Двајцата велможи од Верона

драма од Вилијам Шекспир

Двајцата велможи од Верона (англиски: The Two Gentlemen of Verona) ― комедија од Вилијам Шекспир, за која се смета дека е напишана помеѓу 1589 и 1593 година. Некои ја сметаат за прва драма од Шекспир. Во драмата се обработува тематиката за пријателството и неверството, недоумицата меѓу пријателството и љубовта и глупавото однесување на заљубените луѓе.

Двајцата велможи од Верона од Ангелика Кауфман (1789)

Двајцата велможи често се смета за една од најслабите драми на Шекспир.[1] Исто така, тоа е драма од Шекспир со најмалку ликови.[2]

Лица

уреди

 

  • Војводата од Милано, татко на Силвија
  • Валентин, благородник од Верона
  • Протеј, негов пријател
  • Антонио, татко на Протеј
  • Турио, глупав соперник на Валентин за Силвија
  • Егламур , соучесник на Силвија во бегство
  • Брзина, слуга на Валентин
  • Ленс, слуга на Протеј
  • Пантино, слуга на Антонио
  • Сопственик на хотелот во Милано, каде што се сместила Јулија
  • Одметници
  • Јулија, дама од Верона во која е заљубен Протеј
  • Силвија, ќерката на војводата, во која е заљубен Валентин
  • Лучета, слугинка на Јулија

слуги, музичари

Дејство

уреди
 
Силвија од Чарлс Едвард Перуџини (1888)

Валентин и Протеј се двајца пријатели кои пораснале заедно во Верона. Таткото на Валентин решава да го испрати на дворот на војводата од Милано за да ги прошири своите хоризонти. Тој го моли својот најдобар пријател, Протеј, да дојде со него, но тој е вљубен во Јулија и одбива да замине. Разочаран, Валентин се збогува со Протеј и оди сам. Во меѓувреме, Јулија и нејзината слугинка Лучета разговараат за Протеј; слугинката ѝ вели на Јулија дека смета дека Протеј ја сака. Јулија, сепак, се срами да признае дека ѝ се допаѓа. Лучета потоа вади писмо. Таа ја задева Јулија дека слугата на Валентин, Спид, го донел од Протеј. Јулија, која сè уште не сака да ја открие својата љубов налутено го кине писмото. Таа ја испраќа Лучета, но кога ќе остане сама ги зема искинатите делчиња од писмото, ги бакнува и се обидува повторно да ги спои.

Во меѓувреме, таткото на Протеј одлучил и неговиот син да оди во Милано и да му се придружи на Валентин. Тој наредува Протеј да замине следниот ден. Протеј и Јулија се збогуваат со солзи, а Протеј ѝ се колне на вечна љубов. Двајцата разменуваат прстени и завети, а Протеј ветува дека ќе се врати најбрзо што може.

Во Милано, Протеј сваќа дека Валентин се заљубил во ќерката на војводата, Силвија. И покрај тоа што е заљубен во Јулија, Протеј веднаш се заљубува во Силвија и се заветува дека ќе ја освои. Несвесен за чувствата на Протеј, Валентин му кажува дека војводата сака Силвија да ја омажи за лудиот, но богат Турио, и покрај нејзиното противење. Бидејќи кај Војводата се јавува сомнеж дека неговата ќерка и Валентин се заљубени, навечер ја заклучува во кула, а единствениот клуч го држи кај себе. Сепак, Валентин му се доверува на Протеј дека планира да ја ослободи со жичана скала и потоа заедно да избегаат. Протеј за ова веднаш го известува војводата, кој потоа го протерува Валентин. Додека талка во околината на Милано, Валентин се соочува со група одметници, кои му велат дека и тие се исто така прогонети велможи. Валентин ги лаже, и им вели дека бил протеран затоа што убил човек во фер борба, а одметниците го избираат за свој водач.

 
Валентин ја спасува Силвија од Протеј од Вилијам Холман Хант (1851)

Во меѓувреме, во Верона, Јулија одлучува да отпатува кај својот љубовник во Милано. Таа ја убедува Лучета да ја облече во машка облека и да ѝ помогне да ја уреди косата за да не ѝ се оштети при патувањето. Кога ќе стигне во Милано, Јулија гледа како Протеј ѝ пее серенада на Силвија и ѝ станува јасно дека тој е вљубен во Силвија. Таа се досетува да му стане негов паж - Себастијан - додека не одлучи што да прави понатаму. Протеј го праќа Себастијан кај Силвија со прстенот кој Јулија му го дала во Верона како подарок, но Јулија сваќа дека Силвија ја презира наклонетоста на Протеј и е згрозена од тоа што ја заборавил својата љубов дома, т.е. Јулија. Силвија тагува по Валентин, за кого Протеј ѝ рекол дека надчул дека е мртов.

Силвија се сомнева дека Валентин е мртов, и со помош на Сер Егламур одлучува да побегне од градот. Тие бегаат во шумата, но кога ќе се соочат со одметниците, Егламур успева да побегне, а Силвија е заробена. Одметниците одлучуваат да ја однесат кај нивниот водач (Валентин), но по пат ги среќаваат Протеј и Јулија (сè уште маскирана како Себастијан). Протеј ја спасува Силвија, а потоа трча по неа подлабоко во шумата. Тајно набљудуван од Валентин, Протеј се обидува да ја убеди Силвија дека ја сака, но таа го отфрла неговото додворување.

Протеј вика дека ќе ја силува, но во тој момент интервенира Валентин. Згрозен од случувањата, Протеј вели дека омразата што Валентин ја чувствува кон него не е ништо во споредба со омразата што ја тој чувствува за себе. Убеден дека покајанието на Протеј е искрено, Валентин му простува и се чини дека отстапува од љубовта кон Силвија во корист на Протеј. Тогаш, Јулија се онесвестува, и се открива нејзиниот вистински идентитет. Откако ја видел, Протеј одеднаш се сеќава на љубовта кон неа и повторно ѝ ветува верност. Одметниците ги носат Војводата и Турио како затвореници. Откако ќе ја види Силвија, Турио тврди дека е негова, но Валентин го предупредува Турио дека ако направи еден чекор кон неа, ќе го убие. Преплашен, Турио се откажува од Силвија. Војводата, згрозен од кукавичлукот на Турио и восхитен од постапките на Валентин, ја одобрува љубовта меѓу Силвија Валентин и се согласува на нивен брак. Силвија и Валентин се среќни што се повторно заедно, а војводата ги помилува одметниците, велејќи им дека може да се вратат во Милано.

Наводи

уреди
  1. Carroll (2004).
  2. Greenblatt и др. (2008).

Надворешни врски

уреди