Д Хип (The Hip) е формиран во јануари 1993 година, во Куманово, и е еден од најзначајните кумановски рок бендови од деведесеттите години. Првата постава ја сочинувале Александар Лазаревски-Сале на гитара, Бојан Зељковиќ на бас и Владимир Симоновски на тапани. И како четврт, неформален, член на бендот Љубиша Петрушевски.

Историја

уреди

Како бенд што расте, со појавата на клубот „Ариел“, ја имал таа можност, на самиот почеток на својата кариера, да биде во центарот на вниманието и да настапува на големи концерти. Пролетта 1993 година во групата дошол нов тапанар, Влатко Алексовски, и со него членовите на Д Хип настапиле како предгрупа на концертите на белградските состави „Казна За Уши“ (на 13.3.1993) и „Електрични Оргазам“ (на 24.4.1993). Од овој концерт потекнува и нивната прва снимка што ја пуштиле во јавноста, обработката на “The Stooges” - No fun. Песната, наредната, 1994, година, се нашла на компилациската касета Dossier Page 1, што е прво појавување на носач на звук на Д Хип. МАКЕДОНСКА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА 415 Х Х Н

На самите почетоци, бендот учествувал и на локалната гитаријада во Куманово, на која го добил своето прво признание во кариерата, за најнадежен кумановски бенд. Со згаснувањето на „Ариел“, групата го изгубила своето локално „упориште“, но добрите вибрации од Куманово започнале да ги шират и пошироко, во Скопје и на целата македонска сцена од тој период. Промените во бендот, кои станале сè почести, ги закочувале неговите членови во процесот на креативност, но никако не ги проретчувале концертните појавувања, и со новиот тапанар Сашо Стојковски-Серџо, есента 1993 година забележале неколку настапи во Скопје. Особено впечатлив за скопските фанови бил настапот во Куршумли Ан во септември 1993 година, кога за првпат извеле сет нови материјали, како и впечатливата преработка на “Television” - Foxhole. Настапот на ангажираниот фестивал „Stop The Madness“ одржан на 30 октомври во МКЦ, Скопје, го вброил бендот во редот на најдобрите македонски состави, притоа претставувајќи и` на публиката потполно нов сет песни: Space is deep, On the road, Waiting for the sounds of freedom. Третото претставување пред фановите во Скопје се случило во наредниот месец, на покана на новиот музички магазин „Тротоар“, кој се јавил како организатор на настанот, односно во ноември, на 13.11.1993 во МКЦ, бендот бил загревање за англискиот состав „Red Eye Express“. Со магазинот „Тротоар“ како поддршка, групата го имала и првото излегување надвор од Македонија, на 17.12.1993, на „Festival Underground Bendova Sa Prostora Ex Yugoslavije“ во Белград, во „Дом Омладине“, заедно со Suns.

Брзиот раст на бендот, позитивните критики што доаѓаат од сите страни и големите очекувања од јавноста, направиле притисок во самиот бенд, што резултирало со расцепување на неговото јадро. Бојан, еден од основачите, гo напуштил бендот многу бргу по враќањето од Белград. Истото го сторил и Серџо, непосредно по настапот во јануари на „Гитаријада ’94“, каде што овојпат членовите на Д Хип настапувале како гости. Ситуацијата пред колапс ја извадил Мартин Николиќ, гостин од Ниш, со чија помош настапот на гитаријадата го претвориле во вистински триумф, лекција по модерен рокенрол. Од овој концерт зад тапаните седнал Горан Поповски-Поп.

Новата обработка Interstellar overdrive од „Pink Floyd“, која премиерно ја извееле во Белград, во родното Куманово ја добило својата вистинска физиономија во фуриозната 13-минутна верзија, скоро во целосен мрак. По малку во сенка на Interstellar overdrive, поминала премиерната изведба на една тема што подоцна стане инстант андерграунд-хит, Suicide. Иако бендот е без две третини од оригиналната постава, што веројатно доста го забавувало интензитетот на работа, сепак костурот на она што за неколку месеци прераснало во Songs About Books And Flowers, веќе се насетувало.

Април и мај групата ги поминала во студиото „Cyber Space“ на Владимир Каевски (Cyborg), каде што во негова продукција биле наснимени материјалите за деби-албумот. Самото снимање добило огромна поддршка од страна на Сеад Хаџиќ-Сецко (Last Expedition), кој несебично ја ставил на располагање својата колекција на гитари и педали, но и самиот наснимил одредени парчиња од музиката на албумот. Завршувајќи го снимањето, во јуни, членовите на Д Хип се ослободени од големиот притисок и во една релаксирана атмосфера ја прифатиле понудата 18 јуни да го отворат фестивалот што го организира музичкото радио „Канал 103“, „Urban Fest ‘94“. Само за овој концерт, поставата на Д Хип е целосно изменета: басот го свирел Драган Георгиевски, а тапаните Димитар Петров (Last Expedition). За првпат групата е засилена и со втор гитарист, како испомош, Сеад Хаџиќ-Сецко. Есента 1994 година, „Trot Records“, издавачка куќа зад која стои магазинот „Тротоар“, издала еден од најпрогресивните албуми на своето време, албум што поставил некои нови стандарди на македонската рокенрол сцена. Деветте теми на албумот се инспирирани од психоделијата на шеесеттите и седумдесеттите години, но и од „Spacemen 3“, „Loop“ и „Sonic Youth“ во комбинација со тогаш модерниот пост-рок и гранџ-звук, внесувајќи ги гитарите и гитарските ефекти на голема врата во македонската музика.

До крајот на годината Д Хип, заедно со македонската андерграунд „елита“, 27 октомври настапиле на меморијалниот концерт „Tribute To Ушко“, оддвајќи му последна почит на еден од промоторите на таа надоаѓачка македонска сцена, Дејан Аргировски-Ушко. Вторпат таа година групата вклучила и втор гитарист во поставата, Александар Митевски. По иницијатива на Тротоар, Д Хип во декември 1994 година ја снимиле обработката на „Hawkwind“, Brainstorm, која се нашла на компилациското CD 14 Песни За Ушко. Во јануари 1995 година членовите на Д Хип повторно сe искачиле на сцената во МКЦ, овојпат како гости на финалната вечер на „Поп-Рок Фест ‘94“.

Најуспешниот концерт во својата кариера го одржале на 11.2.1995, во МКЦ, како загревање за новосадскиот состав „Obojeni Program“. Концертот истовремено биде пренесуван на брановите на музичкото радио Канал 103, што уште повеќе придонело групата да се здобие со култен статус, особено во Скопје и Куманово.

Интересно е да се истакне дека во овој период од почетокот на годината групата работела на создавање музика за театарска престава на Сашо Миленковски, во Кумановскиот театар, која подоцна МАКЕДОНСКА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА 416 требало да ја изведува во живо за време на претставата. За жал, непосредно пред самиот крај, поради некои несогласувања помеѓу режисерот и одговорните во театарот, претставата се откажала. Овој момент по малку влијаел на општата атмосфера во составот, но еден друг момент што некако паралелно се случил, го вратил бендот на стариот колосек. Имено, некаде во март таа година во Скопје престојувал музичкиот новинар на „Melody Maker“ и фронтмен на англискиот постпанк- состав „Gold Blade“, Џон Роб. Иако престојувал за кратко, го посетил бендот во студиото „Тра-Ла-Ла“ на Мите Димовски и ја испродуцирал новата песна на Д Хип, U.F.O.

Кулминација на популарноста на бендот бил настапот во родниот град, на големиот „Летен Рок Фестивал ‘95“, кој на 23 јуни се организира под отворено небо, во центарот на градот. Д Хип со право биле ѕвездата на фестивалот. Летото, во јули, групата одржала мал концерт за фанови, во скопскиот клуб „Doors“. Бас-гитарист на овој концерт бил басистот на Suns, Саша Павловиќ-Фреш. Како еден од главните бендови на „Трот Рекордс“, се појавиле и на фестивалот што бил организиран на 15.9.1995 во Куршумли ан. Во периодот што следува групата повеќе се свртела кон клупски настапи низ републиката оставајќи го главниот град по страна.

Во последната година од работата на Д Хип, на концертите во Куманово на „Гитаријада ’97“ и неколку дена претходно во Битола, во ноември 1996 година, како бас-гитарист се појавил Доне Скендеров (Green Grass Dreams). Последните пикови на бендот, се неколку фестивалски настапи, роденденот на музичкото радио „Канал 103“ во МКЦ во Скопје, второто издание на „Летен Рок Фестивал ‘96“ (22 јуни) во Куманово, гости на кумановската „Гитаријада ‘97“ (25 јануари) и на 28 јуни 1997 година, како гости на „Тиквеш Рок Фест“ во Кавадраци. Ова бил и последниот настап на Д Хип. Во овој период групата ги направила и последните два студиски снимки, Predator и Missile mind. Есента 1997 година бендот престанал со работа.

Паузата траела сè до 2000 година. Во мај, ненадејно, Д Хип одржале концерт во Куманово под покровителство на Училиштето за странски јазици „ABC“. На тој концерт групата се претставила со нови песни. Покрај Сале, во новата постава на Д Хип бил вклучен и Горан Стојменовиќ, кој уште во 1996 година го заменил Миќо Илиќ на бас-гитарата, но во новата постава бил втор гитарист и повремен пејач. Нов басист бил Влатко Христов, кој како најмлад ја донел неопходна свежина во бендот и кој заедно со Горан учествувал во компонирањето на добар дел од новиот материјал.

Вториот албум повторно го продуцирал Владимир Каевски, а дел од материјалот што го снимиле во живо е продуциран од страна на Сеад Хаџиќ-Сецко (Mooger Fooger). Во февруари 2001 година, групата со изнајмена опрема, во живо, снимила 7 песни, во киното во Автокоманда. Албумот со име Reality Overdrive го објавил „Avalon Production“ во 2002 година. За првпат во својата кариера Д Хип оствариле и соработка на една тема, во случајот со еден нејзин фан од минатото, поп-пејачката Кристина Арнаудова. За разлика од својот претходник, Reality Overdrive нуди пософистициран и помалку комуникативен музички израз. Д Хип овде е со амбиција да експериментира, а не да го гази патот кон популарноста и притоа да прави компромиси. Суштината на албумот ја чинат колажи на музички, филмски и литературни цитати склопени во форма на филозофско-спиритуелна и психоделична сеанса. Како промоција на овој материјал, „Avalon Production“ го вброиле бендот во листата на учесници на нивниот фестивал „Скопје Гори 2002“ (22 мај), овозможувајќи му да настапи на иста сцена со еден од своите идоли, „Echo And The Bunnyman“. На овој настап се забележало дека Д Хип, без помош на Горан Стојменовиќ (се сели во Белгија), реално нема веќе капацитет за да продолжи понатаму. Втората гитара на овој настап ја свирел Никола Радуловиќ.

Последниот концерт што го отсвиреле членовите на бендот бил мошне симболичен за нив, еден вид искажување почит кон публиката и воопшто македонската сцена. И тие биле дел од големата екипа на македонски бендови што преку концерт на популарната Школка во Градски парк („Не убивајте ја Стотројка!“, 19.4.2003) го поддржале музичкото радио „Канал 103“ во неговата борба за опстојување во етерот. Втор гитарист во бендот бил Ивица Димитријевиќ (Т.Б. Трачери).

Не долго потоа членовите на бендот едноставно се разотишле низ светот. Сале заминал за Австралија, Горан во Белгија, Мичо за Шведска, а тапанарот Горан за Катар.

Во 2013 година, еден од фановите на бендот, режисерот Јане Алтипармаков започнал со реализација на документарен филм за бендот. Во склоп на проектот тој, заедно со Љубиша Петрушевски, создале и видеопрезентација на комплетниот опус на групата. Акцентот е ставен на вториот албум, кој е концептуализиран во една спрега на визуелен, поетски и музички меланж, одразувајќи ја на таков начин подлабоката филозофија на Д Хип.  

Дискографија:

уреди

V.A. - Dossier Page 1 / No fun / MC / Corpus Delicti Records, 1994

Songs About Books And Flowers / MC / Trot, 1994

V.A. - Македонски Документ 2 / U.F.O. / CD / Trot, 1995

V.A. - 14 Песни За Ушко / Brainstorm / CD / Trot, 1995

V.A. - Летен Рок Фестивал ‘95 / Life in death / MC / РТК, 1995

V.A. - Летен Рок Фестивал ‘95 / Misty morning; Life in death / VHS / РТК, 1995

V.A. - 103 Live / Life is death / MC / Our Sound, 1996

V.A. - Strange Sounds / Not right / MC / Corpus Delicti Records, 1999

V.A. - Promotional Copy-Not For Sale / U.F.O. / MC / Corpus Delicti Records, 2000

Reality Overdrive / CD + Book / Avalon Production, 2002

Reality Overdrive / DVD / PMG Recordings, 2015  

ReplyForward