Илинденка (едрилица)
Илинденка — македонска едноседа високоспособна натпреварувачка едрилица од 1955 г. Ѝ припаѓа на класата Стандард 15 м, од дрвена конструкција. Проектирана е од страна на инженерот Милош Илиќ а производството се одвивало исклучиво во фабриката за производство на воздухоплови „20. Мај“ во Скопје. Главен иницијатор за проектирањето и изградбата на оваа едрилица, како и основач на ова претпријатие е доајенот и основоположник на македонското цивилно воздухопловство Љубомир Тевчев, и се наоѓало во близина на денешното средно училиште „Јосип Броз - Тито“ во Скопје. Оваа е првиот воздухоплов кој се произведувал исклучиво во Македонија.
Проектирање и развој
уредиСпоред изјавите на реномираниот македонски пилот и хроничар на македонското воздухопловство Ѓорѓи Чачкиров: „Главен иницијатор за проектирањето и изградбата на оваа едрилица, како и основач на за производство на воздухоплови „20. Мај“ во Скопје е доајенот и основоположник на македонското цивилно воздухопловство Љубомир Тевчев, и се наоѓало во близина на денешното средно училиште „Јосип Броз - Тито“ во Скопје. Покрај „Илинденката“, во оваа фабрика за воздухоплови се произведувале и едрилиците од типот „Чавка“ и „Врабац А“.“
На просторот на СФР Југославија веќе биле изградени едрилици од отворена класа како „Орао 1“, „Орао 2Ц“, „Метеор“, веќе докажани на врвни светски натпревари и биле врв на технологијата. Она што недостасувало била конструкција и градба на едрилици од стандардна класа. Кон крајот на 1954 година, кај Љубомир Тевчев се создала желба за изградба на врвна едрилица која ќе биде белег на Македонија. За тоа била потребна квалитетна работилница, па таа задача му била доделена на претпријатието за производство на воздухоплови „20 Мај“ во Скопје (подоцна претструктуирано и преименувано во „Алумина“). Љубомир Тевчев побарал помош од тогаш познатиот конструктор на едрилици Милош Илиќ кој е конструктор и на едрилицата „Кошава“, да конструира едрилица според насоките кои тој ќе му ги даде. Илиќ ги употребил сите свои знаења и умеења, но и искуства од градбата на претходните едрилици.
„На почетокот на 1955 година, на бирото на Тевчев во претпријатието „20. Мај“ стоеле цртежите од проектот за новата едрилица. Проектот бил тука, еланот кај вработените веќе бил кренат на високо ниво, а со колективна согласност на едрилицата ѝ е дадено името Илинденка. Вработените, кои сите биле и воздухопловни ентузијасти, до почетокот на мај 1955 го завршиле прототипот на „Илинденката“, првата македонска едрилица.“ - вели реномираниот македонски пилот и хроничар на македонското воздухопловство Ѓорѓи Чачкиров.
Верзии на едрилицата
уреди- Илинденка 1 — прототипска верзија
- Илинденка 1Т — подобрена верзија
- Илинденка 2
Конструкција и изработка
уредиКрилата на „Илинденката“ имаат класична дрвена конструкција со два профили Gö-549 и Cagi–731 M, со графичка или аналитичка интерполација. На овој начин се употребиле на два сосем различни аеропрофили на едно крило. Напред првата третина се состоела од торзиона кутија изработена од ребра, поврзани со квалитетна едноделна ламинирана обвивка со трослоен авиошпер што продолжуваат со ребра до излезниот раб, олеснети и работени рачно за левото и десното крило поединечно. Задниот дел бил обвиткан со памучно платно лепено со квалитетно двокомпонентно лепило Резерцин. На истиот начин, со мали измени, биле изработени хоризонталниот и вертикалниот стабилизатор.
Трупот исто така бил со класична конструкција за високоспособни едрилици - дрвени олеснети ребра во елиптичен облик и поврзани со раменици. Целата конструкција беше обвиткана со авиошпер. Сите површини биле лакирани и обоени со нитро лак и нитро боја.
Особености
уредиОдликите наведене на долната табела се однесуваат на едрилицата „Илинденка“ според Хрватската техничка енциклопедија 1963-97 од Академијата на Технички Науки во Хрватска:[1]
Назив | „Илинденка“ |
Производител | „20. Мај“ - Скопје |
Конструктор | Милош Илиќ |
Држава | НР Македонија |
Распон на крилата | 15,00 м |
Должина | 7,03 м |
Површина на крилата | 12,34 м2 |
Издолжување | 17,09 |
Маса на празна едрилица | 235 кг |
Маса на едрилицата во лет | 355 кг |
Оптоварување на крилата | 28,3 кг/м2 |
Финеса | 1:31,4 |
Брзина при оптимална финеса | 79 км/ч |
Минимална брзина на пропаѓање | 0,66 км/ч |
Брзина при минимално пропаѓање | 73 км/ч |
Профил на крилото во коренот | Gö 549 |
Профил на крилото на крајот | CAGI 731 |
Број на седишта | 1 |
Материјал | дрво |
Година на изработка | 1955 |
Пробен лет
уредиПробниот лет се реализирал на некогашниот аеродром во Скопје во денешната населба Аеродром. На пробниот лет присуствувала и тричлена комисија на тогашната Сојузна управа за цивилна воздушна пловидба на СФР Југославија. По пробниот лет „Илинденката“ веднаш добила сертификат за пловидбеност и сопствена регистрација. По ова е направена пробна серија од два примерока на „Илинденка Т1“ а потоа започнало и сериско производство.
Производство
уредиСериското призводство кое, во првиот период, било со уште две едрилици. Вака изградените едрилици биле испраќани ширум СФР Југославија, но се разбира, први ја пробале македонските едриличари. Вкупно биле изработени 6 едрилици од типот „Илинденка“ од кои 2 останаале во тогашниот Сојузен Воздухопловно-технички Центар во Вршац за учество на меѓународни натпревари. Тие два примерока денес се наоѓаат во Музејот на воздухопловството во Белград. Едната е реставрирана а обете се во депоата на музејот.
Оперативно користење
уредиПилотите кои летале со оваа едрилица биле Славко Димитровски, Славејко Славејков, Илија Обочки, Ѓорги Тосков-Жоро и др. Оваа едрилица бргу ја стекнувала својата слава во сите аероклубови во СФРЈ Југославија. „Многу тогашни едриличари од југословенските простори во суперлатив говореле за перформансите на македонската едрилица.“ се зборовите на Ѓорѓи Чачкиров.
Оваа едрилица за првпат била промовирана на европското првенство во Полска во 1956 година. Врз основа на сите постигнати резултати, изработен е и нов прототип, за подоцна да се изработи и нова едрилица „Илинденка 1Т“, која била посебно изработувана за учество на Светското едриличарско првенство, одржано во Полска во 1958 година. На ова првенство едрилицата се пласирала на високото VIII место во класата на стандардни едрилици. Од Македонија, на првенството присуствувал познатиот пилот и наставник Илија Обочки. Една „Илинденка“ со пилотите Василије Степановиќ и Звонимир Раин учествувала на светското едриличарско првенство во Велика Британија во 1958 година.
Сочувани примерoци
уредиПоследните две сочувани „Илинденки“ денес се наоѓаат во депото на Музејот на воздухопловството во Белград на аеродромот „Никола Тесла“. Тоа се примероци од Илинденка 1Т со регистарски YU 4108 и сериски број 3005 и YU 4109 со сериски број 3006 и за жал не се достапни на јавноста. Според одредени извори, еден примерок од Илинденката е во Словенија и е потполно реставриран и доведен во летачка состојба и сè уште лета под регистарскиот број S5-1112.[2][3] Во рамките на настанот за прослава на јубилејот 100 години авијација во Македонија и основање на Аероклубот „Скопје“, на 16. Септември 2023 година, специјално беше донесен еден примерок на „Илинденка“ 1Т со регистарски ознаки YU-4109 специјално беше донесена од Белград и изложена на јавноста во хангарот на Аероклубот „Скопје“ на Аеродромот Стенковец.
Земји во кои се користела оваа едрилица
уредиПоврзано
уредиНаводи
уредиЛитература
уреди- Јанић, Чедомир; Петровић Огњан (2011). Кратка историја ваздухопловства у Србији (српски). Београд: Аерокомуникације. ISBN 978-86-913973-1-9.
- Janić, Čedomir; Petrović Ognjan (2011). The Century of Sport Aviation in Serbia (англиски). Београд: Aerokomunikacije.
Надворешни врски
уреди- Д. Чубриќ: „„Илинденка“ е првата македонска едрилица, изградена пред 65 години во фабриката за воздухоплови во Скопје“-
- Д. Чубриќ: „Пилотот Ѓорѓи Чачкиров ќе ја враќа од Белград првата македонска едрилица „Илинденка“-
- Воздухопловна федерација на Македонија- Архивирано на 23 октомври 2019 г.
- Перица Поповски, Гоце Поповски: „Илинденка - прва македонска едрилица со високи способности“-
- Перица Поповски, Гоце Поповски: „Едрилици со кои се леташе во Македонија: Илинденка“-
- Фотографии од Илинденката-
- Македонска Авијација Форум: Најдобра едрилица?-
- -jedrilica zračna-
- › files -Seznam tipov "Annex I" zrakoplovov odobrenih za letenje v Republiki Sloveniji-
- -Аеро Клуб Сомбор- Архивирано на 29 октомври 2019 г.