Црква „Св. Ѓорѓи“ - Драгомирци

црква во Драгомирци, Кукушко

Свети Ѓорѓи (грчки: Αγίου Γεωργίου) — црква во селото Драгомирци, Кукушко, Егејска Македонија. Влегува во состав на Полјанско-кукушката епархија на Цариградската патријаршија.[1] Во 1981 г. црквата е прогласена за заштитен споменик.[2]

Свети Ѓорѓи
Aγίου Γεωργίου
Карта
41°0′35″N 22°39′45″E / 41.00972° СГШ; 22.66250° ИГД / 41.00972; 22.66250
МестоДрагомирци, Кукушко
ЗемјаЕгејска Македонија, Грција
ВероисповедЦариградска патријаршија
Архитектура
Културнонаследна категоријаспоменик на културата
Архит. типтрикорабна базилика
Завршена1806
Управа
Архијерејско намесништвоКрестонско
ЕпархијаПолјанско-кукушка

Архитектура уреди

Црквата престставува трикорабна базилика, најтипична за своето време. Има димензии од 19,80 × 9,70 м, полукружна апсида во источниот дел на градбата, и нартекс и галерија на запад. Порано имала трем на југ, за што сведочат остатоците од дрвените потпори во ѕидовите.[1]

Внатре црквата корабите се поделени со две колонади од по четири пара столбови. Средниот кораб е поширок. Столбовите се дрвени и аглести, но премачкани со гипс за да изгледаат цилиндрични. Апсидата е полукружна, а нишите на жртвеникот и ѓаконикот не излегуваат од источниот ѕид. Галеријата е над нартексот на западната страна и до неа се стасува по дрвени скалила од северната страна. Храмот има два влеза — јужниот води во наосот, а западниот во нартексот. Прозорците се малку на број и имаат хоризонтачни железни пречки. Зачуван е оригиналниот под, направен од плочи од малтешки камен.[1]

Покривот е симетричен на средишната оска и има засеци на источната и западната страна. Апсидата има сопствен покрив.[1]

Камената камбанарија на југоисточниот агол на комплексот е подоцнежна. Под покривот има четири сводести отвори. На источниот ѕид во песочник е врежана годината 1895.[1]

Живопис и украси уреди

На јужниот ѕид на храмот, лево над главниот влез има мермерна плоча со натпис. Во средиштето е обликуван крст со иницијалите Ι(ησού)ς Χ(ριστό)ς ΝΙΚΙ. Натписот гласи „ΜΙΝ ΑΠΡΙΛΙΟΣ/ ΙΣ ΕΤΟΣ 1806 ΜΕΙ/ ΓΕΟΡΓΕΚΟΣ Ο ΜΙΤΡΕΣΤΙ/ ΠΑΠΑ ΙΟΥΑΝΙ ΧΡΙΣΟ“. Од него дознаваме дека црквата е изградена во април 1806 г. по стар стил. Градителот е наведен како „Георгекос Митрешти“ (Ѓорѓи Митревски?), а свештеникот како Јован Хрисо (Христов?).[1]

Столбовите на наосот се украсени со цветни мотиви. Над лаковите и во соодветните горни подрачја на јужниот и северниот ѕид се претставени сцени од циклусот за Христос — Сретението Господово, Поклонението на мудреците, Воскресението Лазарево, Преображението Христово и други. На источниот ѕид е Благовештението, Рождеството Христово, сцени од чудата, Страстите и Воскресението Христово. Во конхата на апсидата е претставена Богородица Патеводителка со Христос, а под нив има јерарси. На јужниот ѕид меѓу таванот и вратата е претставен Легнатиот Христос, а потоа и Второто пришествие, макар што сцената во голема мера е уништена.[1]

Во левиот дел над влезот е откриен натпис со сина боја и големи букви, на кој се вели дека средствата за храмот ги дало трговското семејство Чорбаџиски. Натписот ги наведува и зографите кои ги обновиле фреските — Евстатиос Ангелу од Солун и Димитар Вангелов (Димитриос Евангелу), а годината на обновата е укажана како 1863. Димитар Вангелов е од Петрово иако во почетокот на кариерата соработувал и со уметници од Солун. Некои од неговите творби можат да се видат на подрачјето на Кукушко и Солунско.[1]

Главните фигури имаат долги лица и големи очи, долги носови и темна кожа. Фигурите на втор план се помали и етерни. Облеклата ги следат линиите на телото и ја разоткриваат неприродната и нескладна структура.[1]

Иконостасот е резбан и се потпира на првиот пар столбови од источната страна. Изработен е во втората половина на XIX век и по висина е поделен на три подрачја. Првото подрачје се состои од прости табли, втората од седум големи икони, а третата од 22 мали икони, кои не се целосно зачувани. Фризовите се изрезбани со цветни и животински мотиви.[1]

Малите столбови на царските двери се овенчани со човечка фигура во фустанела која носи тојага во левата рака. Вон царските двери, на вратичката на жртвеникот е претставен Архангел Михаил. Во долниот дел на оваа фреска има натпис на авторот на иконостасот — истакнатиот тресонечки творец Дичо Зограф, претставник на Дебарската школа. Над иконостасот има крст со два змеја.[1]

На средниот столб од северната колонада е сместен деветтостраниот амвон. На секоја од овие страни се насликани четворицата евангелисти и столбовите на верата. Крај фигурата на Свети Атанас Кулакиски, новомаченик настрадан за верата во 1774 г., се гледа натписот: „Κύριε Ιησού/ Χριστέ ελέ(η)σον και σωσον του κεκοι(μη)μέ/νου δούλου σου Αθανά/σιος Πέϊκου και αξίω/σον αυτόν εν τη επου/ρανίω Βασιλία σου/Αμήν“. („Господи, Исусе Христе, помилуј и спаси го работ твој Атанас Пејков и прими го во Царството Твое, Амин.“)[1]

Северниот правоаголен дел на амвонот, кој се состои од големи табли, е украсен со цветни мотиви. Во горното подрачје има букети од рози, а во долното – две качулести дрва и три високи чемпреси. Во средиштето има минускулен калиграфски натпис: Χείρ Ζήση παππά/ Κων(στ)αντίνου Ζωγρά/φου ἐκ Κολακιάς/ τῷ αωξζ΄. Според натписот, амвонот е дело на зографот Зисис Папаконстантину, претставник на Кулакиската школа од погрченото солунско село Кулакија.[3] Владичкиот престол е прост, со змејски глави во подножјето. Пет пренсливи икони се дело на други претставници на Кулакиската школа — Атанасиос Маргаритис и Ставракис Маргаритис од 1859 и 1861 г. Подоцна тие се преместени во поновата црква.[1] Во храмот има икони на Димитар Вангелов.[4]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 Χατζούλη, Γλυκερία Μ. „Ιερός Ναός Αγίου Γεωργίου στο Βαφειοχώρι“. Promo.cross. Архивирано од изворникот на 2014-12-05. Посетено на 21 јуни 2014.
  2. „ΥΑ ΥΠΠΕ/ΑΡΧ/Β1/Φ34/8276/214/26-2-1981 - ΦΕΚ 182/Β/31-3-1981“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2022-05-12. Занемарен непознатиот параметар |access0date= (help)
  3. Ευγενίδου, Δέσποινα (1982). Μια „Συντεχνία“ αγιογράφων του 19ου αιώνα από την Κολακιά (PDF). Θεσσαλονίκη: Μακεδονικά, Τόμος ΚΒ (1982) 180-204. стр. 182. Посетено на 10 јуни 2014.
  4. „Ταξιδεύοντας με τους ζωγράφους“ (PDF). Υπουργείο Πολιτισμού και Αθλητισμού. Εφορεία Αρχαιοτήτων Κιλκίς. Посетено на 23 јуни 2018.