Балканско хаику – Харикири (македонска хаику поезија)
„Балканско Хаику - Харикири“ е книга со хаику поезија за возрасни на македонскиот поет Александар Саша Трајковски. Збирката поезија е во издание на битолското издавачко здружение за книжевен развој „Нов Вавилон“, пуштена во печат месец март, 2023 година.[1][2]
Станува збор за кратки поетски форми, односно хаику поезија, каде што хаику-мајсторот го обработува балканскиот самоубиствен менталитет на народот, па токму затоа во насловот е содржан и зборот „харикири“, кој на јапонски значи достоинствено самоубиство за кое што се користи посебен вид на меч наречен катана.
„Ова е краток, но доста интересен ракопис, каде што поетот ,боцка’ директно во сржта на балканската, македонската психолошка наезда. Од само едно кратко ѕирнување помеѓу кориците на оваа книга, ни станува јасно каде и како живееме, какви се навиките на народот на ова поднебје, како и длабоката психолошка нарав кон самопропаст, но и наштетувајќи му и издавајќи го најблискиот.“ — напишaла поетесата Соња Змејкоска Илијовска.