Знаци за припадност на АРМ

уреди

Единствениот знак за припадност на Армијата, претставува стилизиран цвет на сончоглед, изработен на метал или везен на ткаенина. Цветот го претставуваат 12 листови со златножолта боја. Во средината е црвено поле со кружен облик на кое е испишан натпис ,,АРМ”. Припадниците на Армијата, единствениот знак за припадност на Армијата на Република Македонија, го носат на плик-капа, капа, баретка и шапка. Единствениот знак за припадност за плик-капа и шапка се изработува во метал, а за баретка и капа со везење. Единствениот знак за припадност за баретка и шапка е со пречник од 40mm, а за плик-капа и капа е 28mm. Единствениот знак за припадност, кај генералите на Армијата на Република Македонија е обвиен со две ловорови гранчиња со златно-жолта боја во полукруг и е изработен од метал.

Знакот на ЗОК

уреди

Ознаката на Здружената оперативна команда е во форма на круг обрабен со жолта боја, поделена во два круга. Првиот круг е на темносина основа, на кој е испишан натпис ,,ЗДРУЖЕНА ОПЕРАТИВНА КОМАНДА”, а во долниот дел симетрично се поставени девет ѕвезди со пет крака. Во вториот круг во основата на горната половина е државното знаме, додека долниот дел е на светлозелена основа. Во средина е претставен тенк, на врвот од топовската цевка на тенкот е прикажан меч со сечилото нагоре, под тенкот се прикажани топовска цевка и пушка, од средината на тенкот се прикажани две крила.

Знакот на ГШ на АРМ

уреди

Ознака на Генералштабот на АРМ Ознаката на Генералштабот на АРМ е во форма на круг, обрабен со златно-жолта боја, на основа во темно-окер боја, во која е внесен штит со црвена боја, на кој има две вкрстени пушки и меч, а во средината на штитот стои единствениот знак за припадност на Армијата, кој е опкружен со стилизирани дабови лисја споени во лента со златножолта боја, на која е испишан натпис ,,ГЕНЕРАЛШТАБ”.

Знакот на Првата Механизирана Пешадиска Бригада

уреди

Ознаки во Првата механизирана пешадиска бригада Ознаката на Првата механизирана пешадиска бригада е во форма на штит обрабен со црна боја, на зелена основа, каде е претставена скорпија во црна боја, а над неа во лента со светла окер боја со црни букви е испишано логото на единицата: ,,ЧЕСТ И СИЛА”.

Знакот на Втората Механизирана Пешадиска Бригада

уреди

Ознаката на Втората механизирана пешадиска бригада е во форма на штит обрабен со црна боја, на темнозелена основа, а во средина на ознаката е претставена глава од леопард во портокалова и црна боја, а над неа во лента со жолта боја со црни букви е испишано логото на единицата: ,,СИЛА ЗА МИР”.

Знакот на Оклопниот Баталјон

уреди

Ознаката на Оклопниот баталјон е во форма на штит обрабен со жолта боја, на зелена основа, во средината е претставен оклопен коњаник-витез кој со копјето прободува змеј во црна и сива боја, а под нив претставено тенк во профил во сива боја, а над коњаникот на лента во жолта боја, обрабена со црна боја и со иста боја е испишано логото на единицата ,,МОЌТА Е СО НАС”.

Знакот на Самоодниот хаубички артилериски баталјон

уреди

Ознаката за Самоодниот хаубички артилериски баталјон е во форма на штит обрабен со црна боја, на зелена основа, во средината е претставен змеј свртен кон левата страна, а над него се прикажани вкрстени цевка од топ и ракета во жолта боја, а над нив на лента во жолта боја, обрабена со црна боја и со истата боја е испишано логото на единицата ,,СИЛЕН И ВЕШТ”.

Знакот на Баталјонот за ПВО

уреди

Ознаката на баталјонот за Противвоздушна одбрана е во форма на штит обрабен со жолта боја, на светлосина основа, во средината се претставени вкртсени ракета и цевка од топ свртени нагоре, во чии горен дел се наоѓа радарска антена зад која се издадени кобри во став за борба. Зад наведените симболи на основата се претставени патеки на две ракети кои се протегаат од десниот долен дел кон левиот горен дел, а над нив во лента со светлосина боја, која е обрабена со темносина боја, со црна боја е испишано логото на единицата: ,,ЧИСТО НЕБО”.

Знакот на Баталјонот за Воена Полиција

уреди

Ознаката на баталјонот на Воената полиција е во форма на штит обрабен со светложолта боја, на сива основа, на средината е претставен штит во кафена основа, во чија внатрешност има прикажано сонце со зраци во светложолта боја, а во позадината на штитот се претставени два вкрстени меча, обрабени во црна боја, со сечивата надолу. На врвот на штитот со црни букви е испишан натпис: ,,ВОЕНА ПОЛИЦИЈА”. Над штитот на лента во светложолта боја, обрабена со црна боја и со иста боја е испишано логото на единицата: ,,СЕКОГАШ ПОДГОТВЕНИ”.

Знакот на Баталјонот за Врски

уреди

Ознаката на Баталјонот за врски е во форма на штит обрабен со жолта боја, на црвена основа, во средината е претставен меч со сечивото нагоре, зад горната половина на мечот се поставени две вкрстени знаменца во жолта и црвена боја. Во долниот дел се прикажани два дабови листа по чија средина е прикажана по една молња со црвена боја. Над сечивото од мечот на лента во светложолта боја, обрабена со црна боја и со иста боја е испишано логото на единицата: ,,ИНФОРМАЦИЈАТА Е МОЌ”.

Поврзано

уреди

Армија на Република Македонија