах” и други гласила во Македонија и странство.

Славе Катин е добитник на голем број награди и признанија од бројни организации, друштва, установи, цркви и црковни општини во Република Македонија и во странство. Тој е е исто така добитник на најпрестижната награда Крсте П. Мисирков на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката.

Борче Наумовски, поранешен министер за култура