Договор за отстапување на побарување
Договор за отстапување на побарување – е договор меѓу две страни со кој едната страна (отстапувач) се согласува определено достасано но ненаплатено побарување да му го отстапи на некој свој доверител (примач). Со договорот за отстапување, првата страна (отстапувачот) може навремено и брзо да ја исполни својата обврска кон некој доверител, додека интересот на втората страна (примачот) лежи во тоа што го прима побарувањето со сите негови права (камата, казнена камата итн.). Исто така, интерсот на примачот се состои од тоа што износот на отстапеното побарување вообичаено се намалува за одреден процент (од 5 до 15%) во корист на примачот.
Договорот за отстапување на побарување во македонското право
уредиВо Македонија, договорот за отстапување е регулиран со Законот за облигационите односи, чиј член 424 пропишува дека доверителот може да склучи договор со трето лице на кого му го пренесува своето побарување, освен она чие пренесување е забрането со закон или кое е врзано за личноста на доверителот или кое според својата природа е спротивно на пренесувањето. Притоа, договорот за пренос на побарувањето нема дејство ако доверителот и должникот се договориле дека побарувањето не може да се пренесе на трето лице или дека не може да се пренесе без согласност на должникот. Сепак, законот пропишува дека за пренос на побарувањето не е потребна согласност на должникот, иако пренесувачот има обврска да го извести за извршеното отстапување. Врз основа на договорот за пренос на побарувањето, врз примачот на побарувањето преминуваат и сите споредни права, како што се: залогот, хипотеката, правото на камата, договорната казна итн. Исто така, се претпоставува дека достасаните а ненаплатени камати се пренесуваат врз примачот на побарувањето.
Во членот 432 од Законот за облигационите односи е пропишан и договорот за отстапување наместо исполнување или наплатување. Со првиот договор, наместо да ја исполни својата договорна обврска, должникот може да отстапи некое свое побарување (целосно или делумно), со што се смета дека ја исполнил обврската. Кај вториот вид договор, кога должникот ќе отстапи свое побарување наместо да ја исплати обврската, тогаш неговата обврска згаснува само кога примачот на побарувањето ќе успее да го наплати отстапеното побарување. Ако со договорот се отстапува побарување што се наоѓа во извршна постапка, тогаш договорот се солемнизира кај нотар при што треба да се достави оригинал или заверен препис на извршната исправа (решение, пресуда, судско порамнување, вонсудска спогодба итн.). Потоа, со допис се известува извршителот и му се доставува примерок од договорот за отстапување.[1]
Наводи
уреди- ↑ Никола Главинче, „Исплата на обврски со отстапување на побарување“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 62-63.