Благоја Дончев
Благоја Дончев (с. Вељуса, Струмица, 21 јануари 1951 – Скопје, 23 октомври 2021) – дипломиран градежен инженер, долгогодишен претседател на Управниот одбор и генерален директор на АДИНГ АД Скопје.
Дипломирал на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Професионалниот пат го започнал во 1980 година, минувајќи низ сите скалила на компанијата АДИНГ. Најпрво работел како инженер во лабораторијата, потоа на неколку одговорни раководни позиции, а од 1990 година е избран за директор за техничка примена и инженеринг работи со комерција, односно до 2006 година паралелно ги извршувал и заменичките функции во Управниот одбор на компанијата.
Во 2006 година станал претседател на Управниот одбор и генерален директор на АДИНГ АД Скопје. Оваа одговорна функција ја извршувал 15 години во континуитет, а новиот мандат го започнал во јули 2021 година. Како прв човек на АДИНГ АД Скопје, раководел со целокупното работење на деловниот систем АДИНГ, во чиј состав покрај матичната компанија се вброени уште и 3 ќерки фирми во целосна сопственост во Р Македонија и 3 компании во целосна сопственост во странство, во Р. Србија, Р. Бугарија и Р. Казахстан.
Постојаната желба за доградување, обновување и прифаќање на новитетите од технолошки и естетски аспекти беа негов личен печат на севкупниот раст на оваа компанија.
Неговата неисцрпна енергија, оптимизам, верба и смисла за комуникација и лидерство, но и работната етика, дисциплина, чесност и принципи на верност кон заедничкиот дом – Адинг, се пренесоа и кај помладата генерација. Вработените веруваа во неговото водство и го ценеа тоа. Секогаш беше на чекор пред сите, докажувајќи дека и невозможното има можности за остварување.
Во текот на својот личен и професионален пат негувал исклучително одговорен однос спрема вработените, спрема општеството и заедницата, сметајќи дека тоа е обврска на секој поединец и на секоја компанија. Добитник е на низа награди и признанија за општествено одговорни практики, но и од областите на бизнисот и менаџментот во земјава и странство. Негово последно позначајно признание е добиената награда „Креатори на столетието“ во 2019 година на Средна и Југоисточна Европа за животно дело во развојот на претприемништвото во Северна Македонија.
Во 2004 година бил главен иницијатор за создавање на списанието за градежништво, архитектура и екологија „Порта 3“. Визијата што ја имал била да создаде медиум кој ќе ги насочи рефлекторите кон градежништвото и архитектурата. Успеал во намерата да собере истомисленици, да инспирира круг на луѓе, новинари и стопанственици, што ќе го поддржат во намерата и списанието тргнува по својот пат. Понатаму, до крајот на својот живот, тој е најголемата поткрепа за опстојувањето на овој редок печатен медиум во време кога печатените медиуми се гаснат.
Благоја Дончев зел активно учество и давал постојана поддршка на Стопанската комора на Р. Северна Македонија, како и на поновите мешовити комори како Македонско-Руската, Македонско-Бугарската Архивирано на 29 февруари 2024 г. и слични коморски здруженија.
Тој како лидер и визионер бил учител за многу генерации професионалци и бил пример за техничко знаење, висока работна етика, принципиелност и достоинство. Ова се дел од вредностите што ги вградил во темелите на компанијата и кои и денес се нејзин нераскинлив дел. Со неговото мото дека „АДИНГ е и ќе биде состојка на секоја градба“, изградил здрави основи за понатаму. Преку личен пример и пожртвуваност, успеал да го пренесе ентузијазмот многу пошироко од рамките на компанијата, секогаш нагласувајќи дека македонските компании можат и мораат да создаваат брендови кои ќе излезат надвор од границите на државата.
Благоја Дончев починал на 70-годишна возраст, оставајќи зад себе семејство со сопруга, две ќерки и нивните фамилии. Неговото семејство, со кое бил исклучително поврзан и близок, како и компанијата АДИНГ изгубија пред сè човек и еден од најголемите визионери во нејзината историја.