Deus ex machina (се чита: деус екс макина) — латинска фраза која се користи да опише неочекуван, вештачки или неверојатен лик, уред или настан кој ненадејно се појавува во текот на драмското дејствие со цел да се разреши некоја ситуација или да се разреши заплет. На пример: протагонистот се буди и гледа дека сето тоа било сон, или пак ангел ненадејно се појавува да ги реши проблемите кои не можат да ги решат ликовите.

Проширеното значење на фразата се однесува на било која разрешница која не е во согласност со интерната логика на приказната и е толку неверојатна што го загрозува прифаќањето на основните нереалистични премиси на делото кај гледачот.

Фразата буквално значи „бог од машината“. Фразата потекнува од античкиот грчки и римски театар, кога се користела машина (кран) да спушти на сцената глумец во улога на бог (или богови) за да се разреши безнадежна ситуација.